46/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 23 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 69-а од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004,127/2006 и 114/2009) и

б) уставноста и законитоста на насловот во делот “критериумите”, член 1 во делот “критериумите”, Глава 4 со наслов “Kритериуми за распределба на дозволи” и членовите 18 до 26 од Уредбата за постапката, критериумите и начинот на распределба на дозволата за меѓународен превоз на стоки („Службен весник на Република Македонија“ 107/2007).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 68 став 2 и член 69 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот и подзаконскиот акт означен во точкaта 2 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 68 став 2 во делот “критериумите” и членот 69 од Законот како и оспорените одредби и делови од одредби од Уредбата биле во спротивност со уставните принципи содржани во член 8 став 1 алинеи 3 и 4; член 51; член 68 став 1 алинеја 2 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија. Имено,оспорениот член 68 став 2 од Законот предвидувал дека постапката, критериумите и начинот на распределба на дозволите за меѓународен превоз на стока ги пропишувала Владата на Република Македонија, нo таа не можела да има овластување и во законодавната власт. Даденото овластување за пропишување на критериумите на распределбата на дозволите за меѓународен превоз на стоки значело навлегување во законодавната власт која била издвоена од извршната власт, односно тоа претставувало отстапување од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и општиот принцип на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. При ова требало да се има предвид дека во Законот не биле содржани никакви критериуми и мерила за определување на критериумите на распределбата на дозволи за меѓународен превоз на стоки.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба од членот 69-а од Законот се излегувало надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител на тој начин што со закон и надвор од евентуално изречената судска казна се определувале и други последици за граѓаните, и на тој начин им се ограничувале утврдените слободи и права. Оттаму, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25, член 51 и член 54 од Уставот.

Поради наведените причини подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оспорените одредби од Законот и од Уредбата.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 68 став 2 од Законот, по поднесување на иницијативата, со Законот за изменување и дополнување на законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009) добил нова содржина и сега гласи:

„Распределбата и дистрибуцијата на дозволите се врши по електронски пат врз основа на следните критериуми:број на товарни моторни возила регистрирани за вршење на меѓународен превоз на стоки за кои има извод од лиценца; број и квалитет на возниот парк за поединечните транспортни дозволи од Е0-Е5 и повеќе, а за ЕКМТ дозволи од Е3-Е5 и повеќе; број на возачи во редовен работен однос кои поседуваат соодветен сертификат; број на правилно искористени поединечни транспортни дозволи односно ефикасно користени ЕКМТ дозволи, висина на добивка од работењето по оданочување; (биланс на успех од предходната година), висина на вкупен приход од претежна дејност (образецот на структура на приход од дејност-СПД образец од претходната година) и минимум една година вршење основна дејност меѓународен јавен превоз за учество во распределба на ЕКМТ дозволи.“ Ставот 2 кој станал став 3, исто така е изменет и сега гласи: “Начинот на распределба, дистрибуција и ревизија на искористеност на дозволите за меѓународен превоз на стока согласно критериумите од ставот 2 на овој член ги пропишува Владата на Република Македонија.”

Оспорениот член 69 од Законот, со Законот за изменување и дополнување на законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009) добил нова содржина и сега гласи: „Дозвола за меѓународен превоз на стока може да добие превозник кој има лиценца за вршење на меѓународен превоз на стоки и кој ги исполнува критериумите од членот 68 став 2 на овој закон.Барањето за добивање на дозвола од ставот 1 на овој член се поднесува до Министерството за транспорт и врски. За добивање на ЕКМТ дозвола превозникот покрај критериумите од членот 68 став 2 мора да поседува и сертификат за подготвеност за сообраќај на возилата. Сертификатот од ставот 3 на овој член го издава правно лице овластено од министерот за транспорт и врски кое за вршење на дејноста располага со соодветен простор, технички уреди за вршење на дејноста и најмалку пет лица во редовен работен однос од кои три лица со високо образование со машински факултет и со најмалку пет години работно искуство во струката и две лица со средно стручно образование машински, сообраќаен или електротехничар. Поблиските услови за просториите, техничките уреди од ставот 4 на овој член како и формата и содржината на сертифи-катот од ставот 3 на овој член го пропишува министерот за транспорт и врски.“

Судот на седницата, исто така, утврди дека со членот 44 од последната измена на законот во оспорениот член 69-а од Законот, по алинејата 3 била додадена нова алинеја 4 и членот сега гласи: „Министерството за транспорт и врски ќе ги исклучи од распределба на EKMT дозволи во следните две години сите превозници за кои е донесена правосилна пресуда дека извршиле злоупотреба на дозволите. За злоупотреба на EKMT дозволата од ставот 1 на овој член ќе се смета, ако превозникот: направил какви било измени во податоците внесени во дозволата или фалсификувал дозвола; дозволата не ја користел во согласност со нејзината намена или ја отстапил на друг превозник и не ја вратил одземената EKMT дозвола по правосилноста на решението со кое му била одземена и „ дозволата ја отстапил на друг превозник“.Од распределбата на дозволи од ставот 1 на овој член ќе се исклучи и превозник ако се утврди дека во постапката за распределба доставил фалсификувана документација.

Судот на седницата утврди дека, во членот 1 од Уредбата за постапката, критериумите и начинот на распределба на дозволата за меѓународен превоз на стоки, е предвидено дека со оваа уредба се пропишува постапката, критериумите и начинот на распределба на дозволи за меѓународен превоз на стоки.

Во Глава 4, со наслов, Критериуми за распределба на дозволи, во членот 18 е предвидено дека распределбата на дозволи за превоз на стоки се врши автоматизирано по електронски систем врз основа на следните критериуми:
1. Број на товарни моторни возила регистрирани за вршење на меѓународен превоз на стоки за кои има извод од лиценца;
2. Број и квалитет на возниот парк за поединечни транспортни дозволи од ЕО-Е5 а за ЦЕМТ дозволите од Е3-Е5;
3. Број на возачи во редовен работен однос кои поседуваат соодветен сертификат;
4. Број на правилно искористени поединечни транспортни дозволи односно ефикасно користени ЦЕМТ дозволи;
5. Висина на добивка од работењето по оданочување (биланс на успех од предходната година);
6. Висина на вкупен приход од претежна дејност (образецот на структурата на приход од дејност согласно номенклатурата 60.24-превоз во друмскиот сообраќај по дејност- СПД образец од претходната година).Минимум една година вршење основна дејност меѓународен јавен превоз за учество во распределба на ЦЕМТ дозволи

Според член 19 критериумот од член 18 точка 1 на оваа Уредба ќе се применува како вкупен број на возила кои учествуваат во распределбата на сите дозволи за превоз врз основа на евиденцијата која се води во Министерството за транспорт и врски.

Според член 20 критериумот од член 18 точка 2 од оваа уредба ќе се применува така што за секое влечно возило од возниот парк се одредуваат бодови и тоа за: Еуро 5 возило (Е5)-15 бода; Еуро 5 возило (Е4)-10 бода; Еуро 5 возило (Е3)-6 бод; Еуро 5 возило (Е2)- 3 бода; Еуро 5 возило (Е1)-2 бода; возило чија година на производство не е постара од 20 години (ЕО) -1 бод. 2.Доколку со влечното возило Е3, Е4 и Е5 превозникот има и приклучно возило се додаваат уште 5 бода по возило. 3.Критериумот, квалитет на возниот парк за добивање на ЦЕМТ дозволи се применува така што на превозникот му се утврдува бројот на влечни и приклучни возила врз основа на важечки сертификати во согласност со члено 69 став 2 од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Согласно член 22 од Уредбата критериумот од член 18 точка 4 од оваа уредба се применува со утврдување на број на правилно искористени поединечни транспортни дозволи, односно ефикасно користени ЦЕМТ дозволи. Правилно искористена поединечна транспортна дозвола е дозвола во која: се внесени точни податоци; не се бришани или менувани податоците; користена е во согласност со наменатa; не е отстапена на друг превозник и е вратена во рок од 60 дена од превземањето.

Според член 23 ранг листа за ефикасно користење на ЦЕМТ дозволи се формира според извршени превози (со товар) за период од 1 јануари до 30 септември во тековната годинa: од 15 до 25 извршени превози–1 бод/дозвола; од 26 до 40 извршени превози – 2 бода/ дозвола; од 41 до 50 извршени превози – 3 бодa/ дозвола; над 51 и повеќе извршени превози на превозник му се доделува ист вид на ЦЕМТ дозвола, како бонус за ефикасно користење,доколку истата е предмет на распределба. Согласно став 1 од овој член се формира Ранг листа на превозници за ефикасно користење на ЦЕМТ дозволи во согласност со исполнување на условите од член 31 на оваа уредба. Ефикасно користење на ЦЕМТ дозволата подразбира извршување на минимум 15 превози за 9 месеци и навреме доставување по хронолошки ред извештаи за користење на ЦЕМТ дозвола. Превозникот до 20-ти во тековниот месец доставува извештаи за претходниот месец. За секој превоз за кој нема заверка од царинскиот орган се доставува товарен лист ЦМР. Врз основа на член 82 од Законот за превоз во патниот сообраќај и став 3 од овој член се врши одземање на ЦЕМТ дозволи. Одземените ЦЕМТ дозволи се прераспределуваат на друг превозник во согласност со пропишаните критериуми од оваа уредба врз основа на податоците од ранг листата на превозниците.

Согласно член 24 критериумот од член 18 точка 5 од оваа уредба се применува така што врз основа на СПД образецот за претходната година се одредуваат следните бодовни категории- Од 50 000 до 100 000 денари -1 бод/ возило; Од 100 000 до 300 000 денари-2 бода/возило; над 300 000 денари-3 бода/возило. Пресметката се врши врз основа на просечна вредност по возило одредена како сооднос на остварениот вкупен приход од дејноста превоз на стока и бројот на вкупниот возен парк (влекачи) во пресметковната година, одредените бодови се множат по возниот парк (влекачи) кој се прифаќа за учество во распределбата на ЦЕМТ дозволи.

Според член 25 критериумот од член 18 точка 6 од оваа уредба се применува така што врз основа на билансот на успехот за претходната година се одредуваат следните бодовни категории од 1.200.000,00 до 3.000.000,00 денари 1 бод/возило; од 3.000.001,00 до 5.000.000,00 денари 2 бода/возило и над 5.000.001,00 3 бода/возило. Пресметката се врши врз основа на просечна вредност по возило одредена како сооднос на остварениот вкупен приход од дејноста превоз на стока и бројот на вкупниот возен парк (влекачи) во пресметковната година, одредените бодови се множат по возниот парк (влекачи) кој се прифаќа за учество во распределбата на ЦЕМТ дозволи.

Согласно член 26 критериумот од член 18 точка 7 од оваа уредба се применува врз основа на податоците од евиденцијата на Министерството за транспорт и врски.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 и 2 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Согласно член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршувањето на законите.

Превозот во патниот сообраќај е регулиран со Законот за превоз во патниот сообраќај (Службен весник на Република Македонија бр. 68/2004,127/2006 и 114/2009).

Според член 1 од овој Закон, со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Според член 2 од Законот, превозот на патници и стоки во меѓународниот патен сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународни договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија.

Во членот 3 од Законот се дефинирани одделни изрази меѓу кои, според точка 3, „превоз во меѓународен патен сообраќај“ е секој патен превоз преку најмалку една државна граница. Според точка 4 од овој член „лиценца“ е документ со кој се одобрува вршење на дејност јавен превоз во патниот сообраќај. Според точка 35, „дозвола за превоз“ е заедничко име за повеќе видови документи утврдени со овој закон или меѓународен договор, со кој на возилото со странска регистрација му се дозволува пристап на македонските патишта и возење по нив, односно на возило со македонска регистрација пристап на патиштата на земјата чиј орган ја издал дозволата и возење по нив. Според точка 36, „Дозвола на Европската конференција на министрите за транспорт (ЕКМТ) е мултилатерална дозвола за извршување на меѓународен превоз на стока во патниот сообраќај на територијата на државите членки на ЕКМТ, со возила регистрирани во една од државите членки на ЕКМТ”.

Условите за вршење на превоз во патниот сообраќај се утврдени во Глава II од Законот, каде во членот 4 е предвидено дека домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во патниот сообраќај на територијата на државите членки врз основа на лиценца.

Видовите на лиценци за вршење на одделни видови на превоз се утврдени во член 7.

Условите за добивање на лиценца се утврдени во член 8 од Законот, според кој лиценца може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако ги исполнува следниве услови:

1). да е впишан во Централниот регистар на Република Македонија и да има регистрирано приоритетна дејност/главна приходна шифра вршење на превоз на патници и стока во патниот сообраќај;
2). да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за превоз или да има договор за лизинг, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз во внатрешниот и/или меѓународниот патен сообраќај, при што за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет од најмалку 22+1 седиште по возило, за општински линиски превоз на патници да е сопственик на две или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 16+1 седиште, а за слободен превоз и посебен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет со најмалку 8+1 седиште по возило, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз;
3) да има вработено возачи во зависност од бројот на моторните возила (автобуси, моторни товарни возила и друго) што ги исполнуваат условите предвидени со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата;
6) управителот или овластеното лице одговорно за превоз да има успешно поминато проверка за професионална компетентност;
7). да има солидна финансиска состојба;
8). да има добар углед;“.
9) да има во сопственост капацитет за паркирање и одржување на возилата или доказ за користење на таков капацитет со рок на важење од најмалку четири години;
10) да има вработено возачи кои имаат сертификат за вршење на меѓународен превоз на патници и стока.

Според член 11 од Законот, превозникот може да започне да врши превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај откако ќе добие лиценца.

Превозот на стоки е регулиран со Глава V од Законот каде во член 62 е предвидено дека превозот на стоки може да се врши како внатрешен и меѓународен превоз на стоки во патниот сообраќај.
Според член 64 од Законот, превозникот може да започне со вршење на превозот откако ќе добие лиценца и изводот од истата должен е секогаш да го носи во возилото.

Според член 65 од Законот, меѓународниот превоз на стоки во патниот сообраќај може да се врши како билатерален, транзитен и превоз за и од трети земји.

Според член 66 од Законот, домашен превозник може да врши меѓународен превоз на стоки ако претходно има добиено лиценца за меѓународен превоз на стоки.

Покрај изводот од лиценцата, превозникот мора да има патен налог, меѓународен товарен лист и дозвола за меѓународен превоз на стока доколку таа се бара согласно со меѓународната спогодба или договор за превоз на патници и стока во патниот сообраќај склучена меѓу Република Македонија и земјата до, од или преку чија територија се извршува превозот.

Меѓународниот превоз на стоки може да се врши и врз основа на дозволи од мултилатералната квота на дозволи од Европската конференција на министрите за транспорт (ЕКМТ дозвола). Според рокот на важење ЕКМТ дозвола може да биде месечна со важење од 30 дена и годишна, со важност од една календарска година.

Според член 67 од Законот, Министерството за транспорт и врски ги добива дозволите за меѓународен превоз на стоки од надлежниот орган на другата земја врз основа на склучена меѓународна спогодба. Годишните мултилатерални дозволи (EKMT) Министерството за транспорт и врски ги добива од Секретаријатот на Европската конференција на министрите за транспорт.

Според оспорениот член 68 од Законот, постапката, распределбата на дозволите од членот 67 на овој закон ја врши Министерството за транспорт и врски. Постапката, критериумите и начинот на распределба на дозволите ги пропишува Владата на Република Македонија.

6. Од анализата на оспорените член 68 став 2 и член 69 од Законот (без последната измена и дополнување) произлегува дека истите навистина не содржат критериуми за начинот на распределба на дозволите за меѓународен превоз на стока кои ги пропишувала Владата на Република Македонија, но дел од критериумите за начинот на распределба се содржани во членот 8 и член 66 од Законот, кои всушност ги утврдуваат условите за добивање на лиценца воопшто, какo и на лиценца за меѓународен превоз на стоки. Оттаму, во оспорениот член 68 став 2 од Законот, како овластување за донесување на подзаконски акт, не постоеле законски критериуми за донесување на Уредбата, во времето кога е поднесена иницијативата, од причина што во оваа одредба било содржано само овластување за донесување на подзаконскиот акт, но критериумите се среќаваат во други законски одредби. За овој предмет, исто така од значење е фактот што по поднесување на иницијативата оспорените член 68 и 69 од Законот се суштински изменети (измената објавена во Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009) така што сега постојат критериуми за начинот на распределба на дозволите за меѓународен превоз на стока. Поточно во овие одредби како критериум за распределба на дозволите се определува: број на товарни моторни возила, број и квалитет на возен парк, број на возачи, ефикасно користени ЕКМТ дозволи, висина на добивка од работењето, висина на вкупен приход, сертификат за подготвеност за сообраќај на возилото и друго.

Според тоа, Судот оцени дека подносителот на иницијативата оспорува одредби што во време на поднесување на иницијативата не содржеле законско овластување за пропишување на критериумите на распределбата на дозволите за меѓународен превоз на стоки, но овие одредби повеќе не се дел од правниот поредок од кои причини Судот утврди дека во овој дел иницијативата треба да се отфрли, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Судот понатаму утврди дека поради тоа што членовите 68 и 69 од Законот содржат законско овластување за пропишување на критериумите на распределбата на дозволите за меѓународен превоз на стоки, не може да се постави прашањето за несогласност на оспорените одредби и делови од одредби од Уредбата, односно дека оспорените одредби и делови од одредби од Уредбата, се во согласност со содржина на членовите 68 став 2 и 69 од Законот, кои сега се во правниот поредок. Според тоа нема ни повреда на владеењето на правото и општиот принцип на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и оспорените одредби од Уредбата се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4; член 51; член 68 став 1 алинеја 2 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

7. Од анализата на одредбите од наведениот Закон произлегува дека дејноста меѓународен превоз на стоки, домашните превозници можат да ја вршат врз основа на лиценца што ја издава Министерството за транспорт и врски, врз основа на услови кои се прецизно дефинирани во Законот за превоз во патниот сообраќај.

Законодавецот поаѓајќи од различната положба на превозниците и на останатите физички и правни лица, врз основа на своето овластување за законско уредување на областа патен сообраќај посебно ги утврдил и условите за вршењето на одделните видови на превоз, односно условите за добивање на потребните лиценци и дозволи, вклучувајќи ги тука и ЕКМТ (поранешни ЦЕМТ) дозволите.

При тоа потребно е да се има во предвид дека ЕКМТ дозволата претставува посебен вид на меѓународна транспортна дозвола која е мултилатерална и која може да биде месечна со важност од 30 дена и со рок на важење од една календарска година и дека квотата на овие дозволи што годишно Република Македонија ги добива од Европската конференција на министрите за транспорт е ограничена.

Од друга страна, во смисла на член 69-ѓ од Законот за превоз во патниот сообраќај, ЕКМТ дозвола се користи за превоз меѓу државите членки на организацијата ЕКМТ и транзит преку нивните територии, а корисникот на дозволата мора да ги почитува одредбите од Резолуцијата на ЕКМТ за начинот на користење на дозволите. Резолуцијата CEMT/CM(2003)14/FINAL од 1 мај 2003 година која е прифатена за време на сесијата на Советот на министрите на Европската конференција на министрите за транспорт и врски одржана во Брисел. Во дадените препораки од истата е предложено дополнување на членот 6 од Резолуцијата (со содржина како оспорениот член 69-а), што било една од причините за изменување на домашниот закон и целосно внесување на неговата содржина во сега оспорениот член 69-а од Законот. Покрај тоа, со членот 44 од последната измена на Законот во оспорениот член 69-а од Законот по алинејата 3 се додава нова алинеја 4 која гласи: „ дозволата ја отстапил на друг превозник“.
По однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба од член 69-a од Законот Министерството за транспорт и врски ќе ги исклучело од распределбата на ЕКМТ дозволи во следните две години сите превозници за кои била донесена правосилна пресуда дека извршиле злоупотреба на дозволите со што се излегувало надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречена казна, Судот оцени дека се неосновани, бидејќи оваа одредба треба да се разгледува поврзано со членот 69-ѓ. Ова од причина што во овој случај не се предвидува правна последица на осудата што настапува по сила на закон, туку претставува услов за стекнување на дозвола кој не е предвиден само со домашното право, туку и со меѓународните документи кои ја обврзуваат Република Македонија.

Според оценката на Судот, оспорената одредба од член 69-а од Законот за превоз во патниот сообраќај, регулира одредена состојба како причина за исклучување од распределба на ЕКМТ дозволи, што е право на законодавецот со закон да пропише определени критериуми за имателите на овие дозволи, заради обезбедување на нивно законито користење, спречување на секаков вид на злоупотреби на истите, како и санкционирање на тие злоупотреби, преку привремено исклучување на овие превозници од распределбата на дозволите. Според мислењето на Судот, оспорената законска одредба не е во несогласност со Уставот затоа што со неа јасно е утврден причинскиот однос на злоупотребата на дозволите и исклучувањето од распределбата на дозволите.

Поради наведените причини Судот утврди дека оспоренот член 69-а од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25, член 51 и член 54 од Уставот.

8. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од утврдената фактичка состојба Судот утврди дека оспорените одредби 68 став 2 и член 69 од Законот не се повеќе во правниот поредок, односно дека тие престанале да важат со влегувањето во сила на новиот Закон за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004,127/2006 и 114/2009). Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека престанокот на важење на оспорените одредби претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата, и дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски , д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.46/2009
30 декември 2009 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски