37/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на
– Решението за ставање во стечај на Трговското претпријатие “Центропромет” АД во мешовита сопственост во Битола;
– Решението за ставање на стечајот во мирување од 1 април 1994 година;
– Решението за бришење на претпријатието од судскиот регистар од 12 декември 1994 година;
– Решението за запирање на стечајната постапка и
– Решението на Советот на Стопанскиот суд во Битола од 5 декември 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Методија Богоевски од Прилеп му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на решенијата означени во точката 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со Законот за трансфромација на претпријатијата со општествен капитал и затоа што на пензионираните работници од ТП “Центропромет” во Битола не им било дозволено при трансформацијата на претпријатието да откупуваат акции.

3. На седницата Судот утврди дека оспорените решенија се поединечни акти донесени од редовните судови за што согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.37/97)