41/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 мај 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за овластување на потписници на жиро сметката на општина Василево, донесена од Советот на општината на 11 декември 2000 година.

2. Методи Митев градоначалник на општина Василево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со утрдување дека за потписници на жиро сметката на општината покрај градоначалникот на општината е овластен и член на советот на општината се ограничува извршната власт на градоначалникот.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорената одлука донесена од советот на општината е предвидено дека за потписник на жиро сметката бр.41300-630-58 Буџет на општина Василево се овластува градоначалникот на општина Василево, Методи Митев. (член 1)

За потписници на жиро смеките ж. с-ка бр.41300-637-677 Совет на општина Василево; ж.с-ка бр.41300-657-448 Фонд за комунални дејности; ж. с-ка бр.41300-652-495 Фонд за локални патишта и уредување на градежно земјиште се овластуваат Методи Митев – градоначалник на општина Василево и Зоранчо Георгиев – член на Совето на општина Василево, колективно да ги потпишуваат жиро сметките на општина Василево (член 2).

Колективното потпишување на жиро-сметките ќе се врши така што прв потписник е градоначалникот, а втор потписник е член на советот.

Оваа одлука влегува во сила осум дена по објавувањето во “Службен гласник на општина Василево”.

Исто така Судот утврди дека оспорената одлука не е прогласена и не е објавена во службено гласило, и истата не се применува.
4. Според член 43 од Законот за локалната самоуправа градоначалникот, покрај другото ги прогласува и објавува актите и одлуките на советот на единицата на локаланата самоуправа во службено гласило на единицата на локалната самоуправа.

Според член 52 став 1 од Уставот законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Од наведената уставна и законска одредба произлегува дека актите на советот на општината по нивното донесување неопходно е да бидат објавени. Меѓутоа на објавувањето на актите му претходи нивно прогласување. Прогласувањето на акти на советот произлегува од Законот за локалната самоуправа и тоа претставува потврдување дека одреден акт е донесен во согласност со Уставот и законот. Прогласувањето на актите на совет го врши градоначалникот со решение или заклучок. По прогласувањето на општиот акт од страна на градоначалникот истиот се објавува во службено гласило на општината. Оттука произлегува дека непрогласен акт од страна на градоначалникот не може да се објави, а не објавен акт во службено гласило не може да се применува.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај оспорениот акт ниту е прогласен од градоначалникот ниту е објавен во службено гласило на општината односно тој не е во правниот поредок, Судот смета дека постојат процесни пречки за постапување на Уставниот суд на Република Македонија по иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.25/2001
9 мај 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов