371/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на точките 1 и 2 од Заклучокот на Владата на Република Македонија бр.23-2398/1 од 17 октомври 1995 година за пренесување на паричните средства во депозит од деловните банки во Народната банка на Република Македонија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Гордана Михајловска и Ѓорѓи Ѓорѓиевски од Битола му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, поради тоа што точките 1 и 2 од Заклучокот не биле во согласност со Законот за Народната банка на Република Македонија бидејќи со нив се зафаќале парични средства за кои не постоел законски основ затоа што истите не претставувале средства на Републичкиот буџет, средства на Републичкиот фонд за кредитирање на стопански недоволно развиени краишта ниту пак средства на органите на управата и на управните организации. Фактички со ваквото зафаќање делумно не се спроведувал критериумот утврден во членот 48 од Законот за Народната банка на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според точката 1 од Заклучокот на Владата, паричните средства на министерствата – корисници, сметките на единиците – корисници, сметките на владините агенции (кои не се финансираат од буџетот), сметките на општините и вон буџетските фондови, се пренесуваат од деловните банки во депозит во Народната банка на Република Македонија.

Според точката 2 на овој заклучок префрлувањето на депозитот од деловните банки во Народната банка на Република Македонија ќе се изврши најдоцна до 20 ноември 1995 година, според динамиката утврдена од Министерството за финансии.

4. Судот, исто така утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/96), членот 48 се брише.

5. Со оглед на тоа што во иницијативата беше наведено дека оспорените точки 1 и 2 од заклучокот на Владата делумно не биле во согласност со членот 48 од Законот кој всушност претставуваше појаснување на членот 47, а со измените и дополнувањата на Законот членот 48 е бришан, Судот оцени дека не постои одредба во однос на која треба да се цени оспорениот заклучок, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.371/95).