У.бр.4/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 10 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат (“Службен весник на Република Македонија” број 69/2015, 227/2015, 177/2016 и 197/2016).

2. Гранскиот независен синдикат на полицијата од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата, членот 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, бил спротивен на член 37 став 1 од Уставот на Република Македонија, член 184 ставови 1 и 2 и член 186 став 2 од Законот за работните односи, како и на член 35 од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор, бидејќи со оспорениот член од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, Македонскиот полициски синдикат бил определен како единствен синдикат, без да се земело во предвид дека во рамките на Министерството за внатрешни работи опстојувал и друг синдикат, односно Гранскиот независен синдикат на полицијата, кој броел членство повеќе од илјада вработени во Министерството и кој бил регистриран во Централниот регистар на Република Македонија, а и регистриран како правен субјект во Министерството за труд и социјална политика.

Подносителот наведува дека од членот 4 од Колективниот договор, јасно се гледало дека под зборот „синдикат” се подразбирал само Македонскиот полициски синдикат, односно никаков друг синдикат, од кои причини со недозволувањето независниот синдикат на полицијата, да биде рамноправен партнер во остварувањето на правата на членовите на независниот синдикат и на сите вработени во Министерството, на Гранскиот независен синдикат на полицијата му било ускратено правото на понатамошно синдикално делување заради заштита на работничките права, иако бил уредно основан и функционирал согласно позитивните законски прописи.

Од наведените причини со иницијативата се бара поништување на членот 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, со цел независниот синдикат на полицијата да ги има истите права и обврски што ги имал Македонскиот полициски синдикат, за да можел непречено да ги извршува обврските согласно закон.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, синдикат во смисла на овој колективен договор е Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат (во натамошниот текст: Синдикатот) претставуван од претседателот на Македонскиот полициски синдикат и неговите овластени претставници.

4. Согласно член 32 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 37 од Уставот, е определено дека заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатитите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Со Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016) се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Според член 184 став 1 од Законот за работни односи, работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси (став 2).

Според член 186 став 2 од Законот за работни односи, активноста на синдикатот и на нивниот претставник не може да се ограничува со акт на работодавачот, ако таа е во согласност со закон и колективен договор.

Во Законот за работни односи, во главата „XIX. Колективни договори” (членови 203 до 235), уредени се видовите на колективни договори, примената и важноста на колективниот договор, предметот на колективното договарање, обврската за колективното договарање, лицата кои ги обврзува колективниот договор, обликот на колективниот договор, учесниците во склучувањето на колективниот договор, страните кои учествуваат во колективното договарање, прашањето за репрезентативност на синдикатот и на здружението на работодавачи, условите за определување на репрезентативност на синдикатот, односно постапката за утврдување на репрезентативност, судската заштита на членските права, судска заштита на правото на здружување и други прашања кои произлегуваат од колективното договарање.

Колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка, односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач (член 203 од Законот за работни односи).

Со членот 210 став 1 од Законот, се определува дека колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Министерот надлежен за работите од областа на трудот, ја утврдува репрезентативноста на синдикат на предлог од Комисија за утврдување на репрезентативноста (член 213-а), за што донесува решение за репрезентативност (член 213-г став 2), кое може да се обжали до второстепена надлежна комисија, а и да се води управен спор пред надлежен суд против решението со кое е одлучувано по жалбата (член 213-г ставови 3 и 4).

Со член 219 став 1 од Законот, се определени страните за склучување на поединечниот колективен договор, а тоа се: репрезентативниот синдикат кај работодавачот и овластенето лице од работодавачот. Според став 2 на истиот член, ако во склучувањето на колективниот договор од ставот 1 на овој член учествуваат повеќе репрезентативни синдикати се образува одбор за преговори.

Правен основ за склучување на поединечен колективен договор на ниво на работодавач е членот 32 од Уставот и наведените одредби од Законот за работните односи. Во оваа смисла, е склучен поединечен колективен договор на ниво на работодавач, помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.

Со иницијативата се оспорува членот 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи кој уредува дека синдикат во смисла на овој колективен договор е Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат (во натамошниот текст: Синдикатот) претставуван од претседателот на Македонскиот полициски синдикат и неговите овластени претставници.

Според подносителот на иницијативата, оспореното уредување значело дека Македонскиот полициски синдикат бил единствен синдикат во Министерството за внатрешни работи, односно непостоење на никаков друг синдикат, без да се земело во предвид дека во рамките на Министерството за внатрешни работи опстојувал и друг синдикат, односно Гранскиот независен синдикат на полицијата, регистриран во Централниот регистар на Република Македонија, а и регистриран како правен субјект во Министерството за труд и социјална политика.

Оттука, подносителот на иницијативата, смета дека ненаведувањето и на Гранскиот независен синдикат во оспорениот член од Колективниот договор, значело недозволување на независниот синдикат да биде рамноправен партнер во остварувањето на правата на членовите на Гранскиот независен синдикат и на сите вработени во Министерството, односно дека со тоа му било ускратено правото на понатамошно синдикално делување заради заштита на работничките права, иако бил уредно основан и функционирал согласно позитивните законски прописи.

Во прилог на одговорот на наводите од иницијативата, Македонскиот полициски синдикат, како потписник на Колективниот договор, презентира Решение за утврдување на репрезентативност на синдикат на ниво на гранка односно оддел, донесено од министерот за труд и социјална политика на предлог на Комисијата за утврдување на репрезентативност, со број 08-3075/2 од 10.09.2013 година, со правна поука против истото.

Со Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работниот однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи (член 1).

Со членот 2 на Колективниот договор, е определено дека работодавач во смисла на овој колективен договор е Министерството за внатрешни работи на Република Македонија (во натамошниот текст: Министерството) претставувано од министерот за внатрешни работи (во натамошниот текст: министерот), кое вработува работници врз основа на договор за вработување.

Според оспорениот член 4 на Колективниот договор, синдикат во смисла на овој колективен договор е Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат (во натамошниот текст: Синдикатот) претставуван од претседателот на Македонскиот полициски синдикат и неговите овластени претставници.

Од содржините на членот 2 и оспорениот член 4 од Колективниот договор, произлегува дека тие се уредени во функција на определување на значењето на употребените изрази „работодавач” и „синдикат” во овој колективен договор, односно станува збор за појаснувачки одредби на употребените изрази, кои во натамошниот текст на колективниот договор, ќе се употребуваат во скратена форма.

Имајќи ги предвид погоре цитираните законски одредби, според кои колективен договор на ниво на работодавач го склучуваат репрезентативниот синдикат на вработените и работодавачот, а во конкретниот случај станува збор за таков вид на колективен договор, како и имајќи предвид дека страни, потписнички на склучениот Колективен договор на Министерството за внатрешни работи се токму субјектите кои според Законот за работните односи, се определени како легитимирани страни за склучување на колективен договор на ниво на работодавач, Судот утврди дека уредената содржина на оспорениот член 4 на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, не имплицира повреда на одредбите на Уставот и Законот за работни односи, на кои се повикува подносителот со иницијативата, од кои причини пред Судот, не се постави прашањето за согласноста на оспоренот член 4 од Колективниот договор, со Уставот и Законот за работните односи.

Што се однесува до наводите од иницијативата дека појаснувањето на употребениот израз „синдикат” во оспорениот член 4 од Колективниот договор, имало значење на недозволување на постоење на никаков друг синдикат, освен Македонскиот полициски синдикат, според Судот тоа е погрешна интерпретација на уредената содржина, и не може да се прифати како таква.

Репрезентативност на синдикат на ниво на работодавач се определува заради учество во колективно договарање на ниво на работодавач (член 211 став 5 од Законот за работни односи). Со член 212 од Законот се утврдени условите за репрезентативност на синдикатите. Репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени кај работодавачот и кои плаќаат членарина (став 5 на членот 212 од Законот). Репрезентативноста, може да се преиспитува на барање од синдикат и здружение на работодавачи (член 213-д од Законот за работни односи).

Правото на синдикално здружување на работниците, што значи и негово делување, произлегува од самиот Устав (член 37), а воедно и во Законот за работни односи (член 184) е транспонирана уставната одредба за правото на работниците по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси и тие можат да се основаат без какво било претходно одобрување.

Воедно, Законот за работни односи содржи низа одредби во насока на заштита на работниците поради нивното синдикално здружување заради делување и членување во синдикати. Законот за работни односи забранува ставање на некој во понеповолна положба поради членство или нечленство во синдикатот, односно здружението на работодавачите, односно учество или неучество во дејноста на синдикатот, односно здружението на работодавачите (членот 185 став 2 од Законот за работни односи). Исто така, членот 186 кој се однесува на заштита на синдикатот и здружението на работодавачите, уредува неможност, синдикатот, односно здружението на работодавачите да бидат распуштени или нивната дејност запрена по административен пат, ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон, ниту да се ограничи активноста на синдикатот и на нивниот претставник со акт на работодавачот, ако таа е во согласност со закон и колективен договор.

Во рамките на Законот за работни односи се уредени одредби кои се однесуваат и на судска заштита на членските права. Имено според член 196 од Законот, член на синдикатот, односно здружението на работодавачите може да бара судска заштита во случај на повреда на неговите права утврдени со статутот или другите правила на синдикатот, односно здружението. Уредени се и одредби (член 197) кои се однесуваат на судска заштита на правото на здружување, а и одредби со кои се забранува нееднакво постапување поради синдикално членство или активности (член 198), ниту пак работодавачот, директорот или некој друг орган и застапникот на работодавачот, не смеат да користат присила против кој било синдикат (член 198 став 3).

Забрана за дејствувањето на синдикатот, односно здружението на работодавачите, може да се изрече исклучиво со одлука на редовниот суд, надлежен според седиштето на синдикатот, односно седиштето на здружението на работодавачите, доколку неговата дејност е спротивна на Уставот и закон (член 202 став 1 од Законот за работни односи).

Оттука, неприфатливо е мислењето со иницијативата дека од оспорениот член 4 од Колективниот договор, произлегувало неможност за секакво друго синдикално делување, заради тоа што колективниот договор бил склучен со Македонскиот полициски синдикат како репрезентативен синдикат, бидејќи како што погоре е наведено, забрана на дејствување на синдикат може да се изрече исклучиво со одлука на надлежен суд, а доколку некој синдикат фактички е попречуван во своето делување или негов член, Законот за работни односи обезбедил правна заштита во таа насока.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи со одредбите на Уставот и Законот за работните односи на кои се повикува подносителот со иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.4/2017
10 мај 2017 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски