45/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 февруари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9-а став 4, член 34 став 3, член 36 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите и делови на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со наведените одредби и делови се повредувале членовите 8 став 1 алинеите 3 и 4, 33, 51, 68 став 1 алинеја 2, 95 став 3 и 96 од Уставот на Република Македонија, затоа што со оспорените законски одредби и делови се овластувал министерот за финансии изворно да уредува општествени односи со што и му се пренесувало дел од законодавната власт, независно од тоа што според Уставот на Република Македонија министерот бил функционер кој раководи со орган на државната управа. Односно, оваа материја можела да се уредува само со закон, а не со подзаконски акти на министерот за финансии. Така што, ваквите законски овластувања отстапувале од темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија за поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и не можеле да се толкуваат како разработка на конкретни законски норми и водело кон самовласт и дисрекција на извршната власт. Притоа, фактот што Министерството за финансии ги вршел работите што се однесувале на даночниот систем и даночната политика, согласно член 19 став 1 алинеја 4 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, не можело да биде основа за навлегување во законодавната власт.

Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените оспорени одредби од Законот за данокот на додадена вредност.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 9-а став 4 од Законот министерот за финансии донесува поблиски прописи со кои ќе ги утврди критериумите, врз основа на кои може да се утврди постоење на сопственичка, организациска и управувачка поврзаност, ќе го уреди начинот на примената на одредбите од Законот за данокот на додадена вредност за субјектите наведени во ставовите 1 и 2 на овој член и ќе ги утврди случаите на нарушување на даночните принципи и можноста за нивно нарушување.

Судот на седницата, исто така утврди дека според оспорениот член 34 став 3 од Законот, министерот за финансии се овластува да донесе поблиски прописи во врска со тоа, во кои случаи и под кои услови може, за цели на поедноставување на правото на одбиток на претходниот данок, да се откаже од обврската за издавање фактура во смисла на член 53 на овој закон или на поединечни податоци во истата; според оспорениот член 36 став 2 од Законот министерот за финансии се овластува да донесе поблиски прописи за спроведување на став 1 од овој член и притоа да одобри одредени олеснувања; според оспорениот член 37 став 6 од Законот, министерот за финансии се овластува да донесе поблиски прописи за спроведување на ставовите од 1 до 5 на овој член и притоа да одобри одредени олесувања; според оспорениот член 43 став 9 од Законот, со цел да се избегнат тешкотиите при увозот, се овластува министерот за финансии да утврди во кои случаи и под кои околности може да се одложи плаќањето на данокот на додадена вредност при увозот и истовремено да се одбие истиот како претходен данок во истиот даночен период, во кој настанал; според оспорениот член 46 од Законот по исклучок од одредбите на членовите од 39 до 45 на овој закон и во случај на постоење реципроцитет, на даночните обврзници кои немаат седиште или подржница во земјата и кои не извршуваат никаков промет во неа, или кои не должат данок за прометот ќе им се исплати, по барање, претходниот данок кој може да се одбие според членовите од 33 до 36 на овој закон, според посебна постапка која ја пропишува министерот за финансии; според оспорениот член 47 став 2 од Законот, министерот за финансии се овластува да ја уреди постапката за исплата и да ги пропише условите за докажување на правото за исплата; според оспорениот член 48 став 4 од Законот се овластува министерот за финансии да ги регулира поединостите на постапката за враќање; според оспорениот член 49 став 2 од Законот, поединостите во поглед на постапката за враќање ги регулира министерот за финансии; според оспорениот член 52 став 7 од Законот, министерот за финансии е овластен да донесе поблиски прописи за начинот на исполнување на евиденциските обврски и за случаите во кои може да се одобрат олеснувања во поглед на исполнувањето на овие обврски; според оспорениот член 53 став 11 од Законот, министерот за финансии се овластува да одобри одредени олеснувања во однос на издавањето фактура, а особено да утврди во кои случаи и под кои услови: 1. отпаѓа обврската за издавање фактура и 2. може лицето да се откаже од наведувањето одредени податоци при издавањето фактури.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Во членот 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во ставот 2 на овој член меѓу другото е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на субјектите на пазарот.

Согласно членот 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Според член 1 став 1 од Законот за данокот на додадена вредност, со овој закон се воведува данокот на додадена вредност и се уредува неговото пресметување и плаќање, а според ставот 2 од истиот член на Законот, овој данок, како општ потрошувачки данок, се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор, освен ако не е поинаку пропишано со овој закон.

Согласно членот 2 на овој закон, предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност, како и увозот на добра.

Во членот 9 став 1 од Законот е утврдено дека даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност.

Според оспорениот член 9-а од Законот:

(1) „Како еден даночен обврзник, регистриран за данокот на додадена вредност, согласно со членот 51 од овој закон, можат да бидат и повеќе лица регистрирани за данокот на додадена вредност, кои така ќе одлучат заради нивната сопственичка, организациска или управувачка поврзаност.

(2) Кога надлежниот даночен орган, ќе утврди постоење на одредена сопственичка, организациска или управувачка поврзаност меѓу одделни лица, кои се посебни даночни обврзници регистрирани за данокот на додадена вредност, со решение ќе им наложи да се регистрираат како еден даночен обврзник, доколку кај овие лица утврди нарушување на даночните принципи или можност за нивно нарушување.

(3) Правата и обврските за данокот на додадена вредност на одделните лица кои се посебни даночни обврзници регистрирани за данокот на додадена вредност и кои ќе се регистрираат како еден даночен обврзник, се пренесуваат на новиот даночен обврзник.

(4) Министерот за финансии донесува поблиски прописи со кои ќе ги утврди критериумите, врз основа на кои може да се утврди постоење на сопственичка, организациска и управувачка поврзаност, ќе го уреди начинот на примената на одредбите од Законот за данокот на додадена вредност за субјектите наведени во ставовите (1) и (2) на овој член и ќе ги утврди случаите на нарушување на даночните принципи и можноста за нивно нарушување“.

Според членот 51 став 1 од Законот сите даночни обврзници, чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ над 1.300.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот на вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот, обврзани се за регистрација на данокот на додадена вредност. Според ставот 3 на овој член од Законот, даночни обврзници – резиденти во земјата кои не се обврзани за регистрација според ставот 1 не долгуваат данок на додадена вредност за прометот на добра и услуги извршени од нив. Тие не се овластени одделно да искажуваат данок во фактурите или во други документи и немаат право на одбивка на претходни даноци.

Според членот 51 став 4 од Законот, даночните обврзници во смисла на став 3 на овој член можат доброволно да се регистрираат за данокот на додадена вредност во почетокот на секоја календарска година. Во тој случај не се применува став 3 на овој член.

Според ставовите 5 и 6 на членот 51 од Законот, даночните обврзници во смисла на став 1 и на став 4 од овој член се обврзани да поднесат пријава за регистрација за данокот на додадена вредност кај надлежниот даночен орган, кој го врши уписот во регистерот на обврзници на данокот од почетокот на тековната календарска година и притоа на даночните обврзници им издава решение. Овие даночни обврзници според ставот 7 на член 51 од Законот остануваат регистрирани најмалку во рок од пет календарски години независно од висината на вкупниот промет и во тој период не се применува ставот 3 на овој член од Законот.

Во членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа е предвидено дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи кога е за тоа овластен со закон.

Врз основа на анализа на уставните и законските одредби во оспорениот став 4 на членот 9-а од Законот, иако се споменуваат зборовите „ќе ги утврди критериумите“, според Судот во оваа оспорена одредба министерот за финансии не ги утврдува критериумите, бидејќи тие се утврдени во членот 51 од Законот, туку само со своите прописи согласно Законот го уредува начинот на примената на одредбите од Законот на данокот на додадена вредност за субјектите наведени во ставовите 1 и 2 на овој член од Законот, и ги утврдува и случаите на нарушување на даночните принципи и можноста за нивно решавање за што има основа во оспорениот член 9-а од Законот.

Поаѓајќи од изнесените законски одредби, како и фактот дека во иницијативата нема посебни аргументи за оспорување на наведените законски одредби, туку само наводот дека министерот за финансии бил овластен да уредува општествени односи со што му се пренесувало дел од законодавната власт, а притоа не наведува уставни аргументи зошто оспорените одредби од Законот не се во согласност со Уставот, Судот оцени дека министерството за финансии е еден од органите на државната управа, кои работите од својата надлежност ги извршува врз основа и во рамките на Уставот и законите. Во тој контекст, врз основа на законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот е овластен да донесува акти за извршување на законите.

Во конкретните случаеви овластувањата на министерот за финансии да донесува поблиски прописи за примена на Законот за данокот на додадена вредност, всушност значи дека тие прописи ги носи во функција на операционализација на овој закон. Имено, министерот не донесува прописи со кои воведува права и обврски со дејство „ерга омнес“, туку со нив ја уредува примената, начинот и постапката за спроведување на Законот. Таквите овластувања на министерот утврдени во оспорените законски одредби по својата природа всушност значат административни олеснувања, кои се однесуваат на начинот на примената на Законот, појаснување за редоследот на постапките, поедноставувања на постапката по однос на одбитокот на претходниот данок, поделбата на претходниот данок, исправката на одбитокот на претходниот данок, избегнувања на тешкотиите при увозот преку овозможување на одложено плаќање на данокот при увозот со обезбедена банкарска гаранција, а да се користи правото на одбивка во истиот даночен период, пропишување на посебна постапка за враќање на ДДВ, поединостите на постапката за враќање на ДДВ, како и ослободувања од одредени евиденциски обврски и слично.

Според тоа, во оспорените законски одредби, односно нивните делови станува збор за одредени административни олеснувања, а не за даночно олеснување како еден од главните елементи на данокот, бидејќи овластувањата на министерот утврдени во оспорените законски одреби не се однесуваат на утврдување на даночната обврска за добра и услуги, кои не се утврдени во Законот, туку овие овластувања на министерот за финансии се во функција на поедноставно и поконкретно разработување на одредбите од Законот за данокот на додадена вредност, и истите се во согласност со неговите надлежности како орган на државната управа.

Тргнувајќи од наведеното Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби и делови на одредби од Законот за данокот на додадена вредност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.45/2007
13 февруари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски