Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 став 6 и член 154 став 3 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000, 49/2003 и 113/2005).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 27 став 6 и член 154 став 3 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 27 став 6 од Законот не бил во согласност со: член 8 став 1 алинеја 4 односно со начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, со член 33, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и 3, член 91 алинеја 1 и 5, а особено со член 96 од Уставот на Република Македонија, затоа што во целината на Законот како и во оспорениот член недостасуваат критериуми врз основа на кои министерот надлежен за работите од високото образование би ги утврдувал видот и висината на надоместокот за трошоци во постапката на акредитација.
Со оставањето можност на министерот без критериум, односно конкретна законска рамка да се утврдува видот и висината на надоместокот се оставал простор за мешање на извршната во законодавната власт.
Оттука, според подносителот даденото законско овластување на министерот – надлежен за работата на високото образование да ги утврдува видот и висината на трошоците не би можело да биде во функција на утврдување и разработка на одделни законски одредби заради нивно извршување.
Според подносителот на иницијативата оспорениот член 154 став 3 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 5, член 34 и член 51 од Уставот на Република Македонија затоа што со дадената можност на редовните професори во пензија да работат и по нивното пензионирање по договор за дело или договор за вработување на определено време се создавала можност за нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, како и можност од привилегии, злоупотреба и манипулација. Ова затоа што сите граѓани на Република Македонија кои по сила на закон се пензионирани, по нивното пензионирање не можат да заработуваат и од друг извор, надвор од пензијата, што за жал не се однесувало на еден дел редовни професори.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 27 став 6 од Законот е утврдено дека „министерот за образование и наука, по претходно мислење на одборот за акредицаија ги утврдува видот и висината на надоместокот за трошоци во постапката за акредитација“.
Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.
Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Со Законот за високото образование се уредуваат условите и постапката за основање, финансирање и престанок на високообразовната установа и се утврдуваат основите на организација, управување, развој и вршење на високообразовната дејност.
Во членот 23 од Законот поместен во Глава IV „Обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование“ е предвидено дека наведениот систем опфаќа: одобрување потврдување и признавање на високообразовната установа, што се остварува преку акредитација; процена на квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, на управувањето, финансирањето, академски и други активности кои се остваруваат преку систем на еволуација и други активности и механизми за оценување на квалитетот на високото образование.
Согласно членовите 24, 25 и 26 од Законот доделувањето на статусот, потврдувањето и признавањето на високообразовни установи го врши Одборот за акредитација кој е самостојно тело, составено од 15 члена со точно законски утврден состав на членовите на Одборот кој согласно дадените овластувања одлучува врз принципот на стручност и компетентност.
Во членот 27 од Законот е предвидено дека Одборот за акредтиација самостојно ја воспоставува внатрешната организација, го организира своето работење, ја утврдува програмата на активностите, ја утврдува методологијата на акредитацијата и методологијата на еволуација и предлага финансиски план за трошоците.
Одборот за акредтиација може да основа експертски комисии на кои им ја определува нивната надлежност во постапката за акредитација.
Работата, начинот на одлучување, методологијата и постапката за акредитација како и други прашања поблиску се уредуваат со правилник.
Правилникот од став 3 на овој член го донесува Одборот за акредитација, а согласност дава Владата на Република Македонија.
Средствата за работа на Одборот за акредитација се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија во посебна ставка.
Според член 42 од Законот, акредитацијата се врши според постапка утврдена со овој закон.
Акредитацијата се врши со решение. Одборот за акредитација решението го донесува за секоја високообразовна установа одделно во рок од 60 дена кој може да биде продолжен уште за 60 дена ако тоа го бараат околностите. Против решението на Одборот за акредитација може да се поднесе тужба до Врховниот суд на Република Македонија чија одлука е конечна. Постапката пред Врховниот суд е итна.
Од анализата на целината на Законот за високото образование, како и од другите одредби со кои се уредува составот, надлежноста и постапката за акредитација произлегува дека Одборот за акредитација како самостојно тело презема одредени дејствија за што се прават трошоци кои согласно членовите 116 и 120 од Законот за општата управна постапка ги сноси странката по чие барање се спроведува постапката за акредитација за што се донесува решение.
Имајќи го предвид фактот што со оспорената одредба е уредено прашањето дека за спроведување на постапката за акредитација на високообразовната установа се предизвикуваат трошоци на постапката кои произлегуваат како резултат на спроведување дејствија од страна на Одборот за акредитација или комисии кои ги основа Одборот, Судот смета дека давањето мислење на Одборот за акредитација на министерот надлежен за високото образование, а со цел да се утврди видот и висината на трошоци во постапката е доволно објективна рамка, министерот да ги утврди тие трошоци, што е во насока на операционализација на законските одредби.
Со оглед на изнесеното произлегува дека се неосновани наводите во иницијативата дека со даденото законско овластување на министерот да ги утврди видот и висината на надоместоци се доведува во прашање начелото на поделба на власта.
Воедно, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека оспорената одредба не била во согласност со член 33 и член 68 од Уставот на кои само се повикува подносителот на иницијативата, затоа што во конкретниов случај не станува збор за јавна давачка чиј вид, висина, олеснувања и ослободувања мора да бидат утврдени со закон, како што смета тој, туку за надоместок на трошоци во постапката кој барателот за акредитација треба да ги плати за спроведената постапка.
Врз основа на наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласнсота на член 27 став 6 од Законот со одредбите од Уставот.
4. Судот исто така утврди дека во оспорениот член 154 став 3 од Законот е предвидено дека „ако наставно научниот совет утврди дека на јавен конкурс не се јавил кандидат кој ги исполнува формалните услови за избор на наставно-научно звање и ако утврди потреба за вклучување на редовен професор во пензија во вршењето на додипломски студии, високообразовната установа може, по исклучок, за една наставна дисциплина да склучи договор за извршување на тие работи, за време кое не може да биде подолго од една учебна година. Наставно научниот совет за утврдување потреба за вклучување на редовен професор во пензија за секоја учебна година, но не повеќе од три учебни години“.
Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 32 од Уставот со кој се гарантира правото на работа како едно од основните економски права на човекот и граѓанинот, меѓу другото, е утврдено дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдено со закон и со колективен договор.
Од наведените уставни одредби произлегува дека како основни социјално економски права, меѓу другите се утврдени правото на работа, правото на социјална сигурност и правото на социјално осигурување како одраз на социјалниот карактер на државата.
Меѓутоа, наведените права Уставот само начелно ги утврдува, а определувањето на нивната содржина во смисла на утврдувањето на посебните видови права што им припаѓаат на граѓаните, категоријата на граѓани кои можат да ги остварат тие права, нивниот обем и висина, условите, средствата и постапката за нивно остварување е предвидено да биде уредено со закон и колективен договор, при што законодавецот при уредувањето на тие права единствено е ограничен со обврската за почитување на уставните принципи и начела, а пред се уставното начело на еднаквост.
Остварувањето на правото на вработување и положбата на вработените, врз основа на уставните овластувања, поконкретно се уредени со Законот за работните односи и соодветниот закон од одредена област, како израз на специфичноста на дејноста што се обавува.
Со Законот за високото образование, покрај другото, е уредено прашањето кое се однесува на наставно научните, наставните и соработничките звања, критериумите за избор на наставници во наведените звања, постапката и времето за кои се врши изборот во наведените звања.
Според Законот лицата избрани во наставно научно звање се доцент, вонреден професор и редовен професор.
Редовен професот избран во наведеното звање кое и по втор пат ќе биде избрано во ова звање со над 60 години старост по изборот стекнува работен однос на неопределено време и го задржува звањето редовен професор доживотно.
Изборот во наставно-научните, наставните и соработнички звања се врши по пат на државен конкурс, а постапката по конкрусот може да трае најмногу шест месеци, а ако тоа се заврши во тој рок постапката се запира и се распишува нов конкурс (член 139 од Законот).
Во членот 154 став 1 од Законот е предвидено дека на лицето избрано во наставно-научно, или наставно звање, кое во текот на учебната година ги исполнило условите за пензионирање, работниот однос му трае до крајот на учебната година.
Во ставот 2 од наведениот член е предвидено дека редовен професор во пензија има право да изведува последипломски и докторски студии или да работи на научно истражувачки проекти под услови определени со статутот на високообразовната установа.
Од содржината на наведените законски одредби произлегува дека наставно научниот совет како надлежен орган за избор на кандидат во наставно научно звање може по исклучок за определено време да вклучи редовен професор во пензија при што вклучувањето на ваков професор е условено, а тоа е на конкурсот да не се јавило лице кое ги исполнува формалните услови и тоа за една наставна дисциплина за време од една, а најмногу до три учебни години.
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби како и содржината на оспорената одредба, според Судот со давањето на законската можност редовен професот во пензија да биде вклучен во образовниот процес со договор, не се нарушува начелото на еднаквост, поаѓајќи од фактот што овие лица можат да бидат вклучени само по исклучок односно по исцрпување на можноста во образовниот процес да бидат вклучени лица кои ги исполнуваат формалните услови за редовен професор.
Оттука, имајќи ја предвид специфичноста на образовниот процес како двигател на развојот на заедницата, Судот смета дека целта на ваквото законско решение не е во насока на создавање на можност за нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законот, односно утврдување на привилегии за една категорија на граѓани, туку е во насока на обезбедување на континуитет во образовниот процес кој ќе се обезбеди од стручни кадри кои биле вклучени во образовниот систем, а при тоа нивната возраст не е пречка за успешно извршување на задачите.
Оваа законска одредба, според Судот е израз на доследно почитување на едно од основните економски права, а тоа е правото на работа кое со Уставот не е ограничено во смисла на утврдување на горната граница на возраст до кога граѓанинот може да го остварува ова право за разлика од правото на пензионирање кое граѓанинот може да го оствари со навршување на одредени години на стаж и старост.
Врз основа на изнесеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 154 став 3 од Законот со одредбите на Уставот.
5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на член 154 став 3 решението е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.43/2006
18 октомври 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи