37/2002-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11 и 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр. 42/2001),

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 8 и член 10 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, Шпенд Деваја, адвокат од Скопје и Информативниот центар за граѓанско општество од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот за одбрана наведени во точките 1 и 2 од ова решение, од причини што сметаат дека не се во согласност со Уставот на Република Македонија и некои меѓународни акти од сферата на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

^ленот 9 став 8 од Законот не бил во согласност со членовите 8 алинеи 3 и 4, член 28 став 2, член 51, член 79 став 2, член 91 алинеја 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија. Според наводите во иницијативата, не може со правилник да се уредува начинот на служење на воениот рок во цивилна служба, поради фактот што Министерот не е надреден над организациите, установите и единиците во кои ќе се служи воениот рок во цивилна служба, па оттука тој ниту може да го определува начинот на служење на воениот рок во цивилна служба во тие организации.

Во однос на членот 10 од Законот, во иницијативите се посочува дека се работи за преклузивен карактер на рокот за поднесување на т.н. приговор на совеста, по чиј истек не може истиот да се истакне, што од своја страна претставува повреда на низа слободи и права на човекот и граѓанинот предвидени во Уставот на Република Македонија и меѓународните акти кои се однесуваат на оваа материја. Според иницијаторите, ако приговорот не се поднесе во предвидениот рок, тоа значи губење на правото воопшто да се истакне приговорот и воениот рок да се служи на еден од алтернативните начини предвидени со Законот (воен рок во Армијата без оружје или воен рок во цивилна служба). Со тоа, ваквата одредба претставува ограничување, односно повреда на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и на слободата на вероисповеста, како слободи и права предвидени со членовите 16 став 1 и 19 став 1 од Уставот на Република Македонија, членот 18 од Универзалната Декларација за човековите права, членовите 4 и 18 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, како и членовите 4 и 9 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Покрај тоа, врзувајќи го правото да се поднесе приговорот на совеста само и исклучиво со чинот на приемот на поканата за регрутација, со оспорената одредба се кршело едно од основните начела на уставниот поредок, а тоа е еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Имено, според иницијаторите, одредбата предвидувала право на приговор на совеста само за регрутите, а не и за воените обврзници кои добиле покана за упат во АРМ, воените обврзници-резервисти, како и регрутите кои се регрутирани пред влегувањето во сила на Законот. Оневозможувањето да се оствари правото на приговор на совеста за овие категории воени обврзници, претставува повреда и на членот 28 од Уставот, од причина што овие лица не може да го остварат правото на одбрана, а со тоа и својата обврска спрема државата. Од тие причини, подносителите сметаат дека оспорената одредба не е во согласност со членовите 9, 16 став 1, член 19 став 1, членовите 28 и 54 став 1 и 4 од Уставот на Република Македонија, како и посочените одредби од горе цитираните меѓународни акти.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 9 став 8 од Законот, начинот на служење на воениот рок во Армијата без оружје, односно во цивилна служба се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Според членот 10 ставовите 1 и 2, регрутот кој сака да служи воен рок согласно член 8 од овој закон (воен рок во Армијата без оружје или воен рок во цивилна служба), поднесува писмено барање до Министерството за одбрана во рок од 15 дена од приемот на поканата за регрутација, во кое ги наведува причините и начинот на кој сака да го служи воениот рок. Решение по барањето на регрутот донесува Комисија формирана од Министерството за одбрана, во рок од 60 дена од поднесувањето на барањето.

5. Во однос на членот 10 од Законот за одбрана, Судот ги имаше предвид уставните одредби кои се однесуваат на еднаквоста на граѓаните, слободата на вероисповеста и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, заштитните гаранции во однос на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и меѓународните документи, кои се составен дел на националниот правен поредок на Република Македонија, а се однесуваат на спорното прашање.

Согласно член 8 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот претставуваат една од темелните вредности на кои почива уставниот поредок на државата.

Согласно членот 16 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Членот 19 став 1 од Уставот ја гарантира слободата на вероисповеста. Според ставот 2 од овој член, се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според ставот 3 од овој член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Во ставот 4 е содржан посебен вид заштитна клаузула за одредени слободи и права-неможност таа категорија слободи и права да се ограничат ниту со Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувако постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Членот 9 од Европската Конвенија за заштита на човековите права и основните слободи се однесува на слободата на мислење, совест и вера.

Според ставот 1, секој човек има право на слобода на мислење, совест и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со други, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали.

Според ставот 2, слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.

Според членот 14 од Конвенцијата, уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Според член 18 од Универзалната Декларација за човековите права на Обединетите Нации, секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата. Ова право ја вклучува и слободата-човекот да ја промени својата религија или убедување, како и слободата-човекот, индивидуално или во заедница со други луѓе, приватно или јавно, да ја манифестира својата религија или убедување, преку подучување, практикување, одржување служби или обреди.

Според член 18 од Меѓународниот Пакт за граѓанските и политичките права на Обединетите Нации, секое лице има право на слобода на мислата, на совеста и на вероисповеста. Ова право ја подразбира слободата на исповедувањето и на примањето на вера или убедување по свое наоѓање, како и слободата таа вера или убедување да го манифестира поединечно или заедно со други, како јавно, така и приватно, преку култ, преку вршење на верски и ритуални обреди и преку веронаука.

Никој не може да биде предмет на принуда, со која би му се нарушила слободата да има или да прифати вера или убедување по негово наоѓање.

Слободата на манифестирањето на верата или убедувањето може да биде предмет само на оние ограничувања што ги предвидува законот, а што се нужни заради заштита на јавната безбедност, на редот, на здравјето или на моралот, или пак на основните слободи и права на други лица.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не само Уставот на Република Македонија, туку и соодветните одредби од меѓународните документи ја третираат слободата на уверувањето, совеста и мислата, како право кое е природно и нераскинливо поврзано со човековото битие. Имено, мислата, совеста и уверувањето (вклучително и религиозното) спаѓаат во сферата на личното, интелектуално и филозофско поимање на светот кој го опкружува човекот. Тие се засноваат на сопствените сфаќања и убедувања на поединецот и како такви тие не може да бидат предмет на принуда или било каков вид притисок кои би довеле до нивно нарушување и ограничување. Оттука и правото обезбедува адекватни и соодветни правни механизми кои овозможуваат оваа слобода да биде гарантирана и заштитена.

Приговорот на совеста, претставува изведено, деривативно право кое произлегува од слободата на уверувањето, совеста и мислата. Тоа претставува средство (инструмент) кое овозможува носителот на ова право да избегне определени законски обврски, поради тоа што нивното исполнување е во конфликт со неговите/ нејзините морални, религиозни, филозофски и хуманитарни убедувања. Во основа, ова право се јавува во сферата на одбраната на земјата каде определени лица и под строго определени услови може да побараат (а државата да им дозволи) да бидат изземени од граѓанската должност да служат воен рок. Сепак, тоа не значи дека овие лица се целосно исклучени/ изземени од оваа обврска. Конфликтот на личните убедувања со граѓанските должности се манифестира во однос на носењето, користењето оружје. Затоа, државата обезбедува услови овие лица да го остварат своето право, но и својата обврска на одбрана на државата на начин кој нема да биде во колизија со нивните интимни убедувања.

Така, согласно член 8 од Законот, регрутот кој од верски или морални убедувања (приговор на совеста), не сака да служи воен рок во Армијата со оружје, може да служи воен рок во Армијата без ору`је или да служи воен рок во цивилна служба.

Оспорениот член 10 од Законот, го уредува начинот (процедурата) низ кој треба ова право да се реализира, за да може носителот на ова право да го ужива.

Имено, регрутот кој сака да го служи воениот рок на еден од алтернативните начини треба да поднесе писмено барање до ресорното Министерство во рок од 15 дена од денот на приемот на поканата за регрутација. При тоа, во писменото барање потребно е да ги наведе причините и начинот на кој сака да го служи воениот рок.

Според ставот 2 од овој член, по неговото барање одлучува Комисија формирана од надлежното министерство, која треба да го донесе решението во рок од 60 дена од поднесувањето на барањето.

Судот констатира дека во случајот се работи за процедура во која потенцијалните носители на ова право се должни да докажат дека служењето на воениот рок со оружје не е во согласност со нивните морални или верски убедувања и поради тоа нивната совест и лично уверување не им дозволува извршување на својата граѓанска должност со оружје. Од тие причини, тие се должни во соодветна постапка да го сторат неприфатливо служењето на воениот рок со оружје и да се изјаснат на кој начин (еден од предвидените) тие ќе го служат воениот рок. Впрочем, покрај обврската да го служи воениот рок на еден од алтернативните начини, на приговарачот на совеста мора да му биде признаен таков статус во соодветна управна постапка. Само овие два елементи (сфатени во кумулативна смисла)-обврската да се служи алтернативна служба и постапка за признавање на статусот приговарач на совеста, може да претставуваат прифатлив основ кој со висок степен на сигурност може да потврди дека само лицата кои одбиваат да служат воена обврска со ору`је поради причини на совеста, може да бидат ослободени од оваа обврска.

Во Главата В од Законот е дефинирана воената обврска. Според членот 50 од Законот, лицето кое подлежи на воена обврска е воен обврзник. Во текот на траењето на воената обврска, воениот обврзник е:

1) регрут-за време на регрутната обврска
2) војник-за време на слу`ењето на воениот рок, и
3) воен обврзник во резерва-по регулирањето на служењето на воениот рок.

Сите овие категории лица учествуваат во остварувањето на своето уставно право и обврска предвидени со членот 28 од Уставот-одбрана на државата. Сите овие лица, без оглед дали се работи за регрути, војници или воени обврзници во резерва имаат третман на воени обврзници и подлежат на правата и обврските предвидени со овој Закон.

Имајќи ја предвид дикцијата на членот 10 од Законот, може да се заклучи дека правото на приговор на совеста го уживаат само регрутите, а не и другите категории воени обврзници. Законот се определил ова право (да поднесат приговор на совеста) да им го признае (како можност) само на една категорија воени обврзници-регрутите, без при тоа да води сметка за воените обврзници кои имаат статус на војници или на воени обврзници во резерва. Приговорот на совеста не може да зависи и да се доведува во корелација со статусот кој воениот обврзник го има. Приговорот на совеста е нераскинливо поврзан со мисловната сфера на човекот, поради што Судот изрази сомнение дека не е прифатливо истиот да се признае на една, а да не постои правен основ за негово остварување за друга категорија воени обврзници. Оттука, Судот изрази сомнение дека предвидувајќи го правото на приговор на совеста само за регрутите, законодавецот пропуштил да утврди постапка која ќе овозможи остварување на ова право на сите кои се должни да учествуваат во извршувањето на воените обврски. Со тоа, законодавецот ги дискриминирал овие категории лица (војници и воени обврзници во резерва) кои ја исполнуваат својата воена обврска и ги оневозможил да го остварат ова право додека трае нивната законска обврска да учествуваат во одбраната на државата.

Приговорот на совеста, всушност претставува надворешна манифестација на слободата на мислата, совеста и верата. Ова право, ја вклучува и слободата за промена на верата и уверувањето. Оттука, несомнено е дека слободата подразбира создавање, менување и укинување на одредени лични сфаќања, морални или религиозни убедувања. Тоа што во еден момент е прифатливо за човековата совест и убедувања, не значи дека е трајно и дека не може да претрпи соодветни модификации и промени со текот на времето. Ова особено што воената обврска е континуирана и се остварува во долг период од животот.

Законот ова право го предвидува само за регрутите, кои може да го остварат по пат на писмено барање адресирано до соодветна Комисија во рок од 15 дена од приемот на поканата за регрутација. Судот изрази сомнение дека овој рок е преклузивен и неговиот истек означува гаснење на правото да се реализира приговорот на совеста. Тоа значи дека доколку регрутот не поднесе писмено барање за признавање на неговото право на приговор на совеста во рок од 15 дена од приемот на поканата за регрутација, тој го губи ова право и понатаму воопшто не може да го користи. Судот изрази сомнение дека ваквото законско решение ја дефинира слободата на совеста и уверувањето (изразена преку правото на приговор на совеста) како нешто непроменливо, од фактот што законот го врзува остварувањето на ова право со рок после кој истото не може да се оствари. Според Судот, тоа може да претставува ограничување на правото поради фактот што приговорот може да се поднесе само еднаш во животот. Со оглед на тоа што слободата на совеста подразбира и промена на уверувањето, произлегува дека за остварување на ова право и слобода не може да се пропишуваат рокови, односно истото да се ограничува на начин што неговото остварување се врзува со рок после кој истото не може да се реализира. Врзувањето на овие слободи со временски рокови директно атакува врз суштината и значењето на овие слободи, како строго лични и нераскинливо поврзани со нивниот носител-поединецот. Причините за сомнението на Судот произлегуваат од временската неограниченост на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, која во себе ја опфаќа и слободата овие убедувања да се променат.

Врз основа на изнесеното, Судот изрази сомнение дека оспорената одредба од членот 10 став 1 од Законот за одбрана не е во согласност со членовите 9, 16 став 1, 19 став 1 и 54 став 4 од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 9 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, членот 18 од Универзалната Декларација за човековите права и членот 18 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права.

Што се однесува до ставот 2 од овој член, Судот оцени дека истиот се однесува само на надлежноста на Комисијата формирана во рамките на Министерството да одлучува по поднесените барања, од една страна и е определен рокот во кој таа треба да го донесе своето решение, од друга страна. Оваа одредба нема суштинско значење во однос на правото на приговор на совеста и уредува само јурисдикција на Комисијата и одредува временски рок во кој таа треба да одлучи. Оттука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

Согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 49 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), министерот интер алиа, донесува прописи и други акти за кои е овластен и презема други мерки од надлежност на министерството во согласност со закон.

Согласно член 55 ставот 1, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Согласно членот 56 став 1, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Судот утврди дека членот 9 од Законот за одбрана се однесува на алтернативните начини на служење на воениот рок, односно цивилното служење на воениот рок.

Така, воениот рок во цивилна служба се служи во здравствени, хуманитарни или социјални организации и установи и противпожарни единици.

Организациите, установите и единиците во кои ќе се служи воен рок во цивилна служба ги определува Владата на Република Македонија.

Организациите, установите и единиците се должни на лицето кое го служи воениот рок во цивилна служба да му обезбедат бесплатно сместување и исхрана.

Финансиските средства за надоместок на трошоците за сместување и исхрана се обезбедуваат од Буџетот на Министерството за одбрана во висина на финансиските средства потребни за сместување и исхрана на војник кој служи воен рок во единиците на Армијата.

Организациите, установите и единиците се должни да ги определат работните места и видот и обемот на задачите на лицата кои го служат воениот рок во цивилна служба, а за кои согласност дава Владата, по претходно мислење од Министерството за одбрана.

Организациите, установите и единиците во кои се служи воен рок во цивилна служба се должни да вршат контрола на лицата кои го служат воениот рок во цивилна служба и за тоа

да го известуваат Министерството за одбрана. Контрола врши и Министерството за одбрана.

Лицето кое служи воен рок во цивилна служба е изедначено во поглед на правата и обврските со војникот кој служи воен рок во Армијата.

Врз основа на изнесеното, Судот констатира дека лицата кои служат воен рок во Армијата без оружје, односно во цивилна служба имаат ист третман како и војниците во Армијата кои воениот рок го служат со оружје. Оттука, за време на служењето на воениот рок тие потпаѓаат под специфичниот режм на воена служба, без оглед што истата се реализира во т.н. цивилни услови. Спецификата кај нив е тоа што овие лица, како признаени приговарачи на совеста, воената обврска ја извршуваат на специфичен начин, кој единствено може да се реализира во цивилни услови. Но, тоа не значи дека тие се изземени од режимот на одбраната, режимот кој е единствен за сите воени обврзници. Затоа и начинот на остварување на воената обврска во Армијата без оружје, односно во цивилна служба е природно да биде утврден од ресорното министерство, како законски надлежен орган кој се грижи за остварување на системот на одбраната на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија (член 15 алинеја 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа).

При тоа, со овој правилник се уредува само начинот на служење на воениот рок во Армијата без оружје, односно во цивилна служба. Со овој правилник не се утврдуваат права и обврски, туку се регулираат само оперативно-техничките активности кои ќе треба да ја обезбедат подготвеноста и на оваа категорија воени обврзници за остварување на своето право и должност-одбраната на Републиката.

Ако се има предвид одредбата од членот 20 од Законот за одбрана и надлежностите на Министерството за одбрана во извршувањето на активностите поврзани со остварувањето на одбраната на земјата, тогаш недвосмислено произлегува и надлежноста на ресорниот министер да донесе правилник кој ќе го уреди начинот на служење на воената обврска без оружје или во цивилна служба.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата со кои се оспорува уставноста на членот 9 став 8 од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение, во однос на точката 1 од решението, Судот го донесе со мнозинство гласови, а во однос на точката 2 го донесе едногласно во состав од Претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.37/2002
26 јуни 2002 година
С к о п ј е
сд.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов