40/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 96 точка 3 и 4 од Колективниот договор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија склучен на 12 мај 1995 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за утврдување на бројот на работниците на кои им престанува работниот однос отказ поради економски, технолошки и структурални промени и правата што им се обезбедуваат донесена на 30 мај 1995 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Крсте Велески од Охрид му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точка 1 и 2 од ова решение, затоа што оспорените одредби од Колективниот договор не биле во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија и член 129 став 1 од Законот за работните односи, затоа што со предвидувањето на основот успешноста во работењето и видот и значењето на работните места кои се вреднува од страна на директорот без да бидат утврдени објективизирани критериуми работниците се доведуваат во неравноправна положба.

Оспорената одлука не била во согласност со Законот затоа што со неа се утврдени имињата и бројот на работниците на кои им престанува работниот однос без да се наведе нивната структура и без да се изврши анализа на вкупните материјални, економски и структурални можности на јавното претпријатие.

4. На седницата Судот утврди дека во Колективниот договор на ниво на јавното претпријаие за стопанисување со станбениот и деловниот фонд на Република Македонија, односно со членовите од 91 до 99 е регулирано прашањето за престанок на работниот однос на работникот со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени.

Во членот 96 е предвидено дека бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ проади економски, технолошки, структурални и слични промени се утврдува во зависност од потребите за ефикасно функционирање на претпријатието врз основа на критериумите: стручна подготовка и квалификација, работно искуство, успешност во работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж, возраста, здравствената состојба, инвалидноста и економско-социјалната состојба. Врз основа на овие критериуми се утврдуваат бодови.

Во оспорениот член 96 точка 3 е вреднувана успешноста во работењето и тоа: работник кој постигнува надпросечни квалитети и квантитет 90 бода; работник кој постигнува просечни квалитет и квантитет 45 бода; и работник кој не постигнува квалитет и квантитет 0 бода.

Успешноста ја оценува директорот на претпријатието односно директорот на подрачната единица врз основа на задолжителна консултација од непосредниот раководител.

Во оспорениот член 96 точка 4 е вреднуван критериумот, видот и значењето на работното место: и тоа за особено значајно место 40 бода; за помалку значајно место 20 бода; и за најмалку значајно место 5 бода.

Со Програмата со која се утврдува бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки структурални или слични промени на предлог на директорот на претпријатието, односно директорот на подрачната единица се определува значењето на работното место.

5. Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната правна положба се уредуваат со Закон и со колективен договор.

Според законот за работни односи, односно со члновите од 125 до 134 се регулирани прашањата кои се однесуваат на престанок на работниот однос на работникот со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени.

Во членот 129 од Законот е утврдено дека бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и други промени се утврдува врз основа на критериуми утврдени со колективен договор при што се поаѓа од потребите за ефикасно функционирање на работата на работодавецот, стручната подготовка, квалификациите, работното искуство, успешноста на работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж, возраста и други критериуми утврдени во колективниот договор.

Од изнесените одредби произлегува дека прашањата за престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални и слични промени се уредуваат со Закон и со колективен договор, а во тие рамки покрај наведените критериуми утврдени со Закон можат да се утврдат и вреднуваат и други критериуми во зависност од природата на карактерот на работата.

Со оглед на тоа во конкретниов случај во членот 96 став 3 и 4 од Колективниот договор се утврдени и вреднувани критериумот успешноста во работењдето и значењето на работното место, Судот смета дека не може да се постави прашање за нивната согласност со Уставот и законот.

6. Исто така, Судот утврди дека во оспорената Одлука поименично е утврден бројот на работниците во сите подрачни единици на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки и структурални промени.

Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку со неа поименично е утврден бројот на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки и структурални промени, Судот одлучи како во точка 2 од ова решение.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7, Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.40/96).