44/2016-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 5 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2009).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 од 15.07.2008) во член 265 определил дека влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, тоа е 23.07.2008 година, и дека ќе се применува од 01.01.2010 година. Со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за водите, пак, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2009 од 15.01.2009 година, било определено дека „овој закон влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2009 година.“ Потоа, членот 265 од Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 бил изменет со член 1 од Законот за изменување на Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2009 од 30.12.2009 година така што зборовите „1 јануари 2010 година“ биле заменети со зборовите „1 јануари 2014 година“, па со член 1 од Законот за изменување на Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2010 од 23.06.2010 година повторно бил изменет членот 265 од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008, 6/2009 и 161/2009) така што зборовите „1 јануари 2014 година“ биле заменети со зборовите „1 јануари 2011 година“.

Таквата состојба според подносителот на иницијативата значела дека Законот за изменување и дополнување на Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2009 од 15.01.2009 година, кој почнал да се применува од 01.01.2009 година, започнал со примена пред 01.01.2010 година односно пред да започне примената на основните одредби од Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 и особено пред рокот определен со измените на Законот за водите објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2009 и 83/2010, а тоа укажувало на постоење контрадикторна состојба во правниот промет. Во иницијативата понатаму се наведуваат одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 и член 52 од Уставот, па од нивната содржина подносителот на иницијативата заклучува дека можело да се вршат изменувања и дополнувања на закон, но тие промени не можеле да почнат да се применуваат пред почетокот на примената на законот на кој се врши изменувањето и дополнувањето, па таквата нелогичност и неоправданост предизвикана со оспорениот член 6 ја доведувало во прашање операционализацијата на Законот за водите, поради што таа одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Подносителот на иницијативата предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 6 од Законот и потоа негово укинување или поништување поради спротивност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 од 15 јули 2008 година ги уредува прашањата што се однесуваат на површинските води, подземните води, крајбрежното земјиште и водните живеалишта, и тоа управувањето со нив вклучувајќи го и финансирањето на управувањето со водите (член 1). Притоа, во член 206 од Законот се определуваше дека финансиски средства за управувањето и развојот на водите се обезбедуваат од: (1) надоместок за користење вода, (2) надоместок за испуштање на води, (3) надоместок за вадење песок, чакал и камен, (4) закупнина од земјиштето во сопственост на државата дадено под закуп, (5) придонес за води, (6) Буџетот на Република Македонија, (7) буџетите на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и (8) други финансиски извори во согласност со закон. Во член 207 од Законот се уредуваа прашања во врска со надоместокот за користење и испуштање на води и вадење на песок, чакал и камен, а во член 212 се определуваше намената на средствата од надоместоците пропишани во член 207 на Законот. Членовите 216, 217 и 218 од Законот уредуваа прашања во врска со средствата од придонесот за води. Во член 265 од Законот се определуваше дека тој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 01 јануари 2010 година. До денот на започнувањето на примената на овој закон, пак, според член 264 став 1 важи Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1998, 19/2000, 42/2005 и 46/2006).

Според тоа, Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 од 15 јули 2008 година) определи дека неговите одредби влегуваат во сила на 23 јули 2008 година, а дека ќе започнат да се применуваат од 01 јануари 2010 година, со тоа што до почетокот на неговата примена ќе продолжат да важат одредбите од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1998, 19/2000, 42/2005 и 46/2006).

Судот понатаму утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2009 од 15 јануари 2009 година, со член 1 изврши бришење на член 206 точка 5 од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008), потоа со член 2 определи дополнување на член 212 по ставот 5 со два нови става 6 и 7 определувајќи ја намената на средствата од надоместоците предвидени во член 207 од Законот, со член 3 исто така изврши бришење на членовите 216 и 217, а со член 4 изврши бришење на зборовите „придонесот за води“ од насловот на член 218 и од ставот 1 на тој член од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008). Покрај тоа, со член 5 од овој закон се определи дека со денот на неговото влегување во сила престанува да важи член 132 алинеите 1 и 2 од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1998, 19/2000, 42/2005 и 46/2006). Во овие одредби на Законот од 1998 година се определуваше дека надоместок за водите плаќаат вработените во државните органи и јавните служби во висина од 0,20% од платата (алинеја 1) и лицата кои се занимаваат со слободни занимања (лекари, стоматолози, адвокати, нотари, …) во висина од 0,20% од основицата на која плаќаат персонален данок од доход (алинеја 2). Потоа, во член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2009 од 15 јануари 2009 година се определи дека „овој закон влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2009 година.“

Од овие одредби на Законот произлегува дека после влегувањето во сила на Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 (23 јули 2008 година) и пред да започне неговата примена (1 јануари 2010 година), беа извршени бришења на неговите одредби кои се однесуваат на придонесот за води како извор на средства за финансирање на управувањето со водите, а беше определено и престанување на важењето на одредби од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1998, 19/2000, 42/2005 и 46/2006) кои важеа во тоа време и со кои се пропишуваше обврска за определени вработени лица да плаќаат надоместок за водите како извор на финансирање на управувањето со водите. Притоа, овие измени и дополнувања, според оспорениот член 6, влегоа во сила на 16 јануари 2009 година, а започнаа да се применуваат од 1 јануари 2009 година.

Судот исто така утврди дека со Законот за изменување на Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2009 од 30 декември 2009 година, во член 1 се определи дека зборовите: „1 јануари 2010 година“ од член 265 на Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 и 6/2009) се заменуваат со зборовите: „1 јануари 2014 година.“ Според став 2, овој закон влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно на 7 јануари 2010 година.

Според тоа, со овој закон се определи дека одредбите од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 и 6/2009), кои влегле во сила и чија примена беше предвидена од 1 јануари 2010 година, ќе се применуваат од 1 јануари 2014 година.

Судот покрај тоа утврди дека Законот за изменување на Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2010 од 23 јуни 2010 година, во член 1 определи дека зборовите: „1 јануари 2014 година“ од член 265 на Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008, 6/2009 и 161/2009) се заменуваат со зборовите: „1 јануари 2011 година.“ Оваа законска одредба, според член 2, влезе во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2010, односно на 1 јули 2010 година.

Од оваа законска одредба произлегува дека одредбите од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008, 6/2009 и 161/2009), кои влегле во сила и чија примена беше предвидена од 1 јануари 2014 година, ќе се применуваат од 1 јануари 2011 година.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 51 став 1 од Уставот се определува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со член 52 од Уставот се предвидува дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1). Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување (став 2). Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а другите прописи со Уставот и законите, при што законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ и потоа влегуваат во сила најрано осмиот ден од објавувањето или по исклучок со денот на донесувањето, со тоа што тие акти можат да имаат дејство пред објавувањето ако нивните одредби се поповолни за граѓаните.

Во конкретниот случај, Законот за водите донесен во 2008 година и неговите измени и дополнувања донесени во 2009 и 2010 година се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008, 6/2009, 161/2009 и 83/2010, влегоа во сила по нивното објавување и нивната примена е определена по објавувањето и влегувањето во сила, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со наведените уставни одредби. Во однос на оспорениот член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2009, кој е објавен на 15 јануари 2009 година, влезе во сила на 16 јануари, а се применува од 1 јануари 2009 година, таквата одредба, според Судот, има основа во член 52 став 4 од Уставот со оглед дека содржината на членовите 1-5 од тој закон определува укинување придонес за води односно престанок на важење на надоместокот за водите што го плаќале определени вработени лица, па повратното дејство на тие одредби определено со оспорениот член 6 е поповолно за граѓаните и има основа во означената одредба од Уставот.

Во врска со наводот во иницијативата дека можело да се вршат изменувања и дополнувања на закон, но тие промени не можеле да почнат да се применуваат пред почетокот на примената на законот на кој се врши изменувањето и дополнувањето, во конкретниот случај Судот оцени дека таквиот навод е неоснован со оглед дека измените и дополнувањата на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2009 вршат промени на дел од Законот за водите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 кои влегле во сила (бришење на член 206 точка 5, на членовите 216 и 217 и на дел од член 218, како и дополнување на член 212), потоа за променетите одредби определуваат друга дата на започнување на примената од датата определена за останатите одредби од тој закон а кои промени се поповолни за граѓаните, и сето тоа е направено по објавувањето и влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2009), поради што оспорената одредба не е во несогласност со наведените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.44/2016
5 октомври 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева