4/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинeите 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 113 став 4 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/10, 52/10, 124/10 и 47/2011).

2. Јаворка Стојанова и други лица вработени во СОУ “Гоце Делчев” од Валандово, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесoa иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата поднесена од група вработени во СОУ “Гоце Делчев” во Валандово, кои работеле надвор од местото на живеење, со постоечкото оспорено законско решение, подносителите на иницијативата биле оштетени во делот на исплаќање на патни трошоци до и од работното место. Понатаму, со иницијативата се наведуваат одредби од Уставот и колективни договори и се цитира оспорената одредба од Законот со акцентирање во делот од одредбата “може”. Од иницијатовата не произлегуваат аргументи за несогласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот, туку со иницијативата се дава сугестија дека како што сите граѓани пред Уставот биле еднакви, согласно воведениот концепт на бруто плата, сите требало да земаат иста плата независно од каде доаѓаат до работното место.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 113 став 4 од Законот е определено дека работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа.

Судот исто така утврди дека оспорената одредба од Законот, била предмет на оценување од страна на Уставниот суд по однос на нејзината согласност со одредби од Уставот, односно со Решение У. бр. 20/2009 од 11 ноември 2009 година, Судот, помеѓу другото не повел постапка за оценување на уставноста на членот 113 став 4 во делот: „може да“ од Законот. Имено, Судот утврдил дека со воведувањето на системот на бруто плата, надоместокот за исхрана, односно т.н. хранарина како и надоместокот за превоз практично престанале да постојат, односно се пресметуваат како дел од бруто платата. Тоа повлекло и соодветни измени на законската регулатива, така што со Законот за измени и дополнувања на Законот за работните односи „Службен весник на Република Македонија“ бр. 161/2008) се избришани овие два вида на надоместоци, така што работодавачот не е веќе должен на работниците да им обезбедува посебен надоместок во паричен износ за овие трошоци. Оттука, Судот, во конкретниот случај оценил дека предвидената можност која не значи и обврска на работодавачот да им обезбеди исхрана и превоз на работниците на негов трошок, не може да го покрене прашањето за дискриминација на работниците, од причина што нејзиното остварување во практиката зависи од фактички околности како што се материјалните можности на работодавачот, карактерот на процесот на трудот и неговата деловна политика, односно деловна одлука за тоа дали работодавачот ќе обезбеди организиран превоз и исхрана на вработените.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

По повод претходно поднесена иницијатива, Судот, помеѓу другото ја оценувал и уставноста на сега оспорениот член 113 став 4 во делот: „може да“ од Законот за работните односи и со Решение У. бр. 20/2009 од 11 ноември 2009 година, не повел постапка за оценување на уставноста на делот од оспорената законска одредба, бидејќи оценил дека таа е во согласност со одредбите од Уставот.

Судот, притоа имаше во предвид дека во наведениот случај оспорен бил дел од одредбата од ставот 4 од членот 113 од Законот, а во конкретниот случај целината на ставот 4 од тој член, меѓутоа имајќи предвид дека Судот, оспорениот законски дел од членот 113 став 4 од Законот го ценел во рамките на целината на ставот 4 од наведениот член од Законот кој се оспорува со оваа иницијатива, а нема основи за поинакво одлучување, како и во отсуство на аргументација за несогласноста на оспорената законска одредба со одредбите на Уставот, Судот, оцени дека во конкретниот случај се исполнети процесните претпоставки за примена на цитираните деловнички одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 4/2011
28 декември 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски