42/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Договорот за работа од дома бр.04-6516/1, склучен меѓу работодавецот Македонска радио телевизија претставуван од Генералниот директор Гордана Стошиќ и работникот Јован Булески од Тетово на 16 декември 2003 година.

2. Јован Булески од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот договор за работа од дома не бил во согласност со член 32 од Уставот и членовите 27 и 28 од Законот за работните односи, а кои се однесуваат за условите и начинот за работа од дома.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 14,а согласно членовите 24-а и 24-б од Законот за работните односи и член 18 од Колективниот договор на ЈП Македонска радио телевизија, а согласно Одлуката на Управниот одбор на ЈП Македонска радио телевизија, работодавецот Македонска радио телевизија претставуван од директорот Гордана Стошиќ и работникот Јован Булески е склучен договор за работа од дома.

Со овој договор се уредуваат правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос заснован помеѓу работодавецот МРТВ и работникот.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниов случај оспорениот акт има карактер на поединечен акт, односно нема карактер на пропис, поради што не може да биде предмет на уставно судска оцена.

Со оглед на тоа што оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, туку е поединечен акт со кој се уредуваат права и обврски на подносителот на барањето и Македонска радио-телевизија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.42/2005
6 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова