4/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 6 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 6 ставовите 10 и 11 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2005).

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата во членот 6 став 6 и во членот 12 став 2 од Царинскиот закон биле предвидени надлежности на министерот за финансии кои биле дирекно во спротивност со уставниот принцип на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Ова поради тоа што со наведените одредби од Законот, министерот бил овластен да уредува прашања кои се уредуваат со закон, а не со подзаконски акти на министерот

Од овие причини оспорените одредби не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

Понатаму, со иницијативата се наведува дека во членот 6 став 10 од Царинскиот закон било утврдено дека Централната управа на Царинската управа ја одзема царинската лиценца за вршење на застапување доколку застапникот има правосилна и извршна пресуда за сторено кривично дело од областа на економскиот или нелегалниот промет. Според иницијативата, во ставот 11 од овој член од Законот било уредено дека кога царинската лиценца за вршење на застапување е одземена согласно со ставот 10 на овој член, нова царинска лиценца за вршење на застапување може да се добие по истекот на две години од денот на одземањето.

Наведените одредби од Законот биле неуставни бидејќи уредувале одземање на лиценца која можела повторно да се добие по две години од денот на одземањето, а одземањето всушност било дополнителна законска последица надвор од конкретно утврдената вина и определена казна со правосилна судска одлука на лицето, што било во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 11 став 1, членот 13 став 1, членот 14 став 1, членот 25, членот 32, членот 51 и членот 54 ставови 1 и 2.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 6 став 6 од Царинскиот закон министерот за финансии ја пропишува програмата и содржината на посебниот стручен испит од ставот 3 на овој член и ги определува трошоците и надоместоците за спроведување на стручниот испит.

Според членот 12 став 2 од Законот видот и износот на царинските надоместоци од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за финансии.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2005 и 4/2008) во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат правата и обврските на лицата и царинските органи во врска со стоката во патничкиот и стоковниот промет меѓу царинското подрачје на Република Македонија и странските царински подрачја.

Во делот од Законот кој се однесува на општите одредби кои ги регулираат правата и обврските на лицата во поглед на царинските прописи, во членот 6 став 3 е определено дека со царинска лиценца за вршење на застапување може да се здобие физичко лице кое ги исполнува следниве услови: – да има најмалку една година работно искуство од областа на царинското работење доколку лицето има висока стручна подготовка од специјализиран факултет од областа на царинското работење; – да има најмалку средна стручна подготовка и најмалку две години работно искуство во областа на царинското работење и – да има положен посебен стручен испит за вршење на застапување во царинските постапки.

Во истиот член 6 во ставот 6 од Законот е предвидено дека министерот за финансии ја пропишува програмата и содржината на посебниот стручен испит од ставот 3 на овој член и ги определува трошоците и надоместоците за спроведување на стручниот испит.

Според членот 12 став 1 од Царинскиот закон, царинскиот орган за направените услуги во царинската постапка наплатува надоместоци чиј износ не смее да биде повисок од стварните трошоци и не смее да претставува индирекна заштита на домашните производи или оданочување на увозот или извозот за фискални потреби.

Според оспорениот став 2 од овој член од Законот, видот и износот на царинските надоместоци од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за финансии.

Со оспорениот дел од членот 6 став 6 од Законот се третираат трошоци и надоместоци за спроведување на стручен испит, а со оспорениот член 12 став 2 од Законот се третираат трошоците за направени услуги во царинските постапки.

Имено, станува збор за трошоци настанати за различни потреби извршени во Царинската управа, каде едните се за полагање стручен испит на кадарот за стекнување на царинска лиценца кој го плаќаат физичките лица, а другите трошоци се однесуваат за пружањето на царинските услуги кои ги плаќаат лицата кои ги примаат тие услуги од Царинската управа во царинската постапка.

Во иницијативата не се проблематизираат видот и намената на трошоците туку одредбите од Законот се оспоруваат исклучиво од аспект дека со нив се давало овластување на министерот за финансии да ги пропишува и определува трошоците и надоместоците, кои можеле да се уредуваат само со закон, а не со акти на министерот, па се доведувала во прашање со Устав утврдената поделба на државната влас на законодавна, извршна и судска. Меѓутоа, поаѓајќи од членот 7 од Царинскиот закон, според кој ако со овој закон поинаку не е определено, царинскиот орган што ја води царинската постапка го применува Законот за општата управна постапка, кој има супсидијарна примена и со него целосно се уредува прашањето за трошоците на постапката, произлегува дека на министерот за финансии не му е препуштено прашањето на трошоците да го определува и уредува надвор од законските рамки, туку во согласност со одредбите од Царинскиот закон и Законот за општата управна постапка.

Во делот на одредбите од Законот за општата управна постапка, кој се однесува на „Трошоци на постапката“, меѓу другото, со членот 116 став 1 е уредено дека посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведување на постапката по некоја управна работа, по правило ги поднесува оној кој ја предизвикал целата постапка.

Со оглед на тоа што трошоците во оспорените одредби од Законот се резултат на спроведени дејствија во управната постапка, Судот оцени дека наведените закони се доволна објективна законска рамка за определување на трошоците и надоместоците со подзаконски акти од страна на министерот за финансии, што во крајна линија е во фунција на операционализација на законските одредби, како што е определено со членот 91 алинеја 5 од Уставот.

Поаѓајќи од наведеното Судот оцени дека за оспорените одредби во делот од членот 6 став 6 и членот 12 став 2 од Царинскиот закон не може да се постави прашањето на согласноста со Уставот.

6. Со иницијативата, исто така, се оспоруваат уште две одредби од членот 6 од Царинскиот закон, меѓутоа поаѓајќи од содржината на одредбите и наводите во иницијативата со кои тие се оспоруваат, произлегува дека подносителот всушност ги оспорува одредбите од став 10 и став 11 од Царинскиот закон објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2005, кои постоеле пред донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2008), меѓутоа со измените и дополнувањата на Законот ставот 10 бил изменет со нова содржина поинаква од оспорената, а ставот 11 од истиот член бил избришан.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што во случајов со иницијативата се оспоруваат и одредби од членот 6 од Царинскиот закон кои како такви не се во правниот поредок следеше иницијативата во тој дел да се отфрли согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.4/2009
27 мај 2009 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски