У.бр.4/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 7 јули 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 19 став 3 во делот

2. Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на дел од членот 19 став 3 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Правилникот предвидувала дека капењето на притворените лица од машки пол се вршело најмалку еднаш неделно, додека за притворените лица од женски пол капењето се вршело најмалку два пати неделно. Иако не било спорно дека Министерството за правда имало надлежност да го донесе споменатиот правилник, овој акт морал да биде во согласност со Уставот и со посебните закони за заштита и спечување на дискриминација и не смеел да биде дискриминаторски по ниту еден основ. Преку овозможување на користење на добро (капење во притворските одделенија на затворите) Министерството за правда донело пропис со кој извршило директна дискриминација врз основа на пол.

Во образложението на иницијативата се цитираат: член 9 од Уставот; член 3, член 5 точка 3 (погрешно означен како став 3), член 11 и член 12 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.177-пречистен текст) како и член 2 став 2 и член 3 став 2 од Законот за еднакви можности на мажите и жените („Службен весник на Република Македонија“ бр.201/2015-пречистен текст).

Според подносителот на иницијативата произлегувало дека донесениот пропис бил во директна колизија со цитираните уставни и законски одредби, бидејќи постоело правно и непосредно правење на разлика меѓу мажите и жените на начин што Министерството за правда не им дозволувало на мажите уживање на еднакви права и можности со жените. Преку наведениот пропис Министерството за правда поставило услови кои продуцирале нееднаква распределба на добра (топла вода и средства за лична хигиена) меѓу мажите и жените. Производот од ваквата состојба бил нерамноправност на мажите наспроти жените притвореници, која се огледувала во неможноста мажите да го уживаат правото на лична хигиена во мера и на начин како што тоа им било овозможено на жените притвореници. Овој пропис преставувал причина за повторена дискриминација (направена повеќе пати) и облик на продолжена дискриминација.

Во почетокот на иницијативата се оспорува целината на членот 19 став 3 од Правилникот, но иницијативата завршува со предлог Судот да ја укине оспорената одредба во делот: „од машки пол се врши еднаш неделно, додека за притворени лица од женски пол капењето“ со што би останал делот од оспорениот член 19 став 3 од Правилникот кој би гласел: „Капењето на притворените лица се врши најмалку два пати неделно“. Оттаму предмет на уставно-судска анализа е означениот оспорен дел.

3. Судот на седницата утврди според содржината на оспорениот член 19 став 3 од Правилникот, капењето на притворени лица од машки пол се врши најмалку еднаш неделно, додека за притворени лица од женски пол капењето се врши најмалку два пати неделно.

4. Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 25 став 3 од Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2006, 57/2010, 170/2013, 43/2014, 166/2014, 33/2015, 98/2015 и 11/2016) куќниот ред за извршување на мерката притвор во притворските одделенија на затворите го пропишува министерот за правда. Оваа одредба е законски основ за донесениот Правилник за куќниот ред за извршување на мерката притвор во притворските одделенија на затворите, чија одредба/дел од одредба е предмет на уставно-судска анализа.

Во иницијативата се посочува на повреда на неколку законски одредби, кои се означуваат со пречистени текстови на законите. Бидејќи одредбите во пречистените текстови нумерички и содржински се совпаѓаат со интегралниот текст на законите, во постапката пред Судот истите беа идентификувани.

Така, според член 3 од Закон за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2013, 44/2014, 150/2015 и 31/2016, се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

Во членот 5 од Законот е содражно значењето на изразите употребени во Законот. Според точката 3 од Законот, дискриминација е секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа.

Според членот 11 од Законот кој има наслов: „Дискриминација во обезбедување на добра и услуги“, оневозможувањето или ограничувањето на користењето на добра и услуги на лице или група на лица по некој од основите наведени во членот 5 точка 3 од овој закон претставува дискриминација.

Според членот 12 од Законот, како потежок облик на дискриминација, во смисла на овој закон, ќе се смета дискриминацијата направена кон одредено лице по повеќе дискриминаторски основи (повеќекратна дискриминација), дискриминација направена повеќе пати (повторена дискриминација), која е правена подолго време (продолжена дискриминација) или која со своите последици особено тешко го погодува дискриминираното лице.

Во членот 2 став 1 од Законот за еднакви можности на мажите и жените („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2012, 166/2014 и 150/2015) цел на овој закон е воспоставување на еднаквите можности на жените и мажите во политичката, економската, социјалната, образовната, културната, здравствената, граѓанската и која било друга област од општествениот живот. Воспоставувањето на еднакви можности е грижа на целото општество, односно на сите субјекти во јавниот и приватниот сектор и претставува отстранување на пречките и создавање услови за остварување на потполна еднаквост меѓу жените и мажите (став 2).

Во членот 3 став 1 од Законот е определено дека, овој закон се применува во јавниот и приватниот сектор во областите наведени во членот 1 став 2 од овој закон. Субјекти кои ги воспоставуваат еднаквите можности и еднаквиот третман на жените и мажите се органите на законодавната, извршната и судската власт, единиците на локалната самоуправа и други органи и организации во јавниот и приватниот сектор, јавни претпријатија, политички партии, средствата за јавно информирање и граѓанскиот сектор и сите лица кои обезбедуваат стоки и услуги кои се достапни за јавноста и кои се нудат надвор од подрачјето на приватниот и семејниот живот и трансакциите што се вршат во тој контекст без разлика дали односното лице припаѓа на јавниот или приватниот сектор (став 2).

Од анализата на членот 19 став 3 од Правилникот произлегува дека во него е предвиден најмалиот (минималниот) број на неделно капење за мажи (најмалку еднаш) и жени (најмалку два пати), односно не помалку од еднаш неделно за мажи и два пати неделно за жени. Ваквата незначителна разлика во минималниот број, предвидени пати за капење во текот на една недела, помеѓу мажите и жените, според оцена на Судот не претставува ограничување на правата на мажите, наспрема жените притвореници.

Ова ако се земе предвид дека мажите и жените меѓусебно се разликуваат физички, биолошки и градбено, од каде потребата од минимален број пати на одржување на личната хигиена кај жените, според одредени околности (месечен циклус, гинеколошко-здравствени проблеми, раѓање, доење и слично), може да биде и поголема, споредбено со онаа на мажите. Наведените околности ја оправдуваат определбата на министерот за правда да предвиди, само за еднаш поголема можност за капење на жените, по однос на мажите во текот на една недела.

Од друга страна, максималниот број на пати од уживање на потребата од капење воопшто не е ограничен, од каде во практиката одредбата може да се сведе на право на лична потреба или избор по однос на одржување на личната хигиена. Минималниот предвиден број на капења, исто така, може да се толкува и како здравствено-заштитна препорака на доносителот на Правилникот за одржување на личната хигиена на притворените лица што е во функција на заштита на здравјето и одржување на хигиената, како на поединците така и на групата во која припаѓаат.

Оттаму, Судот не ги прифати како основани тврдењата во иницијативата за сторена директна, индиректна, продолжена и повеќекратна дискриминација по основ на пол.

Судот, врз основа на наведеното оцени дека оспорениот дел од одредбата е во согласност со член 9 од Уставот, член 3, член 5 точка 3, член 11 и член 12 од Закон за спречување и заштита од дискриминација, како и со член 2 став 1 и член 3 став 1 од Законот за еднакви можности на мажите и жените.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски и Вангелина Маркудова.

У.бр.4/2016
7 јули 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева