45/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 став 1 од Законот за домување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2009 и 57/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 18 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 9, член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија, затоа што граѓаните сопственици на посебните делови на згради не биле третирани еднакво. Имено оспорената одредба се однесувала само ако во станбената зграда имало повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови,а не и на оние во станбената зграда каде имало помалку од двајца сопственици на посебни делови и помалку од осум посебни делови. Првите требало да имаат управител на станбената зграда и истиот да го плаќаат и тоа не само него, туку и другите пет вработени (член 10 став 4 алинеја 2 од Законот), додека пак вторите, таква обврска немале,со што се доведувало во прашање постоењето на управител на станбена зграда и загарантирано право на сопственост.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 18 став 1 од Законот, ако во станбена зграда има повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови, сопствениците на посебните делови можат да определат со станбената зграда да управува управител. Одлуката за определување на управител се смета за донесена кога за неа гласале повеќе од половината од сопствениците на посебните делови.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 пак, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединеецот и заедницата (став 2). Според ставот 3 на наведениот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за домување, покрај другото се уредува управувањето со станбените згради,односите меѓу сопствениците на посебните делови и трети лица, заедницата на сопствениците, начинот на управување и одржување на објектите и друго.

Според член 10 од Законот за домување, управувањето со станбените згради претставува следење и спроведување на одлуките донесени од собирот на сопствениците на посебните делови во зградата, застапување во правниот промет и во постапките пред надлежните органи со цел за функционирање, одржување и зачувување на заедничките делови на станбената зграда (став 1).

Работите на управување од ставот 1 на овој член може да ги врши управител или заедницата на сопственици, врз основа на одлука на собир на сопственици (став 2).

Управителот за вршење на дејностите на управувањето со станбената зграда треба да поседува лиценца што ја издава Регулаторната комисија за домување (став 3), а лиценца добива правно или физичко лице ако ги исполнува пропишаните услови од ставот 4 на истата одредба од Законот. Лиценцата се издава со рок на важење од пет години (став 5).

Според член 18 став 1 од Законот, ако во станбена зграда има повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови, сопствениците на посебните делови можат да определат со станбената зграда да управува управител. Одлуката за определување на управител се смета за донесена кога за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови .

Управителот на станбената зграда ги застапува сопствениците на посебните делови во работите што се однесуваат на управувањето со станбената зграда и води сметка за остварување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за управувачки услуги (став 2).

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Законот за домување, како и од содржината на оспорениот член, наспрема наводите од иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани. Ова од причина што оспорената одредба не може да се гледа изолирано само за себе, туку во корелација на целината на член 18 и целината на Законот.Имено, со оспорениот став 1 на членот 18 е дадена можност со станбената зграда во која има повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови со станбената зграда да управува управител, при што одлуката за управување се смета за донесена ако за неа гласале повеќе од половината од сопствениците, при што мнозинство може да се обезбеди доколку има повеќе од двајца. Доколку, пак, во станбената зграда не е определено, односно не е донесена одлука со станбената зграда да управува управител, ниту е регистрирана заедница на сопственици, сопствениците на посебните делови се должни самите да обезбедат изршување на работи кои спаѓаат во делокругот на управувачките услуги до определување на управител или регистрирање на заедница на сопственици.

Воедно, Судот смета дека не е основан ниту наводот од иницијативата дека сопствениците во конкретниов случај треба да го плаќаат не само управителот туку и другите пет вработени. Ова од причини што што Законот при определување на содржината на договорот за вршење на управувачки услуги, предвидел месечен надоместок што му припаѓа на управителот за вршење на услуги и рок на исплата, а не и за петте вработени лица што претставува само еден од условите управителот да добие лиценца за вршење на дејностите на управување со станбена зграда.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не постојат основи за изразување на сомнение за несогласноста на оспорениот член 18 став 1 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.45/2010
15 септември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски