45/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седничцата одржана на 16 април 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.77/96 од 2 октомври 1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Надежда и Гојко Станковиќ од Прилеп му поднесоа иницијатива со барање Судот да го преиспита своето решение У.бр.77/96 од 2 октомври 1996 година. Според наводите во иницијативата Уставниот суд на Република Македонија требало да го оценува и укине односно поништи оспорениот акт без оглед на тоа што тој престанал да важи, односно е заменет со друг акт.

3. На седницата Судот утврди дека по повод поднесена иницијатива од Гојко Станковиќ од Прилеп, Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.77/96, донесено на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнувања на деталните урбанистички планови од помал обем на подрачјето на Општина Прилеп број 02-1351/1 од 19 март 1986 година, донесена од Собранието на Општина Прилеп затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со членовите 45 и 46 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90. При тоа, Судот утврдил дека со оспорената одлука се утврдени условите за измени и дополнувања на урбанистичките планови од помал обем на подрачјето на Општина Прилеп во поглед на измена на габаритот на објектите, намената на дел од објектот, доградба и надградба на објектите, нивелационата кота и градежната линија. Понатаму, Судот утврдил дека посебно се утврдени условите за сите видови измени од помал обем.

Со истото решение Судот ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Решението за измената на дел од објектот во населба “11-ти Октомври” во Прилеп број 4036/1 од 6 ноември 1986 година, донесено од Извршниот совет на Собранието на Општина Прилеп, од причини што Судот утврдил дека со ова решение врз основа на оспорената одлука е извршена измена на намена на дел од објект, односно претставува поединечен акт, за што Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.

Со решение на овој Суд по овој предмет донесено на седницата одржана на 2 октомври 1996 година, Судот ја запре постапката за оценување законитоста на оспорената одлука. При тоа, Судот утврдил дека оспорената одлука престанала да важи со донесување на нова Одлука за измени и дополнувања на деталните урбанистички планови од помал обем на подрачјето на Општина Прилеп број 02-2631/1 од 17 мај 1988 година, донесена од Собранието на Општина Прилеп. Понатаму, Судот утврди дека согласно Законот за измена и дополнување на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен веснсик на СРМ” бр.38/90), конкретно согласно неговиот член 45 и 46, Собранието на Општина Прилеп, на 15 мај 1991 година, донело Одлука за утврдување поблиски услови за градба бр.08-1695/1 (“Службен гласник на Општина Прилеп” бр.4/91), со која престанала да важи и предходната одлука за измени и дополнувања на деталните урбанистички планови од помал обем.

Со оглед на тоа што Судот утврдил дека поведувањето на постапка е засновано врз погрешна фактичка состојба, Судот одлучи, согласно член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да ја запре постапката за оценување законитоста на оспорената одлука.

4. Според член 28 алинеја 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македоднија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал а нема основи за поинакво одлучување иако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата. Со член 70 аллинеја 6 од овој деловник е предвидено дека Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата, меѓу другото, за утврдување на неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис или друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за нивно поништување, што претпоставува поведена постапка и во текот на постапката прописот престанал да важи.

Судот смета дека при одлучувањето ги имал предвид сите околности, во прв ред дека оспорената одлука престанала да важи, а за време на нејзиното важење не била поведена постапка за оценување на законитоста, па според тоа, не постојат процесни претпоставки за оценување на нејзината законитост. Околностите наведени во иницијативата со која се бара преиспитување на решението на Уставниот суд не се од влијание, односно не ја менуваат фактичката состојба по предметот.

Со член 50 од Уставот се гарантира правото на секој граѓанин да може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, како и му се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Во таа смисла Уставот во член 51, недвосмислено го утврдил начелото на уставноста и законитоста со тоа што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а другите прописи со законите. Оттука произлегува дека Уставниот суд одлучува за уставноста на законите, односно за уставноста и законитоста на прописите што се во сила, а не и на прописите што престанале да важат и со тоа што Уставниот суд ја запрел постапката за оценување законитоста на оспорената одлука затоа што таа престанала да важи, според мислењето на Судот не е повредена уставната гаранција за судска заштита, ниту правото на сопственост.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека нема основ за преиспитување на Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.77/96 од 2 октомври 1996 година поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.45/97)