У.бр.36/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план вон населено место за изградба на викенд населба КО Лазарополе општина Маврово и Ростуше, донесена од Владата на Република Македонија, бр. 42-128/1 од 27 јануари 2015 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2015).

2. Здружението на поранешни жители на село Лазарополе – Скопје, претставувано од Андо Стојковски, претседател на Здружението, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука се однесувала на заштитено подрачје во Националниот парк Маврово, каде важеле други прописи и други правила во поглед на „дозволеноста“ за пренамена на земјиштето, а членот 49 став 7 од Законот за земјоделско земјиште на кој се повикувала Владата како основ за донесување на Одлуката, се однесувал на земјоделско земјиште кое не е дел од заштитеното подрачје на Национален парк, што значело дека одлуката била донесена врз основа на законска одредба која не била применлива при изработката на урбанистичкиот план кој опфаќа територија на Национален парк.

Оспорената одлука не била во согласност со одредбите од член 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој упатувал на задолжителна примена на стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, од причина што наместо максималните 30% (според член 1 став 2 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање), Владата со оспорената одлука дала согласност за противзаконска пренамена на земјиштето на целата површина, односно целото земјоделско земјиште станувало градежно земјиште. Со тоа, била сторена повреда на член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, со која уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Понатаму, се наведува дека Одлуката не била во согласност со член 2 и член 3 од Законот за земјоделско земјиште, од каде произлегувало дека Владата противправно дала согласност за трајна, неповратна пренамена во градежно земјиште, иако земјоделското земјиште е добро од општ интерес за државата и ужива посебна заштита.

Постоела и несогласност на Одлуката со одредбата од член 3 од Законот за шумите, поради тоа што планираната викенд населба заради која се врши пренамената на земјиштето, не била објект од јавен интерес и воедно не можело да се градат објекти на места каде постоела категорична забрана за сеча на шуми. Со тоа, Владата го повредила член 56 од Уставот.

Оспорената одлука не била во согласност со член 11, член 12, член 60 став 1, член 61 ставовите 1 и 2, член 62 ставовите 1 и 2, член 65 ставовите 2 и 3, член 66 став 1 точка 2, член 72, член 75 и член 106 од Законот за заштита на природата, бидејќи Лазарополе било заштитено подрачје во Националниот парк Маврово, со статус на природно наследство, на 1350м надморска висина, кое било заштитено заради поседувањето на повеќекратни природни вредности, воспоставено заради заштита на еколошките процеси, како и на видовите и екосистемските карактеристики комплементарни на подрачјето. Поради тоа, Одлуката не била во согласност со член 43 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се цитираат одредби од Законот за животна средина (член 1, член 17, член 25, член 26), за кои се вели дека се повредуваат со оспорената одлука, а со тоа се повредувало и правото на сопственост гарантирано со член 30 од Уставот.

При донесувањето на Одлуката, Владата не се раководела ниту од одредбите на Архуската конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правда за прашања поврзани со животната средина, која е ратификувана од страна на Република Македонија.

Поради наведеното, оспорената одлука била во директна колизија со начелото на владеењето на правото, определено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради што не можела да биде дел од правниот систем во Република Македонија.

Се предага, Уставниот суд, при одлучувањето по иницијативата, да ја има предвид и најновата Одлука на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), пренесена во нашите медиуми на ден 23.02.2015 година, за запирање на проектите за хидроелектраните Луково Поле и Бошков Мост, според која, со оглед на заштитеното живеалиште на балканскиот рис во Националниот парк Маврово, ќе се работи нова еко студија за оцена на влијанието врз животната средина, која треба да покаже дали воопшто наведените електрани треба да се градат.

Се укажува дека според Студијата за валоризација на заштитеното подрачје Маврово, изработена од страна на Oxfam Italia, во рамките на проектот „Заштита на животната средина, економски развој, промоција на одржлив еко-туризам во Националниот парк Маврово“, во соработка со ЈУ НП Маврово, Општина Маврово Ростуше и Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање, ова подрачје било од исклучителна важност и за растителниот и за животинскиот свет.

Со оглед на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.

Истовремено, се предлага Уставниот суд, до донесување конечна одлука по иницијативата, да ја запре од извршување оспорената одлука, бидејќи постоела можност да настапат тешко отстранливи и ненадоместливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија, согласно член 49 став 7 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 135/2007, 18/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 39/2014, 130/2014 и 166/2014), на седницата одржана на 27 јануари 2015 година, има донесено Одлука за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план вон населено место за изградба на викенд населба КО Лазарополе општина Маврово и Ростуше.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се дава согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план вон населено место за изградба на викенд населба КО Лазарополе општина Маврово и Ростуше

Во член 2 од Одлуката е предвидено дека земјоделското земјиште за кое се дава согласност за трајна пренамена, со вкупна површина од 416369м2, ги има следните катастарски индикации: катастарска парцела бр., катастарска општина, викано место, катастарска култура и катастарска класа, кои се прикажани во табеларен преглед.

Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на актот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека во конкретниот случај оспорениот акт нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин и се утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, бидејќи од неговата содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечен, конкретен акт донесен од Владата на Република Македонија, со кој се одлучува за пренамена на конкретно земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план вон населено место за изградба на викенд населба КО Лазарополе, општина Маврово и Ростуше.

Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за пропис од таков карактер, оспорениот акт не е подобен за уставно-судска оцена.

Тргнувајќи од фактот дека предмет на оцена пред Уставниот суд можат да бидат само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и се утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, а актот кој се оспорува со иницијативата нема таков карактер, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.36/2015
3 јуни 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева