46/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на членот 29 став 2 од Статутот на Црвениот крст на Република Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на одредбата означена во точката 1 од ова решение, од причина што оспорената одредба не била во согласност со членот 6 став 1 од Законот за Црвениот крст на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/1994, 7/1997, 21/1998), според кој Црвениот крст на Репуб- лика Македонија има својство на правно лице.

Според мислењето на подносителот на инцијативата, ваквата законска одредба не давала можност секоја општинска организација на Црвениот крст да има својство на правно лице и да има своја сопствена жиро сметка. Во прилог на ваквата констатација, подносителот на иницијативата го наведува и членот 3 став 1 од Законот, според кој Црвениот крст има единствена организација на територијата на Република Македонија, која ја сочинуваат организациите на Црвениот крст на општините и на градот Скопје.

Врз основа на ваквото мислење, подносителот на иницијативата смета дека својството на правно лице може да се определува единствено и исклучиво со закон, а не со подзаконски пропис, како што било во конкретниот случај. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не е во согласност со членовите 3 и 6 од Законот за Црвениот крст на Република Македонија, како и со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорената одредба, општинската организација на Црвениот крст е правно лице со сопствена жиро-сметка.

4.Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на државата.

Согласно членот 51 став 1 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно членот 110 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓани.

Членот 2 од Законот за Црвениот крст на Република Македонија го дефинира Црвениот крст како доброволна, масовна, самостојна и независна хуманитарна организа- ција на граѓаните на Република Македонија. Црвениот крст е невладина и вонпартиска организација, која остварува определени хуманитарни цели и задачи од областа на здравството, социјалната заштита и воспитанието, врз принципите на хуманизмот и солидарноста. Задачите се од јавен интерес и Црвениот крст ги врши како јавни овласту- вања.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Подносителот на иницијативата воопшто не наведува причини поради кои смета дека оспорена та одредба од Статутот на Црвениот крст на Република Македонија директно и непосредно ги повредува принципите на владеење на правото и уставноста и законитоста. Со иницијативата се бара оценување на законитоста на одредбата од Статутот, а прашањето на евентуална неуставност на одредбата само посредно и индиректно е покренато со иницијативата.

Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата бара од Судот да ја оцени законитоста на членот 29 став 2 од Статутот на Црвениот крст на Република Македонија, како специфично здружение на граѓани кое има јавни овластувања и чиј основ произлегува од Законот за Црвениот крст на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки да одлучува по конкретната иницијатива.

Оттука, Судот оцени дека се исполнети процесните претпоставки да ја отфрли иницијативата од причини што Судот не е надлежен да ја оценува законитоста на Статутот на Црвениот крст на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.46/2003
30 јуни 2004 година
С к о п ј е
с.п/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова