У.бр.38/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на член 22 став 1 и 2 точки 1 и 2 од Правилникот за минимално – техничките услови за деловните простории во кои се врши трговија, донесен од министерот за економија („Службен весник на Република Македонија“) бр.79/2004, 70/2007, 93/2008, 124/2011 и 54/2015.

2.Јулијана Масларкова од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за поведување на постапка за оценување на законитоста на член 22 став 1 и 2 точки 1 и 2 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба од член 22 ставовите 1 и 2 точки 1 и 2 не била во согласност со член 3 став 1 точка 100 од Законот за енергетика, член 103 став 2, член 103 став 3 и член 106 од наведениот закон. Ова од причини што оспорениот член спротивно на Законот за енергетика кој предвидувал дека увозникот на нафтени деривати треба да располага со посебен склад, при тоа не упатува на обврската сопственикот или корисникот на складот да поседува и соодветна лиценца за складирање на нафтени деривати издадена од Регулаторната комисија за енергетика.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 22 од Правилникот е предвидено дека:

Увозникот на нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт кој врши и трговија на големо со нафтени деривати, покрај општите услови пропишани со овој правилник, треба да располага и со посебен склад.

Складот од став 1 на овој член треба да ги исполнува следните услови:

1) минимална зафатнина на резервоарот да е 25 м3 за биогориво, 50 м3 за течен нафтен гас (ТНГ), односно 100 м3 по дериват за останатите деривати и горива за транспорт.

2) резервоарите да бидат на едно место оградени со ограда и влез и излез и да не бидат поврзани со бензинската станица.

Вршителот на дејност складирање на нафта и нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт покрај општите услови пропишани со овој правилник, треба да располага и со посебен склад кој треба да ги исполнува следните услови:

1) минимална зафатнина на резервоарот да е 100 м3 за биогориво, 200 м3 за течен нафтен гас (ТНГ), односно 1000 м3 по дериват за останатите деривати и горива за транспорт“

2) резервоарите да бидат на едно место оградени со ограда и влез и излез и да не бидат поврзани со бензинската станица

3) да има вага со неавтоматско функционирање од класата на точност (III) за прием на нафтени деривати.

Складовите од ставови 2 и 3 на овој член треба да ги исполнуваат техничките прописи за складирањето и преточувањето на горивото утврдени со закон или друг пропис.“

4. Во член 1 од Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/2004,128/2006, 63/2007, 88/2008, 159/2008, 20/2009, 99/2009, 105/2009, 158/2010, 53/2011, 148/2013, 164/2013, 97/2015, 129/2015) е определено дека, со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење на трговија на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки. Според членот 2 ставот 1, трговија во смисла на овој закон, е купување и продавање на стоки, како и вршење на трговски услуги.

Како услуги во трговијата согласно членот 19 од Законот се сметаат: агенциските, односно застапничките услуги, берзански услуги, комисиони услуги, услуги на складирање на стоки, шпедитерски услуги, услуги на контрола на квалитетот и квантитетот на стоки, услуги на економска пропаганда, приредување на саеми и стопански изложби, услуги на пазарот на големо и мало, истражување на пазарот, издавање на боксови, тезги и слично во организирани деловни простории за вршење на трговија на мало.

Според членот 22 став 1 од Законот, продавниците, магацините, складовите и деловните простори, зелените пазари, посебните пазари на големо и мало, автоплацеви и бензинските станици, определени во членовите 10, 12, 13 ставови 1 и 2, 15, 16 и 18 на овој закон за вршење на трговија на големо и мало мора да ги исполнуваат минимално техничките услови како и други услови пропишани со закон во зависност од видот и начинот за вршење на трговија.

Според ставот 2 од членот 22 од Законот, министерот за економија ги пропишува минимално-техничките услови од ставот 1 на овој член.

Согласно членот 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013, 41/2014, 151/2014, 33/2015), со овој закон се уредуваат: 1) целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација; 2) енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности; 3) изградбата на енергетските објекти; 4) статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија; 5) пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија; 6) условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија и 7) други прашања од значење за енергетиката.

Во членот 2 од Законот утврдени се целите кои треба да се постигнат а тоа се: 1) сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија и енергенти; 2) создавање на ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор; 3) поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари со почитување на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност; 4) интегрирање на енергетските пазари на Република Македонија во регионалните и меѓународните енергетски пазари во согласност со обврските преземени со ратификуваните меѓународни договори; 5) зголемување на енергетската ефикасност и поттикнување на искористувањето на обновливите извори на енергија и 6) заштита на животната средина од негативните влијанија при вршењето на одделни дејности од областа на енергетиката.

Во членот 3 од Законот, утврдено е значењето на одделните изрази кои се употребуваат во законот. Така во наведениот член во точката 100 е определено дека: складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт е складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и/или горива за транспорт во посебни резервоари за сопствена потрошувачка, за потребите за преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати или горива за транспорт, како и за трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и/или горива за транспорт.

Во членот 4 од Законот е предвидено дека: (1) Дејности од областа на енергетиката, во смисла на овој закон, се: 1) пренос на електрична енергија; 2) организирање и управување со пазарот на електрична енергија; 3) дистрибуција на електрична енергија; 4) пренос на природен гас; 5) управување со систем за пренос на природен гас; 6) дистрибуција на природен гас; 7) дистрибуција на топлинска енергија; 8) снабдување во краен случај со електрична енергија; 9) снабдување во краен случај со природен гас; 10) производство на електрична енергија; 11) снабдување со електрична енергија; 12) трговија со електрична енергија; 13) снабдување со природен гас; 14) трговија со природен гас, 15) производство на топлинска енергија; 16) снабдување со топлинска енергија; 17) преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати; 18) производство на биогорива; 19) производство на горива наменети за транспорт со намешување на фосилни и биогорива; 20) транспорт на сурова нафта или нафтени деривати преку нафтоводи, односно продуктоводи; 21) складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива наменети за транспорт и 22) трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт.

Според членот 5 од Законот, дејностите од членот 4 на овој закон можат да ги вршат домашни и странски лица врз основа на лиценца издадена од страна на Регулаторната комисија за енергетика за секоја од енергетските дејности одделно, освен во случаите од членот 37 ставови (5) и (6) на овој закон.

Во членот 41, пак од Законот за енергетика е предвидено дека Регулаторната комисија за енергетика донесува Правилник за лиценци со кој поблиску се пропишуваат: 1) условите, начинот и постапката за издавање, менување, продолжување, пренесување, суспендирање, одземање и престанување на важноста на лиценцата и на времената лиценца за работа на енергетскиот објект; 2) времетраењето на лиценцата и на времената лиценца; 3) обрасците што се употребуваат во постапката за издавање, менување, продолжување, пренесување, суспендирање и одземање на лиценцата; 4) формата и содржината на лиценцата и на времената лиценца; 5) следењето и контролата на исполнувањето на обврските содржани во лиценцата и другите обврски што произлегуваат од овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на овој закон и 6) износот на трошоците за постапката на издавање, пренесување, суспендирање, менување, продолжување и одземање на лиценцата.

Во членот 101 став 1 поместен во насловот VIII. „ ПАЗАР НА СУРОВА НАФТА, НАФТЕНИ ДЕРИВАТИ И ГОРИВА ЗА ТРАНСПОРТ“ од Законот предвидено е дека: вршителите на енергетските дејности: 1) преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати; 2) производство на биогорива; 3) производство на горива наменети за транспорт со намешување на фосилни и биогорива; 4) транспорт на сурова нафта или нафтени деривати преку нафтоводи, односно продуктоводи; 5) складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива наменети за транспорт и 6) трговија со сурова нафта, нафтени деривати, горива за транспорт и биогорива, се должни објектите, уредите и постројките за вршење на енергетските дејности да ги користат и одржуваат во согласност со техничките прописи и стандарди и другите прописи за сигурно и безбедно работење и заштита на животната средина.

Според ставот 2 на овој член техничките прописи од ставот (1) на овој член ги донесува министерот по претходна согласност на министерот надлежен за работите од областа на транспортот и врските, министерот надлежен за работите од областа на заштита на животната средина и министерот надлежен за работите од областа на внатрешните работи.

Во членот 103 став 2 од Законот е предвидено дека трговецот на големо со горива треба да има во сопственост или да има право на користење простор за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и/или горива за транспорт, а според ставот (3) трговецот на големо со горива е должен во секое време да има оперативни резерви од нафтени деривати и горива за транспорт за покривање на петдневен просечен обем на трговија, пресметан врз основа на остварениот обем на трговија за секој дериват одделно во претходната година.

Во членот 106 од Законот е предвидено дека: (1) Објектите и резервоарите за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива или горива за транспорт треба да бидат изградени и да се користат во согласност со пропишаните услови за изградба, одржување и безбедно функционирање. (2) Објект за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива или горива за транспорт претставува техничко-технолошка и функционална целина наменета за складирање составена од резервоари и помошни постројки. (3) Сопствениците или закупувачите на објектите наменети за складирање на сурова нафта, нафтени деривати или горива за транспорт што не се користат за складирање за сопствени потреби или не се во состав на бензински станици, се должни да поседуваат лиценца за вршење на дејноста складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и/или горива за транспорт.

Од анализата на наведените одредби од Законот за трговија и Законот за енергетика произлегува дека дејноста складирање на нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт се посебни енергетски дејности од областа на енергетиката, при што за вршење на овие дејности законите пропишале посебни услови кои треба да бидат исполнети. Меѓу другите услови за вршење на оваа дејност пропишано е дека субјектите кои ја вршат дејноста складирање на нафта…. се должни да поседуваат лиценца која ја издава Регулаторната комисија за енергетика со определено времетраење.

Оттука, пропишаната законска обврска за поседување на лиценца не треба да значи дека таа обврска треба да се пропишува, односно повторува и во другите прописи кои ја разработуваат оваа материја. Според тоа, Судот оцени дека фактот што во оспорениот член од Правилникот за минимално – техничките услови за деловните простории во кои се врши трговија, донесен од министерот за економија не е пропишана обврската субјектите кои вршат складирање на нафта да поседуваат лиценца не значи дека тие субјекти без лиценца би можеле да ја вршат дејноста. Поседувањето на лиценца е законска обврска која мора да се испочитува, при што овие субјекти, покрај условите пропишани со закон мора да ги исполнуваат и минимално техничките услови во зависност од видот и начинот на вршење на дејноста.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на Правилникот за минимално – техничките услови за деловните простории во кои се врши трговија во кој се пропишани минимално-техничките услови што треба да бидат исполнети за вршење на трговија во продавниците, магацините, складовите, зелените пазари, посебно организираните пазари, бензинските станици и продажни објекти на кои што се врши трговија на посебен во целина и оспорениот член, Судот утврди дека тој не содржи норми со кои се регулираат односи на општ начин, туку содржи исклучиво технички норми за условите под кои ќе се обавува дејноста, а кои служат за извршување на одредбите на законите. Со оглед на наведените причини согласно член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека Правилникот, односно оспорениот член не е подобен за уставно судска оцена.

5.Со оглед на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.38/2015
21 октомври 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева