362/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 8, 10, 18, 22, 24, 25, 35, 37, 39, 41, 49, 62, 66, 72, 123 и одредбите во кои казните се определуваат во германски марки, од Дисциплинскиот правилник, донесен од Собранието на фудбалскиот сојуз на Македонија на 2 април 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од група граѓани од Битола, за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се предвидувале случаеви и казни за нив со кои се повредувало правото на работа и слободен избор на вработувањето на граѓаните-тренери и други вработени во спорските клубови, потоа правото на жалба, слободата на здружување на граѓаните, слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што тие одредби не биле во согласност со Уставот на Република Македонија и со закон.

3. На седницата Судот утврди дека оспорениот правилник не претставува пропис во смисла на член 110 став 1 алинеи 2 и 7 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста на наведениот правилник, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.362/95)