38/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11-б од Законот за исплата на плати (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1994, 62/1995, 33/1997, 50/2001, 26/2002 и 46/2002).

2. Панче Докузов, адвокат од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 11-б од Законот за исплата на платите во Република Македонија.

Според наводите во иницијативата оваа одредба имала повратно дејство, што било спротивно на член 52 од Уставот на Република Македонија.

Поточно, подносителот на иницијативата смета дека со предвидувањето неисплатените плати за месец јуни 2001 година и пред тоа да се исплатуваат согласно со одредбите од членовите 3 и 4 кои важеле до денот на влегување во сила на овој закон, се повредувало начелото за забрана на повратното дејство, загарантирано со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 11-б од Законот, неисплатените плати за месец јуни 2001 година и пред тоа ќе се исплатуваат согласно со одредбите од членовите 3 и 4 од Законот за исплата на платите во Република Македонија кои важеле до денот на влегување во сила на овој закон.

4. Согласно член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот во контекст на оспорената одредба од Законот, според која неисплатените плати за месец јуни 2001 година треба да се исплаќаат во 2002 година според одредби од закон кои со влегување во сила на новиот закон престанале да важат, Судот оцени дека, во случајов, ова начело не е повредено затоа што оспорената одредба од Законот има карактер на преодна одредба која го решава прашањето за исплата на платите заработени во време на важење на стариот закон за плати и нема повратно дејство.

Според Судот, право на законодавецот е да го регулира преодниот период со кој, всушност, се уредува правниот режим за исплата на овие заостанати плати.

Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.38/2003
19 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова