38/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 април 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 26 од Законот за вработување (“Службен весник на СРМ” бр.32/87, 18/89, 36/89 и “Службен весник на Република Македонија” бр.17/91, 36/91, 12/93 и 78/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Станко Трајановски од Пробиштип му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 26 од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со утврдувањето на висината на надоместокот што го примале стечајните работници за време на привремената невработеност се создавала нееднаквост меѓу граѓаните и при неговата примена се правеле разни манипулации.

Со цел да не се создавале вакви неправилности во примената на оспорениот член од Законот, подносителот смета дека висината на надоместокот што се исплаќа за времето на привремена невработеност треба да се утврдува во зависност од примањата во текот на целиот работен стаж, а не во зависност од просекот на примањата за последните три месеци.

3. Судот на седницата утврди дека во член 26 од Законот за вработување е предвидено дека висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност не може да биде пониска од 50% од аконтацијата на просечниот личен доход на работникот за последните три месеци, а најмалку 80% од висината на загарантираниот личен доход на подрачјето на општината.

Паричниот надоместок на невработеното лице кое било на привремена работа во странство изнесува 50% од основицата определена за пресметување на придонесот за вработување што ја плаќа работникот привремено невработен во странство.

4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека вработените како граѓани се еднакви во слободите и правата, па и во правата на материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност.

Правото на материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност, како и другите права на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори. Според тоа, право е на законодавецот утврдувајќи го правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност да ги утврди условите за остварауваање на ова право, па во тие рамки да ја утврди и висината на паричниот надоместок за привремено невработените лица, како и начинот на определувањето на тој надоместок. При тоа, право е на законодавецот да утврди врз основа на кои критрериуми ќе го определува паричниот надоместок.

Со оглед на тоа што критериумите за определување на висината на паричниот надоместок се еднакви за сите привремено невработени лица, корисници на ова право, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нееднаквост на граѓаните по било кој основ.

Дали, пак, при примената на оваа законска одредба, постојат одредени недоследности имајќи предвид дека често се случува вработените да не ги примаат последните плати пред престанокот на работниот однос, Судот смета дека тоа се фактички прашања за кои, согласно член 110 од Уствот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.38/97)