38 /1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на
а) Конкурс за испраќање лекари на специјализација, распишан од Управниот одбор на Медицинскиот центар “Академик професор Д-р Димитар Арсов” во Крива Паланка, бр.04-166 од 19 мај 1994 година;
б) Конкурс за испраќање лекари на специјализација, распишан од Управниот одбор на Медицинскиот центар “Академик професор Д-р Димитар Арсов” во Крива Паланка, бр.267/1 од 26 август 1994 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, група лекари вработени во Медицинскиот ценат “Академик професор Д-р Димитар Арсов” во Крива Паланка, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение затоа што не биле во согласност со Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93), Правилникот за специјализација и субспецијализација на здравствените работници и здравствените соработници (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/92 и 18/93) и Програмата за потребите од специјалистички кадри во Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека оспорените акти не содржат норми со кои на општ начин се уредуваат односи, туку само законските услови што треба да ги исполнуваат кандидатите за испраќање на специјализација и условите предвидени со општиот акт на организацијата.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што оспорените акти не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за нивната законитост.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.38/95).