44/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јули 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008 и 64/2009).

2. Владимир Стефановски, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со членовите 9, 13, 14, 15, 30 став 3 и 34 од Уставот на Република Македонија. Имено, според оспорената одредба од Законот, обврзникот ќе се казни со глоба од 2000 до 3000 евра, во денарска противредност, доколку истиот не поднесе пресметка за подигање бруто плата до Управата за јавни приходи најдоцна до 15-ти во тековниот месец, а за претходниот месец, без разлика дали даночниот обврзник остварил приход или не. Спротивно на начелата на Уставот, според наводите во иницијативата, граѓаните биле двојно казнувани, бидејќи плаќале казнена (затезна камата) за доцнење во висина од 0,03% дневно, како и глоба во износ од 2000 до 3000 евра. На граѓаните дотолку повеќе им се предизвикувале штетни последици, со суспендирањето на правото на жалба на поединечни правни акти донесени од страна на државната управа – член 2 од Законот за општата управна постапка, според кој правото на жалба треба да се регулира со посебни закони, но во овој закон (Законот за задолжително социјално осигурување) немало предвидено таква можност, односно не било предвидено право на жалба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 28 од Законот „Глоба во износ од 2000 до 3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на обврзникот за пресметка и уплата на придонесите за сторен прекршок, доколку:

1) изврши исплата на плата, а не пресмета и уплати придонеси во пропишаниот рок,
2) неправилно ја подготви пресметката и уплатата на придонесите ги изврши на погрешен износ,
3) постапи спротивно на член 18 од овој закон, и
4) постапи спротивно на член 22 став 1 од овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според Амандман XX од Уставот, со кој е дополнет членот 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Согласно член 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Според Амандман XXI од Уставот, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлука донесена во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Во членот 30 став 3 од Уставот, е предвидено дека никому не можат да му бидат одземени или органичени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утрден со закон.

Спорд член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување со закон и со колективен договор.

Од наведените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека Уставот прокламира и утврдува право на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност, која се остварува врз начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламирањето на наведените уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјално осигурување, начинот, постапката и условите за остварување на овие права се оставени за уредување на законодавната власт.

Видовите на придонеси за задолжително социјално осигурување се предмет на уредување на Законот за задолжително социјално осигурување.

Според член 1 од наведениот закон, се уредуваат видовите на придонеси за задолжителното социјално осигурување, обврзниците за плаќање на придонеси, обврзниците за пресметка и уплата на придонесот, основиците на кои се плаќаат придонеси, стапките на придонеси, начинот на пресметка, роковите на плаќање на придонеси, контрола на пресметување и уплата на придонеси, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите.

Согласно членот 2 од истиот закон, со плаќање на придонесите се обезбедуваат средства за финансирање на задолжителното социјално осигурување.

Во Глава VII „Пресметка и уплата на придонесите“ од Законот, односно во член 18 е предвидено дека обврзникот за пресметка и уплата на придонесите е должен пресметката да ја врши месечно, поединечно за секој осигуреник врз основа на основиците утврдени во членот 14 од овој закон за соодветниот месец и податоците за пресметана плата или дел од плата, надоместок на плата, односно друг паричен надоместок и придонесите да ги доставува до Управата за јавни приходи, најдоцна до 10 во тековниот за претходниот месец, по електронски пат, на начин и постапка утврдени согласно со актот од членот 17 став 2 на овој закон (став 1). Месечната пресметка од ставот 1 на овој член ја контролира и потврдува Управата за јавни приходи, пред да се изврши уплата на придонесите кај носителот на платниот промет.

Во член 22 став 1 од Законот е предвидено дека обврзникот за пресметка и уплата на придонесите – работодавач за своите вработени и самовработени лица за своите вработени согласно со прописите од областа на работните односи е должен да му достави заверена писмена пресметка за пресметаните и уплатените придонеси на обврзникот за плаќање на придонеси најдоцна 15 дена од денот на исплатата на плата или дел од плата, надоместок на плата, како и збирен годишен извештај по истекот на годината најдоцна до 15 февруари наредната година.

Во членот 26 од Законот, кој е поместен во Глава X со наслов: „Ослободување од обврската и мирување на обврската за плаќање на придонеси“, е предвидено дека за време на мирување на работниот однос кое на вработениот му е одобрено во согласност со законот кој ги уредува работните односи, мирува обврската за плаќање придонеси, освен ако со закон поинаку не е определено.

Оспорениот член 28 од Законот кој е содржан во Глава XII со наслов: „Прекршочни одредби“, предвидува дека глоба во износ од 2000 до 3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на обврзникот за пресметка и уплата на придонесите за сторен прекршок, доколку: 1) изврши исплата на плата, а не пресмета и уплати придонеси во пропишаниот рок, 2) неправилно ја подготви пресметката и уплатата на придонесите ги изврши на погрешен износ, 3) постапи спротивно на членот 18 од овој закон и 4) постапи спротивно на членот 22 став 1 од овој закон.

Од анализата на изнесените законски одредби произлегува дека одредбите од Законот се применуваат, меѓу другото, за исполнување на обврските во врска со плаќањето на придонесите од задолжителното социјално осигурување од кои, пак, се обезбедуваат средства за негово финансирање. Целината на законот имплицира обврска за работодавецот да ги пресметува, задржува и уплатува придонесите при исплата на секоја плата, односно дел од плата и истовремено да достави заверена писмена пресметка за пресметаните и уплатените придонеси на работникот. Контролата на неплатеност на придонесите ја врши Управата за јавни приходи.

Придонесите претставуваат јавна давачка и истите се пропишуваат со закон и кај овие јавни давачки изразен е елементот на противуслуга, односно се претпоставува дека лицата кои се задолжени за овој вид на јавни давачки, во одреден момент на старост, болест, инвалидност, мајчинство или привремена невработеност, ќе имаат директна корист преку остварување на одредено право од сферата на социјалното осигурување, како резултат на плаќање на соодветни придонеси. Оттука, законодавецот во овој закон утврдува права и обврски за сите граѓани што се наоѓаат во иста положба, со што се реализира уставната определба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, како и начелото на владеењето на правото и социјалната солидарност.

Во членот 33 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Значи, јавните давачки, како во случајот со придонесите од задолжително социјално осигурување) се од највисок јавен интерес, дефиниран не само во закони, туку и во Уставот на Република Македонија. Оспорената одредба од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е во функција на остварување на јавниот интерес и воопшто не е спротивна на член 30 став 3 од Уставот на Република Македонија. Во членот 34 од Уставот на Република Македонија граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (односно членот 28 од истиот) не само што не е спротивен на овој член од Уставот, туку најдиректно придонесува за негово афирмирање и овозможување на социјално осигурување и социјална сигурност на граѓаните на Република Македонија, како и директно придонесување кон јакнењето на една од темелните вредности врз кои почива Уставот на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Наводите во иницијативата дека никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука (член 14 став 2 од Уставот на Република Македонија) не се однесуваат за конкретниот случај со оглед на тоа што затезната камата согласно член 4 точка 4 од Законот за даночната постапка претставува споредна даночна давачка за исполнување на пропишаните даночни обврски за дејствијата во даночната постапка.

Казните и дејствијата кои се казниви се дефинирани во Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување. Исто така, во овој Закон не се предвидуваат две (или повеќе) казни за едно исто дело и оттаму, членот 28 од Законот не е во спротивност со член 14 од Уставот на Република Македонија.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Тргнувајќи од фактот што оспорената одредба е содржана во Глава XII со наслов „Прекршочни одредби“ и регулира одреден прекршок неспорно произлегува дека правото на жалба е уредено во Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) каде е пропишна прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршоците. Од овие причини Судот оцени дека неосновано е тврдењето во иницијативата и по однос на наводот дека по однос на решението содржано во оспорената одредба не е допуштено правото на жалба.

Предвид на напред наведената уставно судска анализа, според Судот со оспорената одредба не се повредени одредбите од Уставот на кој се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.44/2009
8 јули 2009 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски