368/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 јануари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за продажба на станови во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/90, 62/92).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 4 став 1 и 2 и член 4-а од Уредбата за критериумите и начинот на утврдување на цената на становите во општествена сопственост, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92, 72/92, 84/92 и 57/93).

3. На Уставниот суд на Република Македонија Коста Ивановски од Струмица му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение и член 4 став 1 и 2 ичлен 4-а од Уредбата означена во точката 2 од ова решение, затоа што тие не бил во согласност со Уставот, затоа што при утврдување на цената на становите во општествена сопственост е утврдена амортизација од 30% без при тоа да се води сметка која година е изградена зградата односно станот, и за секоја година колку изнесуа стапката на аморизација.

4. На седницата Судот утврди дека во член 3 став 1 од оспорениот закон продажната цена на станот се утврдува во пресметковни бодови врз основа на градежната вредност, трошоците за уредуваање на градежното земјиште, местополобата и амортизацијата на станот, а според став 2 на овој член, продажната цена на станот ја утврдува сопственикот на станот според критериумите што ги определува Владата на Република Македонија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека, како еден од елементите за утврдување на продажната цена на становите е и амортизацијата на станот, при што во Законот не е определено на кој начин и по која висина ќе се зема предвид амортизацијата на становите, туку е препуштено на Владата да ги определи и критериумите за определуваање на висината на амортизацијата.

Прашањето за начинот на пресметување на амортизацијата на нематеријалните и материјалните вложувања на правните субјекти е уредено со Законот за сметководството (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93).

Според член 32 став 3 од овој закон, при проценувањето на нематеријалните и материјалните вложувања во билансот се внесува и износот на неотпишаната вредност на вложувањата. Согласно став 4 на овој член, нематеријалните и материјалните вложувања систематски се отпишуваат во текокт на деловната година на товар на вкупниот приход како амортизација со примена на основицата на годишните амортизациони стапки кои произлегуваат од проценетото траење и користењето на средствата и очекуваните приходи од тоа користење во согласност со избраната сметководствена политика на субјектот. Амортизационите стапки самостојно ги утврдува субјектот, со тоа што за годишната пресметка не можат да се применуваат пониски годишни амортизациони стапки од номенклатурата на средствата (став 6 на член 32), која номенклатура ја утврдува Владата на Република Македонија по претходно прибавено мислење од Стопанска комора на Македонија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека амортизационите стапки ги определува самостојно правниот субјект, при што е ограничен само да не утврдува пониска годишна амортизациона стапка од номенклатурата на средствата утврдена од Владата.

Со оглед на тоа што со оспорениот член 3 од Законот, Владата како субјект која врши продажба на становите е овластена како еден од елементите на продажната цена на становите да ја земе во преадвид и амортизацијата и таа како носител на извршната власт да ги определи критериумите кои влијаат на висината на амортизацијата, Судот смета дека не може да се псотави прашањето за неговата согласност со Уставот.

5. Понатаму Судот утврди дека во член 4 став 1 од Уредбата, е предвидено утврдениот број на бодови на продажната вредност на станот да се намалува за годините на старост (сметано календарски) со примена на следните годишни стапки на амортизација: 1) за приземни и катни згради од бетон, бетон и метал, камен или тула 1,3, од метал 2,5 и од дрво и друг материјал 4; 2) за повеќекатни згради (вклучувајќи солитери, од бетон, бетон и метал, камен или тула – 1,5, од метал (лим) 3,5.

Во оспорениот став 2 на овој член од Уредбата, е пропишано дека бројот на пресметковните бодови за становите од точка 1 алинеја 1 и 2 и точка 2 алинеја 1 може да се намали до 30%, а од точка 1 алинеја 3 и 4 точка 2 алинеја 2 до 50%.

6. Исто така Судот утврди дека во член 4-а од Уредбата за изменување и дополнување на означената уредба е предвидено за несанираните од елементарни непогоди станови во општествена сопственост, врз основа на наод и мислење на стручна комисија што ја образува министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, бројот на пресметковните бодови за становите од член 4 став 1 алинеја 1 и 2 и точка 2 алинеја 1 да може да се намали до 45%, а од став 1 точка 1, алинеја 3 и точка 2 алинеја 2 до 65%.

7. Разгледувајќи ги оспорените одредби од Уредбата наведени во иницијативата Судот утврди со Решение У.бр.226/92 од 27 јануари 1993 година не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на член 4 став 1 и 2 од Уредбата на Владата на Република Македонија за критериумите и начинот на утврдување на продажната цена на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92 и 84/92 и со решение У.бр.73/94 од 29 јануари 1994 година не поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 4-а од Уредбата за криериумите и начинот на утврдување на цената на становите во општествена сопственост, донесено од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92, 72/92, 84/92 и 57/93).

8. Исто така Судот утврди дека со Решение У.бр.154/94 од 16 ноември 1994 година ја отфрли иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 4-а од Уредбата за критериумите и начинот на утврдување на цената на становите во општествена сопственост.

9. Со оглед на тоа што оспорените одредби од Уредбата биле предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија, а по повод на новата иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.367/95 и 368/95)