39/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за привремено доделување на вршење на погребални услуги на ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија, број 07-1973/1 од 22.06.2010 година, донесена од советот на општина Гевгелија.

2. Петар Дебников од Гевгелија, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука била во спротивност со одредбите на Законот за гробишта и погребални услуги („Службен весник на Република Македонја “ бр. 86/2008, 156/2010 и 53/2011) и одредбите на Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонја “ бр. 86/2008, 156/2010 и 53/2011).

Имено, со оспорената одлука од 22.06.2010 година, донесена врз основа на член 4 од Законот за гробишта и погребални услуги, му било дадено овластување на Јавното претпријатие за комунални дејности (ЈПКД) Гевгелија за привремено вршење на погребални услуги на градските гробишта во Гевгелија. Оваа „привременост“ на оспорената одлука сеуште траела, иако биле изминати повеќе од три ипол години од датумот на нејзиното донесување и покрај тоа што Законот за гробишта и погребални услуги не познавал „привремено вршење на погребални услуги“. Претходо, на седницата на советот на општина Гевгелија одржана на 16.12.2009 година била донесена Одлука за управување со гробишта на подрачјето на општина Гевгелија, бр. 07-3483/1, со која било утврдено дека со гробиштата на подрачјето на општина Гевгелија ќе управува ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија „како управител на гробишта“. Оваа одлука се засновала на член 14 од Законот за гробишта и погребални услуги. Понатаму, во иницијативата се цитираат одредби од наведениот закон, при што се укажува дека не само што членот 4 од Законот не содржел одредба која би му дала право на советот на општина Гевгелија да дава овластување за привремено вршење на погребални услуги, туку со даденото овластување во целост се дерогирала основната цел на Законот – одвојување на дејноста погребални услуги од дејноста управител на гробишта. Со оглед дека ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија претходно имал добиено овлстување за управител на гробишта, не можел да ја врши и дејноста погребални услуги, поради што оспорената одлука била спротивна на член 4 од Законот за гробишта и погребални услуги.

Оспорената одлука била спротивна и на член 5, член 20, член 21 и член 21-а од истиот закон, затоа што органите на локалната самоуправа немале законски ингеренции во постапката за добивање дозвола за вршење погребални услуги, туку истата се водела пред управни органи-орган на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи и министерот надлежен за тој орган.

Советот на општина Гевгелија на 27.07.2010 година донел Одлука бр.07-2204/1 за основање на јавно претпријатие за погребални услуги „Вечен дом“ Гевгелија, а на 30.08.2010 година донел Решение за именување членови на управниот одбор и Решение за именување членови во надзорниот одбор за контрола на материјално финансиското работење. На 07.12.2010 година донесени биле и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за основање на ЈП „Вечен дом“ Гевгелија и Решение за давање согласност на статутот на ова јавно претпријатие. Меѓутоа, и покрај донесените акти, ова јавно претпријатие оперативно не профункционирало и не вршело погребални услуги во изминатите три години (2011, 2012 и 2013), што значело дека ЈПКД „Комуналец“ сеуште ги врши двете законски неспоиви дејности – управување и одржување на погребални услуги. Се наведува дека согласно со член 47 од преодните и завршните одредби на Законот за гробишта и погребални услуги, општина Гевгелија и ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија биле должни своето работење да го усогласат со законските одредби во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на Законот. Со оглед дека Законот бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 14.07.2008 година, согласно член 52 од истиот, општина Гевгелија и ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија биле должни да се усогласат со неговите одредби до 22.01.2009 година, што очигледно не било сторено, што претставувало уште едно непочитување на Законот.

ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија било основано како јавно претпријатие од советот на општина Гевгелија на 09.06.1998 година, заради вршење на комунални дејности согласно со Законот за комунални дејности. Меѓу дејностите кои се предвидени да ги врши ова претпријатие, била и дејноста – одржување на гробови, гробишта и давање на погребални услуги. Меѓутоа, донесувањето на Законот за гробишта и погребални услуги (член 51) предвидувал престанок на важноста на член 3 став 1 точка 11 од Законот за комунални дејности, со што меѓу комуналните дејности во смила на Законот за комунални дејности, веќе не била вклучена и дејноста одржување на гробови, гробишта и давање погребални услуги. Според тоа, оспорената одлука била спротивна и на Законот за комунални дејности, бидејќи ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија се занимaвало со дејност која не била комунална дејност. Во таа насока се укажува дека советот на општина Гевгелија со Одлука за измена и дополнување на Одлуката за основање на ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија од 30.01.2012 година, практично ја усогласил Одлуката за основање на претпријатието, кое последователно го усогласило својот статут со Законот за комунални дејности и Законот за гробишта и погребални услуги ( со задоцнување од три години), на начин што се бришат погребалните услуги од комуналните услуги што ги врши ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија. Сепак, јавното претпријатие продолжило со вршење на погребалните услуги токму поради донесената оспорена одлука.

Воедно, оспорената одлука била и противуставна, имајќи го предвид владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот), еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 став 2 од Уставот) и обврската сите прописи да бидат во согласност со законите и обврската секој да ги почитува законите (член 51 од Уставот).

Поради наведеното, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за привремено доделување на вршење на погребални услуги на ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија има три члена.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се утврдува привремено вршење на погребални услуги на градските гробишта во Гевгелија од страна на ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија.

Согласно член 2 од Одлуката, ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија дејноста погребални услуги ќе продолжи привремено да ја врши до определување на оператор за вршење на погребални услуги во општина Гевгелија.

Според член 3 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Гевгелија“.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, според кој, тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да се однесува на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис, поради што не е подобна за уставно судска оцена.

Оспорената одлука е донесена од советот на општина Гевгелија и со неа се уредува привременото вршење на погребалните услуги на градските гробишта во Гевгелија, на начин што се определува наведената дејност, до определување на оператор за вршење на погребални услуги во општина Гевгелија, да продолжи да ја врши ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија.

Според тоа, оспорената одлука со која вршењето на одредена комунална дејност му се доверува на конкретно јавно претпријатие, претставува поединечен, конкретен акт на општината, донесен во функција на операционализација на законските надлежности на општината во сферата на уредувањето на комуналните дејности и нема нормативен карактер, поради што одлуката не е подобна за уставно судска анализа.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.39/2014
30 април 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева