39/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 126 став 1 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 126 став 2 и целината на одделот “нотари како повереници на судот” од Глава VIII од наведениот закон.

3. Сашо Врбовски од Битола, Стамен Филипов и Димитрија Атанасовски двајцата од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 и 2 од ова решение.

Подносителот на иницијативата Сашо Врбовски откако ги цитира одредбите од членовите 131 и 138 од Законот за вонпарнична постапка, член 2 од Законот за нотаријатот, како и членот 27 од Законот за парнична постапка, наведува дека во Уставот и Законот за судовите никаде не била предвидена можноста за делегирање на судската надлежност, на друг државен орган, ниту пак можност работите од судската надлежност судот да ги врши преку свој повереник. Според тоа, оставинската постапка била судска постапка, а со самото тоа била во исклучива надлежност на судот. Нотарите не биле дел од судската власт, туку парадржавни органи, конституирани делумно според концептот на слободниот латински нотаријат, врз чија работа вршел надзор министерот за правда.

Со оспорените одредби од Законот поместени во Глава VIII било повредено начелото на поделба на власта од причина што на нотаријатот му се давале ингеренции од судската власт, а на судовите им било дадено право на надзор врз нивната работа, кое право го имала извршната власт – министерот за правда.

Во иницијативата понатаму се наведува дека со оспорената Глава VIII од Законот бил повреден и принципот на владеењето на правото, со тоа што била ограничена декларираната слобода на нотарот. Тој морал да постапува како повереник на судот во оставинска постапка, освен во исклучително оправдани случаи, во спротивно ќе бил казнет со глоба.

Постапувањето на нотарите како повереници на судот било сомнително и од аспект на стручниот профил на нотарите.

Врз основа на изнесеното овој подносител на иницијативата бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на наведената оспорена Глава од Законот за вонпроцесна постапка.

Во иницијативата на Стамен Филипов се наведува дека во сите овие одредби од Законот за вонпарнична постапка, за расправање на оставина на државјанин на Република Македонија во однос на неговиот имот кој се наоѓал во Република Македонија била предвидена надлежност на нотарот како повереник на судот, кој како судски повереник, преземал дејствија и донесувал одлуки во оставинската постапка согласно со одредбите на Законот за вонпарнична постапка.

Ваквите законски одредби не биле во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, како и со членот 51 од Уставот и Амандманот 25 на Уставот на Република Македонија, со кој е заменет членот 98 од Уставот.
Имено, во Уставот на Република Македонија не била предвидена можност дека судската власт можела да се врши и преку повереници-нотари, како што е тоа на пример, предвидено во членот 115 став 3, според кој Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината. А таква можност не била предвидена ниту во системскиот Закон за судовите кој бил донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Така што, во одредбите на членовите 23 став 3 и 4 од Законот за судовите било предвидено само тоа дека во рамките на основните судови се проширува надлежноста и се основале специјализирани судски оддели што ќе постапувале за одделни видови на спорови и основните судови можеле да имаат судски одделенија, да суделе надвор од седиштето на судот, како и да имале судски денови надвор од седиштето на судот.

Според тоа, со оспорените законски одредби противуставно се навлегувало во судската власт и се дозволувало судската власт да ја вршат лица, кои по ниту еден основ не можеле да се сметаат за судски службеници, односно судии.

Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 126 став 1 во делот „односно нотар како повереник на судот“ став 2 и 3, член 127, член 128 Глава 8 „нотари како повереници на судот“ од Законот за вонпарнична постапка.

Воедно, се предлага на Уставниот суд на Република Македонија до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Според иницијативата на Димитрија Атанасовски, оспорената Глава VIII – нотари како повереници на судот од Законот за вонпарнична постапка не била во согласност со членот 8 алинеја 3, членот 9 став 2 и членот 98 став 1 од Уставот на Република Македонија од причина што согласно членот 98 од Уставот не постоела можност за делегирање на судската надлежност на било кој орган.

Нотарите не биле уставна категорија, не биле дел од судовите на Република Македонија и не можеле да вршат судска функција.
Поради изнесеното овој подносител на иницијативата му предлага на Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 131 – 141 од Законот за вонпарнична постапка.

4. Судот на седницата утврди дека според член 126 став 1 од Законот, за расправање на оставина на државјанин на Република Македонија во однос на неговиот имот кој се наоѓа во Република Македонија исклучително е надлежен суд на Република Македонија, “односно нотар како повереник на Судот” (оспорен дел).

Според ставот 2 на овој член од Законот, судот ќе му го довери на нотарот спроведувањето на оставинската постапка и ќе му го достави оставинскиот предмет со сите списи, во рок од осум дена од денот кога предметот ќе биде заведен.

Според ставот 3 на овој член од Законот, кога нотар спроведува дејствија во оставинската постапка како повереник на судот, овластен е да ги презема сите дејствија во постапката и да ги донесе сите одлуки, освен оние за кои со овој закон поинаку е пропишано.

Според член 127 од Законот против решението на нотарот кој постапува како повереник на судот, дозволен е приговор во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението на учесниците.
Приговорот се доставува до нотарот кој е должен без одлагање, но најдоцна во рок од три дена, заедно со списите да го достави до надлежниот основен суд кој му го доверил постапувањето по оставинскиот предмет.
По приговорот одлучува судија поединец.

Според член 128 од Законот, ненавремениот, нецелосниот или недозволениот приговор, судот ќе го отфрли.
Одлучувајќи по приговорот против решението кое го донел нотарот, судот може во целост или делумно решението да го потврди или да го укине.
Кога судот решението делумно ќе го укине или делумно ќе го потврди, самиот ќе одлучи за укинатиот дел на решението.
Против решението на судот со кое решението на нотарот во целост или делумно е укинато, дозволена е жалба во рок од осум дена од доставувањето на првостепеното решение.
Решението по приговорот им се доставува на учесниците и на нотарот.
Врз решението на нотарот против кое е изјавен приговор, а судот го отфрлил, клаузулата за правосилност ја става судот што одлучувал по приговорот.
Решението на нотарот против кое не е изјавен приговор е правосилно. Клаузулата за правосилност на ова решение ја става нотарот.
Грешките во имињата и броевите, како и други очигледни грешки во пишувањето и сметањето, ќе ги исправи оној што го донел решението.
Исправките ќе се извршат со посебно решение, а на учесниците ќе им се достави посебно решение.

Судот на седницата, исто така, утврди дека во одделот „Нотари како повереници на Судот” од Глава VIII од Законот се содржани оспорените членови 131-141.

Според член 131 од Законот, претседателот на основниот суд е овластен согласно со одредбите на овој закон, оставинските предмети да ги довери на постапување на нотарите со седиште на подрачјето на надлежниот основен суд.

Според член 132 од Законот, нотарите, како судски повереници, преземаат дејствија и донесуваат одлуки во оставинската постапка согласно со одредбите на овој закон.
Судот може од некои важни причини, како што се: неможност за постапување на нотарот поради болест или други причини, поради очигледно занемарување на службените дејствија, како и поради други причини според оцена на судот, да го одземе од нотарот натамошното спроведување на оставинската постапка, и постапката сам да ја спроведе или да му ја довери на друг нотар.
Против одлуката на судот од ставовите 1 и 2 на овој член не е дозволена жалба.

Според член 133 од Законот, нотарот доверените работи во оставинската постапка ги врши согласно со одредбите на овој закон.
Во постапката што се води пред нотарот, учесникот може да биде застапуван според одредбите кои се применуваат за застапување во парничната постапка.

Според член 134 од Законот, во случаите од членовите 160, 161 и 162 на овој закон, нотарот ќе му ги врати на судот списите на натамошно постапување.
Во случаите од членовите 138, 139 и 142 на Законот за наследување, нотарот може да донесе одлука само со согласност на сите учесници. Во спротивно списите ќе му ги врати на судот.
По правосилното решение со кое постапката е завршена, односно по повод изјавениот приговор, како и во другите случаи кога според одредбите на овој закон ги враќа списите на судот, нотарот ќе му ги врати списите на надлежниот суд, а во нотарскиот спис ќе задржи препис на списите.

Според член 135 од Законот, судот, постапувањето по оставинските предмети ќе им го довери на нотарите според службените подрачја на нотарите утврдени со Законот за нотаријат.
Кога на подрачјето на судот има повеќе нотари, предметите ќе им се доделуваат рамномерно според азбучен редослед на презимињата на нотарите.

Според член 136 од Законот, ако со овој закон поинаку не е определено, за работата на нотарот како повереник на судот важат прописите како за судовите.
За причините за изземање на нотарот одлучува судот што му ја доверил работата.

Според член 137 од Законот, поканите и другите исправи кои ги составува нотарот како повереник на судот, нотарот ги доставува на учесникот согласно со одредбите за доставување од Законот за парнична постапка.

Според член 138 од Законот, нотарот не може, освен од исклучително оправдани причини да ја одбие доверената работа.
За оправданоста на причините од ставот 1 на овој член, одлучува судот што му ја доверил работата.
Надзор над работата на нотарот како судски повереник, врши судот што му ја доверил работата.
Ако нотарот ја одбие доверената работа или ако судот му ја одземе доверената работа, судот ќе му нарeди на нотарот да ги предаде списите.
Судот може со глоба да го казни нотарот кој ќе одбие да го изврши налогот на судот или кој ќе одбие да ги предаде списите од доверената работа. Во однос на глобата се применуваат одредбите од Законот за ивршување.
Против решението за казна, допуштена е жалба до второстепениот суд, во рок од осум дена од приемот на решението.
Против решението на второстепениот суд не се допуштени вонредни правни лекови.

Според член 139 од Законот, во случај на престанок на работата на нотар или промена на службеното седиште на нотар на кој судот му доверил спроведување на оставинска постапка, ќе се постапи според одредбите на Законот за нотаријат, кои се однесуваат на постапката со нотарските списи по упразнување на нотарското место.

Според член 140 од Законот, наградата и трошоците на нотарот како повереник на судовт во спроведување на оставинската постапка се определува така што една награда се однесува на сите преземани дејствија во една оставинска постапка.
Со Правилникот за нотарската тарифа ќе се определи наградата на нотарот за спроведување на оставинската постапка. Со овој правилник ќе се пропише за кои дејствија нотарот има право на посебна награда (попис на оставината и слично).
Кога во оставинската постапка нотарот постапува како повереник на судот, не се плаќа нотарска такса.

Според член 141 од Законот, судот ќе им ги довери на нотарите оставинските предмети во кои до денот на влегувањето во сила на овој закон не преземал ниту едно дејствие.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, изввршна и судска се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Судската власт е посебна и самостојна власт. Судската власт според Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот ја вршат судовите кои се самостојни и независни кои се востановуваат само со закон и е забрането формирање на вонредни судови. Судството е поставено како единствен систем во кој треба да се обезбеди остварување на владеењето на правото и правната држава, како услов за остварување на темелните вредности на уставниот поредок.

Во делот II „Организација и надлежност“ од Законот за судовите, како видови на судови согласно членот 22 од овој закон, во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Во членот 23 став 3 од Законот е утврдено дека во рамките на основните судови со проширена надлежност се основаат специјализирани судски оддели што ќе постапуваат за одделни видови на спорови, а според ставот 4 на овој член од Законот, основните судови можат да имаат судски одделенија, да судат надвор од седиштето на судот, како и да имаат судски денови надвор од седиштето на судот.

Според членот 30 став 2 алинеја 11 од Законот, основните судови со основна надлежност се надлежни да одлучуваат во прв степен по граѓански спорови, меѓу другото, и за вонпарнични и оставински работи.

Тргнувајќи од Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија, кој што, помеѓу другото, го развива принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, Судот смета дека не е можно да се воспостави принцип или правило според кое работите кои се утврдени како судска надлежност истовремено и алтернативно да се вршат од страна и на други органи, односно од страна на други лица кои не се судии.
Законот за судовите, како што се гледа, цврсто стои на оваа позиција.
Според мислењето на Судот, можно е определени постојни судски работи со закон да се пренесат во надлежност на други органи, односно да се изземаат од судска надлежност што е сосема различно, и во принцип уставно непроблематично прашање.

Со Законот за вонпарничната постапка се утврдуваат правилата на постапката според кои судовите постапуваат и одлучуваат за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи определени со овој или друг закон.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од член 126 од овој закон, произлегува дека по однос на прашањето за расправање на оставинатата покрај надлежноста на судот, предвидена е и надлежноста на нотар како повереник на судот, а потоа ставовите 2 и 3 од истиот член претставуваат надополнување на ставот 1, бидејќи тука се утврдува задолжување на судот за достава на оставинскиот предмет до нотарот заради спроведување на оставинска постапка, како и законско овластување на нотарот, како повереник на судот, за преземање на дејствија во оставинската постапка.

Во член 127 од Законот е предвидена судската заштита преку правото на приговор против решението кое го донесува нотарот во врска со спроведувањето на оставинската постапка, додека пак во членот 128, детално е разработено постапувањето на судот по поднесениот приговор против решението на нотарот, постапувањето на нотарот во случај кога не е изјавен приговор против неговото решение, како и начинот на исправка на евентуалните грешки содржани во решенито за спроведување на оставинска постапка.

Во оспорениот оддел: „Нотари како повереници на судот“од Глава VIII во членовите од 131 – 141 од Законот, содржани се одредбите кои го регулираат начинот на распределба на оставинските предмети на нотарите од страна на претседателот на надлежниот суд: начинот на постапување на нотарите при спроведување на оставинската постапка; спроведувањето на надзорот врз работењето на нотарот како судски повереник, негово санкционирање поради непостапување по дадените предмети, неговото изземање во определени ситуации, како и начинот на пресметување на нотарската награда, а согласно нотарската тарифа.
Тргнувајќи од анализата на уставните одредби во однос на кои се оспоруваат наведените одредби од Законот за вонпарнична постапка, одредбите од Законот за судовите кои се однесуваат на нивната надлежност, како и концептот на Законот за вонпарнична постапка , Судот оцени дека за одредени оспорени одредби и нивни делови од Законот основано може да се поставува прашањето за нивна согласност со Уставот.

Имено, Судот смета дека овластувањето на нотарите при расправање на оставината да донесуваат и одлуки во име на судот, е спротивно на Уставот. Нотарите имаат право да ги преземаат сите дејствија во смисла на подготовка на одлуката за оставинска постапка, но не и да ги донесуваат одлуките, кои сепак се во исклучива надлежност на судот.

Според тоа, со оспорените одредби од Законот за вонпарнична постапка како што се: член 126 став 1 во делот: „односно нотар како повереник на судот“ и став 3 во делот: „и да ги донесе сите одлуки“, членовите 127 и 128, членот, 132 став 1 во делот: „и донесуваат одлуки“ и членот 134 став 2 во делот: „нотарот може да донесе одлука“ се дава можност спротивно на Уставот судската власт да ја вршат лица кои не се судии, односно не се судски органи и не можат да добиваат квалитет на суд.

Поаѓајќи од анализата на наведените оспорени одредби и нивни делови од Законот, Судот го постави прашањето дали при постапката за расправање на оставина нотарите можат да донесуваат одлуки. За Судот не е спорен фактот дека нотарот како повереник на судот може да презема дејствија што ги налага оставинската постапка, меѓутоа, се поставува едно мошне принципиелно прашање дали нотарите можат да донесуваат и одлуки во оваа постапка, со оглед на тоа што според Законот за вонпарнична постапка расправањето на оставината е надлежност на судот. Ако по дефиниција одлуката за утврдување на правата врз оставината е судска надлежност, тогаш, тоа не би можело истовремено да биде надлежност и на други органи како што е случајот со нотаријатот. Ова од причина што согласно амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни.
При анализа на оспорените членови и нивни делови во корелација со членот 120 од Законот во кој е утврдено дека во постапката за расправање на оставина судот ги утврдува наследниците на умрениот, имотот кој ја сочинува неговата оставина и правата од оставината што им припаѓаат на наследниците, легатарите и други лица, Судот оцени дека законодавецот во другите оспорени одредби кои го уредуваат ова прашање не бил доследен до крај од причини што тој можел расправањето по оставинската постапка да го утврди како надлежност што не припаѓа на судската власт, туку на други органи, на пример на нотаријатот.
Во прилог на оваа констатација оди и одредбата од член 122 став 1 од Законот според која изведувањето на докази и земање на изјава за откажување од наследство (негативна изјава) го врши судија со записничар, а во ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека другите изјави и предлози од учесниците можат да ги земаат на записник и стручни соработници, со записничар.
Од содржината на оваа одредба од Законот произлегува дека изјава за откажување од наследство може да се даде исклучиво само пред судија.

Од изнесените причини пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со принципот на владеењето на правото и поделбата на државната власт утврдено во членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот како темелни вредности на
уставниот поредок на Република Македонија, како и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија.

6. По однос на оспорениот член 126 став 2 и целината на одделот: “нотари како повереници на судот” од Глава VIII од Законот, Судот утврди дека со нив не се повредува Уставот од причина што нотарите имаат право да преземаат дејствија во смисла на подготовка на одлуката за оставинска постапка, што упатува на заклучок дека Судот во принцип не го проблематизира прашањето определени судски работи со закон да се пренесат во надлежност на други органи како што е случајов со нотаријатот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.39/2008
У.бр.48/2008
3 декември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски