У.бр.40/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 22 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 39 од Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2012) донесени од Операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија „Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ-Скопје.

2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со одредбите на оспорениот член 39 било пропишано дека мерењето на топлинската енергија се вршело во топлинска станица со мерен уред поставен во топлотна станица и дека на еден ист уред можело да се приклучат повеќе потрошувачи, односно распределбата на надоместокот се вршела преку еден колективен мерен уред или популарно наречено „мерење со калориметри“. Во иницијативата е наведено дека законодавецот предвидел целосна слобода за избор на начинот на мерење и од сите можни начини со одредбите на оспорениот член бил одбран „мерење со калориметри“ и со членот 40 од Мрежните правила било предвидено да се применува исклучиво овој начин на мерење кој бил неповолен за потрошувачите од причина што предизвикувал штета и таквото мерење го отежнувало извршувањето на обврските.

Понатаму во иницијативата се наведени решенијата У.бр.125/ 2012; У.бр.197/2012; У.бр.80/2012; У.бр.125/2013 и У.бр.83/2013 со кои Уставниот суд го ценел членот 53 став 2 според кој исклучените потрошувачи требало да плаќаат за топлината која ја добивале со „поминување на цевки“ и „топли зидови“ и не била поведена постапка и затоа се бара оспорениот член 39 од Мражните правила да биде укинат како спротивен на одредбите на член 9 и член 11 став 3 од Законот за облигациони односи.

3.Според член 39 став 1 од Мрежните правила,мерење на топлинската енергија која снабдувачот ја презема од дистрибутерот и ја предава на потрошувачот се врши на мерното место со помош на соодветен мерен уред на топлинска енергија поставен на точно дефинирано место во топлинската станица. На едно мерно место, односно на една топлинска станица, може да има приклучено повеќе потрошувачи.(став 2)

4.Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ – Скопје, по претходно одобрение од Регулаторната комисија за енергетика, на 6 мај 2014 година донесе нови Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење кои се објавени во Службен весник на Република Македонија бр.73/2014 година.

Во членот 64 од Мрежните правила е утврдено дека овие Мрежни правила влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Од наведеното произлегува дека со влегувањето во сила на новите Мрежни правила, по автоматизам оспорените Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија, односно оспорениот член 39 од Мрежните правила, не се повеќе во важност и во примена, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.40/2014
22.04.2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева