37/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 24 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на судските службеници за 2010 година, донесена од Владата на Република Македонија, број 51-462/1 од 2 февруари 2010 година, објавена во “Службен весник на Република Македонија” број 17/2010.

2. Славица Илиева од с. Истибања-Виница и други, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката, означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во сите иницијативи, оспорената Одлука била спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот според кој владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и на член 9 од Уставот според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Наведоа и дека оспорените одлуки, не биле во согласност со Законот за судската служба, бидејќи Владата на Република Македонија спротивно на Законот за судската служба со Одлуката утврдила различни вредности на бодот за секоја категорија на судски службеници, со што категоријата на раководни судски службеници и категоријата на стручни државни службеници, ги ставила во нееднаква правна положба со категоријата административно-технички судски службеници, кое нешто било спротивно на цитираните одредби од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија врз основа на член 43 од Законот за судската служба (“Службен весник на Република Македонија” број 98/08, 161/08 и 6/09), донела Одлука за утврдување на вредноста на бодот за платите на судските службеници за 2010 година, во која се дефинирани три категории судски службеници со различна вредност на бодот. Така за категоријата раководни судски службеници, вредноста на бодот за платата е утврден на износ од 77,38 денари, за категоријата стручни судски службеници, на износ од 80,61 денари и за категоријата административно-технички судски службеници на износ од 86,31 денари.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 9 од Уставот, е определено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 5 од истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 40 од Законот за судската служба, определено е дека платата на судскиот службеник се состои од основна компонента што ја сочинува:
-основната плата,
-додатокот на плата за звање и
-додатокот на плата за кариера и
исклучителна компонента што ја сочинуваат:
-додаток на плата за посебни услови за работа и
-вонреден работен додаток на плата (прекувремена работа).

Во членот 42 од Законот, определени се бодовите со кои се вреднува додатокот на плата за звање за судските службеници во зависност од видот и обемот на работата, сложеноста и одговорноста за извршување на работата.

Според членот 43 од Законот, вредноста на бодот се утврдува секоја година со одлука на Владата на Република Македонија.

Согласно членот 43 од Законот, Владата на Република Македонија ја донела Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на судските службеници за 2010 година, број 51-462/1 од 2 февруари 2010 година (“Службен весник на Република Македонија” број 17/2010).

Околноста, што со оспорената Одлука, Владата утврдила различни износи на вредност на бодот за судките службеници, Судот оцени, дека тоа не претставува повреда на владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија и е во согласност со овие уставни принципи, бидејќи различно утврдената вредност на бодот претставува поповолно правно решение за вработените и не е на штета на интересите на судските службеници, туку напротив на тој начин се надминува повеќегодишната разлика во примањата на вработените во судовите, од оние со најниски, до оние со највисоки примања, а со тоа и надминување на социјалната разлика, што е во согласност со принципот на социјална правда и солидарност.

Судот, исто така, утврди и дека со оспорената одлука, не се нарушува ниту принципот на еднаквост на граѓаните утврден во членот 9 од Уставот, од причини што во случајов се работи за различни категории на судски службеници со различна основица на плата, со различно вреднуван бод на плата во зависност од класификацијата на судскиот службеник по групи и звање, што значи во случајов, сите се еднакви во категоријата на која и припаѓаат, поради што Судот оцени дека не постојат уставни пречки за различно утврдување на вредноста на бодот, во различни номинални износи за различни категории судски службеници.

Судот утврди дека, во случајов се работи за Одлука која е од временско важење и истата претставува оперативно извршен пропис кој има овластување во членот 43 од Законот за судската служба, чија примена заклучно со месец декември 2010 се исцрпува, а различно утврдената вредност на бодот за платите на судските службеници, се должи на интенцијата за надминување на разликата во износите на плати на судската администрација, со што се овозможува соодветна и правична заработувачка на вработените согласно со закон и истите се во согласност со членот 32 ставовите 3 и 5 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот, одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 37/2010
24 март 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски