42/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 16 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Правилник за организирање и спроведување на проверувањето на постигањето на успехот на учениците, како и на начинот на утврдување на завршните оценки на ученикот во јавните средни училишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.165/2008) донесен од министерот за образование и наука.

2. Наташа Велеска од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот правилник бил во целост спротивен на член 9 и член 44 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со него се правело подвојување помеѓу граѓаните кои се школувале во јавните средни училишта и оние кои се школувале во приватните средни училишта, потоа со него се воведувале дополнителни екстерни испити само за учениците во јавните средни училишта со што во целост било прекршено уставното начело на еднаквост на граѓаните и тоа на оние што биле платежно моќни да се школуваат во приватни средни училишта и оние што се школувале во јавните средни училишта, затоа што не биле платежно моќни да се школуваат во приватните средни училишта. Со оспорениот правилник, исто така, посебно бил повреден членот 44 од Уставот, бидејќи со него не се овозможувала достапност на образованието до секого, под еднакви услови, што се гледало од таму што образованието и оценувањето во приватните и јавните средни училишта било различно.

3. Судот на седницата утврди дека, министерот за образование и наука, врз основа на членот 45 став 6 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08 и 92/08), го донел оспорениот правилник, кој е составен од 29 одредби ситематизирани во пет глави и тоа: Општи одредби, Начин на организирање и спроведување на екстерното проверување, Училишна комисија за подготовка за спроведување на екстерното проверување, Начин на утврдување на завршни оценки и Завршна одредба.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 44 од Уставот, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според членот 51 од Уставот, во Ре публика Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 45 став 6 од Законот за средното образование е предвидено дека, начинот на организирање и спроведување на проверување на постигањето нa успехот на учениците од ставовите 2 и 3 на овој член, како и начинот на утврдувањето на завршните оценки на ученикот го пропишува министерот.

Во конкретниот случај од насловот и содржината на оспорениот правилникот донесен од министерот за образование и наука неспорно произлегува дека доуредува конкретна проблематика која се однесува само на учениците во јавните средни училишта, но не и на учениците во приватните средни училишта. Притоа, отсуство на доуредување произлегува од фактот што одредбите на Законот за средното образование прават разлика помеѓу јавно средно образование кое е задолжително и бесплатно и приватно средно образование кое нема таков третман (член 2 став 2, член 4 став 2 и 4, член 6, член 12 став 1, член 17, член 18, член 20, член 22, член 27, член 28 став 2, член 29-а, член 30, член 30-а, член 31, член 31-е, член 34 став 2, член 35, член 36, член 37, член 38, член 42, член 44, член 45 и други) од каде оспорениот правилник не е акт кој доведува до нееднаковост помеѓу учениците во јавните и приватните средни училишта, туку тие имаат различен третман според самиот Закон.

Според тоа, оспорениот правилник и не може да доуредува проблематика која би се однесувала на учениците во прив атните средни училишта кои се образуваат и оценуваат според планови и програми на приватните средни училишта.

Врз основа на изнесеното произлегува дека оспорениот правилник е во согласност со членот 9 од Уставот, како и со членот 44 од Уставот кој предвидува достапност на образованието под еднакви услови која со оспорениот правилник не е доведена во прашање.

Меѓутоа, имајќи ја предвид околноста што Уставниот суд на Република Македонија, по поднесувањето на конкретната иницијатива, донесе одлука У.бр.226/2009 од 1 јули 2009 година, со која, меѓу другото, го укина член 45 став 3, во делот: „а го организира и спроведува Министерството и Државниот просветен инспекторат“ од Законот за средното образование, Судот оцени, дека по однос на оспорениот правилник може да се постави прашањето за негова согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, а поради следното:

Основ за донесување на оспорениот правилник е членот 45 став 6 од Законот, која одредба, меѓу другото се повикува и на ставот 3 од истиот член од Законот, чиј дел: „а го организира и спроведува Министерството и Државниот просветен инспекторат“ е укинат од страна на Уставниот суд со Одлуката У.бр.226/2009 од 1 јули 2009 година, од причини што Судот оценил дека орган на извршната власт, надвор од училиштето и воспитно-образовниот процес, не може да врши екстерно проверување и оценување на учениците во основните и средните училишта, односно дека не е во согласност со Уставот и принципот на владеењето на правото Министерството за обра зование и Државниот просветен инспекторат да организираат и спроведуваат проверување на успехот на ученикот, а кое е од влијание на конечниот постигнат општ успех на ученикот. Ова од причина што, според образовниот систем, спроведувањето на наставниот процес и утврдувањето на општиот успех на ученикот, го спроведуваат образовни установи и тела.

Од друга страна, согласно член 1 од оспорениот правилник, с о овој правилник се пропишува начинот на организирање и спроведување на проверувањето на постигањето на успехот на учениците, како и начинот на утврдувањето на завршните оценки на ученикот во јавните средни училишта.

Според членот 2 од Правилникот, екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците (во натамошниот текст: екстерно проверување) во јавните средни училишта е проверка на постигањата на учениците согласно наставните програми за средно образование, спроведено од страна на Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: Министерството) и Државниот просветен инспекторат со тестови подготвени од Државниот испитен центар.

Според членот 5 став 1 од оспорениот Правилник, наставни предмети за екстерно оценување се определуваат од страна на министерот за образование и наука, врз основа на бројот на паралелките, распределба на наставните часови во училиштата, јазикот на кој се изведува наставата и наставниот план и програми.

Според членот 6 од Правилникот, во спроведувањето на екстерното проверување учествуваат и училишни комисии, локални координатори од редот на државнит е просветни инспектори, овластени лица за надзор над текот на екстерното проверување и тестатори.

Во членот 7 став 1 од Правилникот е предвидено дека, екстерното проверување се врши во термини утврдени од страна на министерот, а според ставот 2 од истиот член од Правилникот, термините за екстерно проверување министерот ги објавува најдоцна 10 дена пред завршувањето на наставната година.

Според членот 11 став 1 од Правилникот, училишната комисија за подготовка за спроведување на проверувањето во електронска форма ги доставува потребните податоци за екстерното проверување најдоцна до 31-ви декември во тековната учебна година до Министерството.

Во членот 12 став 2 од Правилникот е определено дека, за учениците, кои од оправдани причини, не може да се изврши екстерно проверување во месец јуни, истото се спроведува во дополнителен рок за проверување определен од страна на министерот за образование и наука.

Според членот 16 став 1 од Правилникот, во случаи на спреченост на започнување на екстерното проверување во определеното време, училишната комисија може да го одложи започнувањето на проверувањето најмногу до 45 минути и за тоа се известува Министерството и Државниот просветен инспекторат, а според ставот 3 од истиот член од Правилникот, ако задоцнувањето е подолго од 45 минути, од страна на Министерството, во соработка со училишната комисија, се одложува проверувањето во термин кој дополнително ќе се утврди.

Во членот 19 став 2 од Правилникот е предвидено дека, освен учениците и тестаторите, на проверувањето може да присуствуваат и други лица за надгледување на екстерното проверување кои имаат писмена дозвола од Министерството.

Според членот 21 став 7 од Правилникот, добиените оценки комисијата од член 20 став 3 од овој правилник ги доставува во електронска форма до Министерството.

Според членот 23 алинеја 8 од Правилникот, училишната комисија од член 22 на овој правилник, меѓу другото, е надлежна да извршува други задачи доделени од Министерството, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, центарот за стручно образование и обука и Државниот просветен инспекторат.

Според воведната реченица на членот 23 став 3 од Правилникот, тестирањето за екстерното проверување го спроведува тестаторот согласно процедурите утврдени од Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество.

Тргнувајќи од фактот дека цитираните одредби од оспорениот правилник уредуваат активното и дирекно учество на Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат, како необразовни установи и тела во организирање и спроведување на проверувањето на постигањето на успехот на учениците, како и во начинот на утврдување на завршните оценки на ученикот во јавните средни училишта, Судот оцени дека по однос на оспорениот правилник може да се постави прашањето за согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот. Ова од причина што правилникот како подзаконски акт го изгубил правниот основ од кој произлегол по објавувањето на интервентната одлука на Судот У.бр.226/2008 од 1 јули 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2009 од 16 јули 2009 година) и како таков не може самостојно да опстане во правниот поредок и да ги доуредува правните односи за кои првично бил донесен од страна на министерот за образование и наука.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.42/2009
16 септември 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски