40/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 4, 6 и 13 од Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се укажува на неусогласеноста помеѓу Законот за градот Скопје и Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа, како и во делот во кој се укажува на нецелосна опфатеност на пазарите и гробиштата во општините од подрачјето на градот.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Милан Величковски од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 4, 6 и 13 од законот означен во точката 1 од ова решение. Со членот 4 од Законот, во градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа биле опфатени многу селски населени места. Според иницијаторот само општината Центар не опфаќала селски населени места односно само нејзината територија претставувала градско подрачје. Во другите шест општини имало селски населени места оддалечени повеќе од 15 километри од градот Скопје односно од неговите граници утврдени со генералниот урбанистички план. Одтука, само градското подрачје на градот Скопје во утврдените граници претставувало посебна единица на локалната самоуправа бидејки членот 117 од Уставот не укажувал на тоа дека во рамките на градот Скопје можеле да бидат опфатени и селски населени места, ниту пак можело во рамките на посебната единица на локалната самоуправа да постојат други единици на локална самоуправа – општини. Членот 6 од Законот ја ограничувал самостојноста на општините од подрачјето на град Скопје, бидејки според Уставот неможело да постои поделена надлежност меѓу градот и општините. Имено, според некои точки од овој член, градот Скопје бил надлежен самостојно да ги врши само работите во централното градско подрачје додека според другите точки од овој член градот Скопје бил зависен од согласноста на општините од неговото подрачје. Понатаму се наведува дека средствата од буџетот и средствата од градската рента несразмерно се користеле односно општината Центар била во привилегирана положба бидејки 60% од средствата се користеле за централното градско подрачје а 40% за потребите на другите општини. Така, жителите на селските населени места биле во нерамноправна положба со жителите од централното градско подрачје бидејки средствата се трошеле за уредување на центарот за што тие немале никаков интерес и не биле негови корисници. Значи членот 6 од Законот не бил во согласност со членовите 9, 115 став 2 и 117 став 4 од Уставот. Членот 13 од Законот, не бил во согласност со членот 117 став 4 од Уставот, бидејки го ограничувал правото на градот Скопје да го определува бројот на претставниците на граѓаните во неговиот совет. Бројот на членовите на советот на градот требало да се утврдува со статутот на градот сразмерно на бројот на жителите од неговото подрачје. Не било логично, граѓаните од подрачјето на град Скопје на 20.000 жители да бираат еден претставник, ако се знаело дека во некои општини во Републиката еден претставник се избира на само 40 жители. На тој начин била нарушена еднаквоста на избирачкото право. Понатаму, во иницијативата се наведува дека некои населени места што биле утврдени со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа не биле опфатени со Законот за градот Скопје, како и дека не биле опфатени сите пазари и гробишта во општините од подрачјето на градот.

4. Судот, на седницата утврди дека членот 4 од Законот определува дека подрачјето на градот Скопје го сочинуваат подрачјата на општините Центар, Кисела Вода, Гази Баба, Карпош, Чаир, Шуто Оризари и Ѓорче Петров, во границите утврдени со овој закон. Понатаму, во ставовите 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8 од истиот член се детално утврдени границите на секоја општина поединечно.

Во членот 6 од Законот се определени работите од значење за градот (30 точки), што градот Скопје ги врши самостојно.

Членот 13 од Законот го определува бројот на членовите на Советот на град Скопје и начинот на нивното избирање односно делегирање.

5. Согласно член 114 од Уставот, на граѓаните им се гарантира право-то на локална самоуправа. Единици на локалната самоуправа се општините во кои можат да се основаат облици на месна самоуправа. Општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката. Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Членот 115 од Уставот утврдува дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.

Според член 116 од Уставот, територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон.

Согласно член 117 од Уставот, градот Скопје е посебна единица на локална самоуправа, чија организација се уредува со закон. Во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Градот Скопје се финансира од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката. Градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката. Републиката со закон може да му довери вршење на определени работи на градот Скопје.

Во членот 17 од Законот за локалната самоуправа се определени конкретните работи што самостојно ги вршат единиците на локалната самоуправа. Во ставот 2 на овој член е утврдено дека работите од став 1 на овој член ги вршат и единиците на локалната самоуправа на град Скопје, освен оние што се во надлежност на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа утврдени со законот за градот Скопје.

Членот 8 од Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа, ги утврдува општините во Република Македонија со населените места што влегуваат во нивен состав. Ставот 2 на овој член упатува дека границите на општините во градот Скопје: Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир и Шуто Оризари се определени со законот за градот Скопје.

Со Законот за градот Скопје се уредува надлежоста на градот Скопје, организацијата и работата на неговите органи, непосредното учество на граѓаните во одлучувањето, начинот на финансирањето, заштитата на локалната самоуправа како и други прашања од значење за градот Скопје.

Според членот 2 од овој закон, градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа во која граѓаните од подрачјето на град Скопје ги остваруваат заедничките потреби и интереси што произлегуваат од карактерот на градот Скопје, како главен град на Република Македонија и како единствена просторна, урбана, економска, политичка и еколошка целина.

Врз основа на изнесените уставни одредби произлегува дека општините се единици на локалната самоуправа која се уредува со закон, дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува исто така со закон, како и дека територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон.

Уставот на Република Македонија го прогласува правото на локална самоуправа за основно политичко право на граѓаните и предвидува во оштините граѓаните да учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење и тоа во повеќе области од општествениот живот. Понатаму, Уставот определува дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон и во која граѓаните учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот во истите области што се предвидени и за општините. Меѓутоа треба да се има предвид дека тоа не значи одземање на правото на граѓаните на локална самоуправа во општините од подрачјето на градот.

Уставот не дефинира што подразбира под поимот посебна единица на локална самоуправа ниту пак ги утврдува условите за таа посебност. Меѓутоа, Уставот го означил градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа и определил донесување на посебен закон за градот. Врз основа на ова уставно овластување, Законот за градот Скопје всушност нормативно ја дефинира посебноста на градот и односите на градот и општините од неговото подрачје од една страна и односите на градот и Републиката од друга страна. Понатаму, надлежностите на градот Скопје и надлежностите на општините според Уставот и според законите (Законот за локалната самоуправа и Законот за градот Скопје) се скоро идентични. Меѓутоа, овие надлежности во првиот случај се однесуваат и се остваруваат во рамките на општините, а во вториот случај во рамките на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа во граници точно определени со закон.Всушност, Законот за градот Скопје како специјален закон има цел да ја изрази специфичноста на градот и прашањата од интерес за градот како целина. Одтука, иако во Уставот нема изречна одредба дека во составот на посебната единица на локалната самоуправа постојат други единици на локалната самоуправа, но исто така нема ни изречна забрана за тоа, законодавецот одлучил подрачјето на градот Скопје да го сочинуваат седум општини и тоа во граници утврдени со Законот за градот Скопје.

Во таа смисла треба да се имаат предвид и упатувачките одредби како на пример членот 17 став 2 од Законот за локалната самоуправа според кој работите што ги вршат самостојно единиците на локалната самоуправа ги вршат и единиците на локалната самоуправа на подрачјето на град Скопје, освен оние што се во надлежност на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа утврдени со законот за градот Скопје, или член 8 став 2 од Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа според кој границите на општините во градот Скопје: Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир и Шуто Оризари се определени со Законот за градот Скопје.

Во однос на прашањето дали бројот на членовите на Советот на град Скопје треба да се утврдува со закон или пак со статутот на градот како што е уредено за другите единици на локалната самоуправа, Судот оцени дека повторно треба да се има предвид пред се посебноста на градот Скопје утврдена со Уставот како и уставното овластување за донесување на посебен закон. Тргнувајки од уставната дефиниција дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон, Судот оцени дека е право на законодавецот со посебниот закон за градот Скопје, меѓу другите прашања да го уреди и прашањето за бројот на членовите на Советот на градот и начинот на нивниот избор. При тоа, законодавецот го имал предвид карактерот на градот Скопје како главен град на Република Македонија и како единствена просторна, урбана, економска, политичка и економска целина со најголем број жители во државата и определил Советот на градот Скопје да го сочинуваат 39 членови.

Во однос на наводите од иницијативата дека била нарушена еднаквоста на избирачкото право на граѓаните бидејки во градот Скопје 20.000 жители избирале еден претставник, а во некои општини 40 жители избирале исто така еден претставник, Судот изрази мислење дека не е нарушено ова право. Имено, уставната определба за еднакво и општо избирачко право се остварува на тој начин што секој граѓанин е избирач, значи важи принципот еден член еден глас и што секој глас има подеднаква важност. Од друга страна, избирачкото право не е апстрактно право, туку се остварува во конкретни изборни единици утврдени со закон. Согласно Законот за локалните избори, членовите на советите се избираат по пропорионален принцип, според кој се гласа за листа на кандидати во општините, односно градот Скопје, а избирачот гласа само за една листа на кандидати. Одтука, имајки предвид дека општините, во зависност од нивната големина, имаат различен број на жители произлегува и неможноста во сите изборни единици (општини) да има ист број избирачи.

Врз основа на изнесеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членовите 4, 6 и 13 од Законот со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Во врска со наводите во иницијативата дека некои населени места кои биле утврдени со Законот за територијалната поделба на Република Македонија не биле опфатени со Законот за градот Скопје, како и дека не биле опфатени сите пазари и гробишта во општините од подрачјето на градот Скопје, Судот оцени дека се тоа прашања за кои согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува односно дека Уставниот суд не одлучува за меѓусебната согласност на законите ниту пак има надлежност да врши дополнувања на законите, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.40/97)