У.бр.45/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 1 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/ 2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015 и 23/2016).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативaта со оспорените одредби на членот 9 кои биле внесени подоцна како измени и дополнувања на основниот текст на Законот за даночна постапка, се нарушила основната концепција на членот 18 од Уставот со која се гарантирала сигурноста и тајноста на личните податоци и на граѓаните им се гарантирала заштита од повреда на личниот интегритет што произлегувало од регистрирањето на информации за нив како даночни должници преку обработка на податоци. Исто така во иницијативата е наведено дека со оспорените законски одредби се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија како што е владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Во иницијативата е наведено дека се нарушила еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите бидејќи се вршела поделба на даночниот долг на граѓаните во зависност од висината на долгот со цел различен правен третман на правните субјекти. „Црната“ или „листата на срамот“ односно „листата на должници“ на доспеани и неплатени долгови по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување како и акции и царини, Управата за јавни приходи ја правела само ако вкупниот износ на долгот бил повисок од 120.000 денари за физички лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правни лица, не и за другите правни субјекти кои се наоѓале во иста или слична правна положба, што не било во согласност со членот 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот се еднакви. Тоа значело дека се вршела поделба на даночниот долг во зависност од висината на долгот со цел да се има различен третман на правните субјекти кое немало уставен основ и не било во согласност со начелото на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека сигурноста и тајноста на личните податоци била уставно загарантирана и дека таквата гаранција била операционализирана со Законот за заштита на личните податоци и со Кривичниот законик, а не со оспорените законски одредби и дека законодавецот не водел сметка при нормирањето на истите одредби. Оттука, според наводите во иницијативата со оспорените одредби на членот 9 од Законот за даночна постапка се повредувал членот 25 од Уставот, според кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот на достоинството и угледот и членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Според наводите во иницијативата, слободите и правата биле уставна, а не законодавна материја. Уставниот карактер имал три димензии: прво, слободите и правата се остварувале врз основа на Уставот, а не врз основа на закон или други акти, второ, слободите и правата ги димензионира уставотворецот, а не законодавецот и трето, слободите и правата можело да ги ограничува само уставотворецот според член 54 од Уставот, но не и законодавецот, каков што бил случајот со оспорените законски одредби.

Во иницијативата, понатаму се предлага при одлучувањето по оваа иницијатива да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот за даночна постапка и да се земе во предвид при одлучувањето и Одлуката У.бр.21/2009 од 9 декември 2009 година.

3. Судот на седница утврди дека согласно членот 9 службените лица се должни како даночна тајна да ги чуваат: сите документи, информации, податоци или други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночна, прекршочна или судска постапка; податоци за пронајдоци или патенти, како и сите други податоци за технолошките постапки кои ги применува даночниот обврзник и сите деловни тајни за трето лице со кои што е запознаено службеното лице (став 1). Обврската на чување на даночна тајна се однесува на службени лица и во случај кога им престанал работниот однос и/или својството во кое дошле до сознание за документите, фактите и/или податоците од ставот 1 на овој член (став 2). Обврската на чување на даночна тајна не е повредена, ако: документ, факт и/или податок се изнесе во текот на даночна, прекршочна или судска постапка; се работи за објавување на ДДВ даночен идентификационен број на даночниот обврзник; документ, факт и/или податок се користи во постапка на откривање на кривично дело или прекршок; на даночниот гарант му се овозможи увид во податоците за даночниот обврзник кои се потребни за исполнување на неговата обврска како даночен гарант: „Управата за јавни приходи дава информации на даночен орган на странска држава во постапка за размена на информации и меѓународна правна помош;“ одреден документ, факт и/или податок се изнесе со писмена согласност на даночниот обврзник и со закон е исклучена“ (став 3).

Со измените на Законот за даночната постапка во („Службен весник на Република Македонија“ број 15 од 30 декември 2013 година) по ставот 3 се додаваат седум нови става 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10, кои гласат: „Обврската за чување на даночна тајна не е повредена кога Управата за јавни приходи без согласност на даночниот обврзник, на својата веб страница објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување како и акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е: 1) повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и 2) повисок од 300.000 денари за правните лица. (став 4) При пресметката на висината на долгот од ставот 4 на овој член не се вклучуваат обврските кои доспеале за плаќање во последните три месеци пред објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови, додека извршените плаќање во овој период се земаат предвид при пресметката на долгот. (став 5) Објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови се врши еднаш месечно, најдоцна до 10 во месецот. (став 6) Најдоцна 15 дена пред рокот од ставот 6 на овој член Управата за јавни приходи го известува должникот дека доколку не го намири долгот по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, истиот ќе биде објавен на листата на должници на доспеани и неплатени долгови. (став 7) Листата на должници на доспеани и неплатени долгови содржи име и презиме или назив на должникот, година на раѓање на физичкото лице, место на живеење или престој на физичкото лице или седиште за правното лице, поединечен износ кој се должи според видот на долгот како и вкупен износ на долгот. Заради утврдување на идентитетот на должникот, Управата за јавни приходи може да ја дополни или допрецизира листата од ставот 4 на овој член, со податоци за датумот и место на раѓање на физичкото лице и име на родителот на физичкото лице. Управата за јавни приходи во листата на должници на доспеани и неплатени долгови, може да ја дополни и со податоци за преземените мерки за наплата на долгот од страна на надлежната инситуција. (став 8) Во листата на должници на доспеани и неплатени долгови не се внесуваат податоци за долгот за кој на должникот му е одобрено одложено плаќање. (став 9)

Обврската за чување на даночната тајна не е повредена и во случаите кога Управата за јавни приходи без согласност на даночниот обврзник на својата веб страница објавува податоци заради исправка на непотполни информации кои претходно биле објавени од страна на Управата за јавни приходи“. (став 10)

4. Според членот 8 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Во согласност со членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општестве-ната положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 18 од Уставот се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Со членот 25 од Уставот, определено е дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со Законот за даночна постапкa („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/ 2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015 и 23/2016) се уредува општото даночно право, постапката за утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката за наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночната постапка. Овој закон се применува на даноците, другите јавни приходи, на споредни даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи, како и на паричните казни, односно глобите и прекршоците изречени во парничните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија.

Со оспорените одредби од членот 9 став 4 од Законот за даночна постапка се овозможува Управата за јавни приходи без согласност на даночниот обврзник, на својата вебстраница да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување како и акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот ако е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица. При пресметката на висината на долгот од ставот 4 на овој член не се вклучуваат обврските кои доспеале за плаќање во последните три месеци пред објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови, додека извршените плаќање во овој период се земаат предвид при пресметката на долгот (став 5). Објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови се врши еднаш месечно, најдоцна до 10 во месецот (став 6). Најдоцна 15 дена пред рокот од ставот 6 на овој член Управата за јавни приходи го известува должникот дека доколку не го намири долгот по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, истиот ќе биде објавен на листата на должници на доспеани и неплатени долгови (став 7).

Листата на должници на доспеани и неплатени долгови содржи име и презиме или назив на должникот, година на раѓање на физичкото лице, место на живеење или престој на физичкото лице или седиште за правното лице, поединечен износ кој се должи според видот на долгот како и вкупен износ на долгот. Заради утврдување на идентитетот на должникот, Управата за јавни приходи може да ја дополни или допрецизира листата од ставот 4 на овој член, со податоци за датумот и место на раѓање на физичкото лице и име на родителот на физичкото лице. Управата за јавни приходи во листата на должници на доспеани и неплатени долгови, може да ја дополни и со податоци за преземените мерки за наплата на долгот од страна на надлежната инситуција (став 8).

Во листата на должници на доспеани и неплатени долгови не се внесуваат податоци за долгот за кој на должникот му е одобрено одложено плаќање (став 9).

Обврската за чување на даночната тајна не е повредена и во случаите кога Управата за јавни приходи без согласност на даночниот обврзник на својата веб страница објавува податоци заради исправка на непотполни информации кои претходно биле објавени од страна на Управата за јавни приходи (став 10).

Од анализата на уставните одредби согласно членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Имајќи ја предвид оваа уставна одредба произлегува дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување.

Тргнувајќи од изнесените оспорени законски одредби може да се заклучи дека интенцијата на законодавецот била со наплата на пристигнати и неплатени даночни долгови од страна на даночните должници да се создава механизам кој треба да ја подобри фискалната дисциплина, а во исто време да влијае во насока на спречување на нелојална конкуренција пред се во однос на оние субјекти кои редовно ги плаќаат своите давачки и навремено ги исполнуваат своите даночни обврски. Истите, истовремено имплицираат и обврска за Управата за јавни приходи, најдоцна за 15 дена пред рокот за објава на листата да го извести должникот дека доколку не го намири долгот, истиот ќе биде објавен на листата на должници на доспеани и неплатени долгови и се наведуваат податоци кои ги содржи листата. Во листата не се опфатени долговите за кои е одобрено одложено плаќање.

Оттука, Судот утврди дека со изнесените законски одредби може да се констатира дека Управата за јавни приходи покрај опомената обезбедува даночниот должник да ја исполни со закон утврдената обврска и да го намири својот долг, односно се придонесува кон наплата на пристигнати и неплатени даночни долгови од страна на даночните должници. Ова дотолку повеќе што оспорените норми се применуваат на субјектите кои ја избегнуваат или изигруваат уставната и законска обврска за плаќање на данок.

Според тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 9 ставови 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот со наведените уставни одредби, а тоа значи дека нема повреда на уставното начело на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните и обврската да го намири својот долг придонесува кон наплата на пристигнати и неплатени даночни долгови од страна на даночните должници е во функција на обезбедување на поголема фискална дисциплина во однос на плаќањето на јавните давачки како општа обврска на сите субјекти, согласно членот 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорените одредби на членот 9 од Законот за даночна постапка се повредувалa уставната концепција на членот 18 од Уставот со која се гарантирала сигурноста и тајноста на личните податоци и на граѓаните им се гарантирала заштита од повреда на личниот интегритет што произлегувало од регистрирањето на информации за нив како даночни должници преку обработка на податоци и членот 25 од Уставот, според кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот на достоинството и угледот и членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, Судот оцени дека не би можеле да се доведат под сомнение во однос на Уставот, од аспект на наводите и аргументите наведени во иницијативата.

Наводите во иницијативата за несогласноста на оспорената одредба од Законот за даночна постапка со одредби од Законот за заштита на личните податоци и со Кривичниот законик, Судот оцени дека треба да се отфрлат, затоа што претставуваат барање за оцена на меѓусебна согласност на два закони, што не е во надлежност на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.45/2015
01.12.2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски