У.бр.38/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 10 од Законот за контрола на државната помош („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 28 став 1 во делот:„Законот за државната помош“ и членот 29 став 3 точка 2 и точка 7, во делот:„Законот за државната помош“ од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010, 136/2011 и 41/2014).

3. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот за контрола на државната помош и Законот за заштита на конкуренцијата, означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Комисијата за заштита на конкуренцијата, за прв пат како орган била предвидена со членот 52 став 1 од Законот за ограничување на конкуренцијата, како орган во состав на Министерството за трговија, под називот: „Монополска управа“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1999). Со овој закон биле регулирани надлежностите на „Монополската управа“ и во таа смисла се сметало дека Законот за ограничување на конкуренцијата и неговите подоцнежни измени и дополнувања биле генерален закон.

Подоцна, со Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005), „Монополската управа“ добила назив:„Комисија за заштита на конкуренцијата“ и со членот 24 од овој закон била востановена како самостоен државен орган, со пропишани надлежности. Според тоа, Законот за заштита на конкуренцијата и неговите подоцнежни измени и дополнувања се сметале како генерален закон.

Со Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010), Комисијата за заштита на конкуренцијата си го задржала својот назив и својата самостојност како државен орган (согласно член 26 став 1), со пропишани надлежности, според што и овој закон се сметал како генерален закон.

Од претходно изложеното неспорно произлегувало дека Комисијата за заштита на конкуренцијата вршела надзор односно контролирала примена на одредби не само на сега важечкиот Закон за заштита на конкуренцијата, туку и примена на други прописи и согласно сега важечкиот Закон за заштита на конкуренцијата, Законот за општата управна постапка (ако со сега важечкиот Закон за заштита на конкуренцијата не било пропишано поинаку) и Законот за државната помош, водела управни постапки и донесувала одлуки во управна постапка согласно сега важечкиот Закон за заштита на конкуренцијата, но и Законот за државната помош.

Според членот 33 од Законот за контрола на државната помош („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010), со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за државната помош („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2003, 70/2006 и 55/2007).

Според членот 34 од истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно на 13.11.2010 година.

Според членот 28 став 1 од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010, 136/2011 и 41/2014), Комисија за заштита на конкуренцијата ја контролира примената на одредбите на овој закон, Законот за државната помош и прописите донесени врз основа на овие закони, ги следи и анализира состојбите на пазарот до степен потребен за развој на слободна и ефикасна конкуренција, води управни постапки и донесува одлуки во управна постапка согласно со одредбите од овој закон и Законот за државната помош.

Според членот 29 став 3 точките 2 и 7 од истиот закон, во извршувањето на стручните, нормативно-правните, управните, управно-надзорните, материјално-финансиските, сметководствените, информа- тичките и другите работи, стручната служба: ја контролира примената на одредбите на овој закон, Законот за државната помош и прописите донесени врз основа на овие закони, ги следи и анализира состојбите на пазарот до степен потребен за развој на слободна и ефикасна конкуренција, води управни постапки и донесува одлуки во управна постапка согласно со одредбите од овој закон и Законот за државната помош и извршува и други работи по барање на Комисијата за заштита на конкуренцијата и Комисијата за одлучување по прекршок во спроведувањето на одредбите од овој закон и Законот за државната помош.

Од претходно цитираниот член 33 од Законот за контрола на државната помош, произлегувало дека Законот за државната помош престанал да важи на ден 13.11.2010 година, поради што основано се поставувало прашањето за согласноста на оспорените одредби од членот 28 став 1 и членот 29 став 3 точките 2 и 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.

Владеењето на правото подразбирало дека во правниот промет треба да постојат јасни, прецизни и концизни норми. Кога тие повикувале на примена на друга одредба или одредби или пропис, неминовно било таа одредба или одредби или пропис, да бидат дел од правниот промет.

Во конкретниот случај, со оспорените одредби од важечкиот Закон за заштита од конкуренцијата, не било така. Поради тоа, оспорените одредби од овој закон не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот.

Според членот 10 од Законот за контрола на државната помош, Комисијата за заштита на конкуренцијата била надлежна за оцена и надзор на секој облик на државна помош.

Во смисла на претходно наведеното, сега важечкиот Закон за заштита на конкуренцијата била генерален закон во кој се пропишуваат надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Изворот на надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата заради постапување во управни постапки согласно Законот за контрола на државната помош, требало да произлегуваат од Законот за заштита на конкуренцијата, но во случајов не било така.

Во важечкиот Закон за заштита на конкуренцијата, како генерален закон, поточно со претходно цитираниот член 28 став 1 од тој закон, а ниту пак од целината на Законот, не се пропишувала било каква можност да Комисијата за заштита на конкуренцијата постапува во управна постапка, а со тоа и да носи одлуки според Законот за контрола на државната помош, како специјален закон.

Поради наведеното, одредбата од членот 10 од Законот за контрола на државната помош, била спротивна на членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби, по што истите ќе ги укине или поништи како спротивни на Уставот.

Исто така, се предлага Уставниот суд да издаде времена мерка со која, до окончување на постапката пред овој суд, ќе се запрат од извршување поединечните акти и дејствија преземени од Комисијата за заштита на конкуренцијата согласно Законот за контрола на државната помош.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 28 став 1 од Законот за заштита на конкуренцијата, Комисијата за заштита на конкуренцијата ја контролира примената на одредбите на овој закон, Законот за државната помош и прописите донесени врз основа на овие закони, ги следи и анализира состојбите на пазарот до степен потребен за развој на слободна и ефикасна конкуренција, води управни постапки и донесува одлуки во управна постапка согласно со одредбите од овој закон и Законот за државната помош.

Според членот 29 став 3 точка 2 од истиот закон, во извршувањето на стручните, нормативно-правните, управните, управно-надзорните, материјално-финансиските, сметководствените, информатичките и другите работи, стручната служба подготвува предлози на подзаконски акти утврдени со одредбите на овој закон и Законот за државната помош, а согласно точката 7 на истиот став, извршува и други работи по барање на Комисијата за заштита на конкуренцијата и Комисијата за одлучување по прекршок во спроведувањето на одредбите од овој закон и Законот за државната помош.

Согласно членот 10 од Законот за контрола на државната помош, Комисијата за заштита на конкуренцијата е надлежна за оцена и надзор на секој облик на државна помош.

5. Во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со иницијативата се оспорува уставноста на членот 10 од Законот за контрола на државната помош, од причини што во Законот за заштита на конкуренцијата, како генерален закон, не се пропишувала можност Комисијата за заштита на конкуренцијата да постапува во управна постапка, а со тоа и да носи одлуки според Законот за контрола на државната помош, како специјален закон, со што се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Имено, според членот 6 од Законот за заштита на конкуренцијата, надзор над спроведувањето на Законот за заштита на конкуренцијата врши Комисијата за заштита на конкуренцијата, која согласно членот 26 став 1 од истиот закон, е самостоен државен орган со својство на правно лице.

Според членот 10 од Законот за контрола на државната помош, Комисијата за заштита на конкуренцијата е надлежна за оцена и надзор на секој облик на државна помош. Според членот 11 од овој закон, во постапките за оцена и надзор на државната помош соодветно се применуваат одредбите за водење на управната постапка од Законот за заштита на конкуренцијата (став 1). За се што во постапките за оцена и надзор на државната помош не е уредено со овој закон и Законот за заштита на конкуренцијата, се применува Законот за општата управна постапка (став 2).

Оттука, произлегува дека постои јасна, законски пропишана надлежност на Комисијата за заштита на конкуренцијата, да постапува согласно со Законот за контрола на државната помош, со Законот за заштита на конкуренцијата и со Законот за општата управна постапка, независно дали тоа е пропишанo со lex generalis или lex specialis, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на членот 10 од Законот за контрола на државната помош, со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот, како што се наведува во иницијативата.

6. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010, 136/2011 и 41/2014), се пропишува дека Комисијата за заштита на конкуренцијата, помеѓу другото, ја контролира примената на одредбите на Законот за државната помош и прописите донесени врз основа на овој закон, ги следи и анализира состојбите на пазарот до степен потребен за развој на слободна и ефикасна конкуренција, води управни постапки и донесува одлуки во управна постапка согласно со одредбите од овој закон и Законот за државната помош (член 28 став 1), а стручната служба на Комисијата за заштита на конкуренцијата подготвува предлози на подзаконски акти утврдени со одредбите на овој закон и Законот за државната помош (член 29 став 3 точка 2) и извршува и други работи по барање на Комисијата за заштита на конкуренцијата и Комисијата за одлучување по прекршок во спроведувањето на одредбите од овој закон и Законот за државната помош (член 29 став 3 точка 7).

Според членот 33 од Законот за контрола на државната помош („Службен весник на Република Македонија“, бр. 145 од 05.11.2010 година), со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за државната помош („Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2003, 70/2006 и 55/2007). Согласно членот 34 на истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, односно на 13 ноември 2010 година.

Оттука, произлегува дека Законот за заштита на конкуренцијата упатува на примена на одредби од Законот за државната помош, кој престанал да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за контрола на државната помош.

Оспорените одредби, односно нивните делови од Законот за заштита на конкуренцијата, со истата содржина, се дел од основниот текст на Законот. Дополнително, Законот за заштита на конкуренцијата претрпел две измени и дополнувања, но со истите не се опфатени оспорените одредби. Тоа значи дека оспорените одредби се дел од Законот за заштита на конкуренцијата, кој бил објавен истовремено, во истиот „Службен весник на Република Македонија“, бр.145 од 5 ноември 2010 година, каде е објавен и Законот за контрола на државната помош, при што и двата закони влегле во сила осмиот ден од денот на нивното објавување, односно на 13 ноември 2010 година. Оттука, во моментот кога влегол во сила Законот за заштита на конкуренцијата, кој ги содржи оспорените одредби, престанал да важи Законот за државната помош, на кој се упатува со оспорените одредби, поради тоа што бил заменет со нов Закон за контрола на државната помош, со кој се уредува прашањето на државна помош, а законодавецот дополнително не извршил усогласување на одредбите од едниот закон со другиот закон.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека во суштина, со иницијативата се оспоруваат делови од одредби од Законот за заштита на конкуренцијата, поради нивната неусогласеност со новиот закон со кој се уредува државната помош, односно со Законот за контрола на државната помош.

Наводите во иницијатива всушност се сведуваат на барање за тоа, Уставниот суд преку покренување на уставниот механизам за оценување на уставноста на одредби од закон, да се впушти во постапување со цел да се изврши корекција, односно усогласување на оспорените одредби од Законот за заштита на конкуренцијата, со актуелниот Закон за контрола на државната помош, а кое нешто законодавецот не го сторил.

Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ја оценува согласноста на законите со Уставот, а не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на два или повеќе закони.

Имајќи го предвид наведеното, како и уставно-судската пракса за вакви случаи, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел. Ова со оглед дека наводите се сведуваат на барање на постапување на овој суд што е во надлежност на законодавецот кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува, а преку кое се врши меѓусебното усогласување на истите.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на предлогот на подносителот на иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на оспорените одредби од Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за контрола на државната помош.

8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.38/2016
28 септември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева