40/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр. 02-2058/5 од 09.11.2010 година и Одлуката бр. 02-2058/7 од 09.11.2010 година, донесени од Управниот одбор на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Скопје.

2. Основната синдикална организација при Јавното претпријатие „Македонски шуми“- Скопје, подружница шумско стопанство – Лопушник – Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одлуки биле скратени правата на вработените при ЈП „Македонски шуми“ – Скопје, затоа што донесените одлуки биле во спротивност со член 74 и член 78 од колективниот договор склучен помеѓу Синдикатот на дрвна индустрија и шумарство, од една страна и Управниот одбор и генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“ – Скопје, од друга страна.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорените одлуки и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“ Скопје, врз основа на член 28 од Статутот на ЈП „Македонски шуми“ Скопје, на седницата одржана на 09.11.2010 година донел Одлука бр. 02-2058/5, во која, во точката I определил дека поради услови на економска криза, а согласно Четвртиот пакет на антикризни мерки со цел за намалување на трошоците во работењето на јавното претпријатие нема да се исплатува теренски додаток. Според точката II на истата одлука, раководителите на подружниците се должни да го организираат процесот на работа со вршење на работа на терен несметано како и пред донесување на одлуката. Според точката III, Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето

Судот, исто така, утврди дека Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“ Скопје, врз основа на член 28 од Статутот на ЈП „Македонски шуми“ Скопје, на седницата одржана на 09.11.2010 година донел Одлука бр. 02-2058/7, со која во точката I определил дека поради услови на економска криза, а согласно Четвртиот пакет на антикризни мерки со цел за намалување на трошоците во работењето на јавното претпријатие се забранува исплата на надоместок во случај на смрт на член на семејството, а во случај на смрт на работникот на неговото семејство наместо 3 да му се исплатува износот од 2 просечни месечни плати на претпријатието исплатени во претходните три месеци. Според точката II, Одлуката стапува на сила со денот на донесувањето.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со доставената иницијатива се оспоруваат две одлуки на Управниот одбор на Јавното претпријатие „Македонски шуми“- Скопје кои се однесуваат на остварување на права од работен однос на вработените во Јавното претпријатие, спротивно на одредби од Колективниот договор склучен помеѓу Синдикатот на дрвна индустрија и шумарство, од една страна и Управниот одбор и генералниот директор на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Скопје, од друга страна.

Видно од содржината и формата на оспорените одлуки, произлегува дека со истите се уредуваат одредени права од работен однос на вработените во Јавното претпријатие „Македонски шуми“, во услови на економска криза, согласно Четвртиот пакет на антикризни мерки, што на овие одлуки им дава карактер на интерни акти на Јавното претпријатие.

Со оглед дека оспорените одлуки се интерни акти кои не содржат општи норми на однесување, не уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека истите не го задоволуваат критериумот за пропис од член 110 алинеја 2 од Уставот, поради што не се подобни за уставносудска оцена.

Дополнително, со иницијативата се оспорува согласноста на овие одлуки со колективен договор, односно се бара оцена на согласноста на подзаконски акт со колективен договор, што излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд утврдени со член 110 од Уставот, според кои Уставниот суд одлучува за согласноста на подзаконските акти во однос на Уставот и на законите, а не и во однос на колективните договори.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.40/2011
14 септември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски