36/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на чле 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија ( „Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 ), на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 98 став 5 алинеја 3 од Законот за административни службеници („Службен весник на РМ„ бр.27/2014).

2.Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба била преопшта, непрецизна и нејасна и како таква не ја обезбедувала правната сигурност на граѓаните, како една од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба не содржела санкција која би претставувала основ за престанок на работниот однос на административниот службеник по сила на закон, поради што произлегувало дека осудата за кое било кривично дело во врска со службената должност и на која било кривична санкција што е основ за престанок на работниот однос по сила на закон, не кореспондирало со членовите 101 и 102 од Кривичниот законик.
Со оспорената законска одредба се ограничувало по сила на закон учеството во вршење на јавна функција и правото на работа на административниот службеник да ја врши својата јавна функција, односно својата работа, а не како последица на конкретна казна што ја изрекол судот со правосилна судска одлука. Според наводите во иницијативата, со таквото противуставно ограничување се повредувал уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и истовремено се ограничувало правото на работа и учеството во вршење на јавна функција.
Од наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека постојат основи за сомнение во уставноста на одредбата од член 98 став 5 алинеја 3 од Законот за административни службеници, бидејќи истата не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 9,член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25, член 32 ставови1 и 2, член 51, член 54 став 1 и Амандман XXV ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
Истовремено, подносителот на иницијативата упатува на повеќе одлуки од уставно-судската пракса на Уставниот суд на Република Македонија.
3.Судот на седницата утврди дека според член 98 став 5 алинеја 3 од Законот на административниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност, со денот на правосилноста на пресудата.
4. Според членот 8 став 1 алинеи1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место (став 2).

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Тргнувајќи од фактот дека правните последици од осудата како посебен правен институт се забранети со Уставот, законодавецот општите правила и рамки за нивно пропишување ги утврдил во Кривичниот законик, така што, во посебна глава го уредил прашањето на настапувањето, почетокот и траењето на правните последици. Имено во член 101 став 1 е утврдено дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудата за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор, а според став 2 на овој член правните последици можат да се предвидат само со закон.

Според член 102 од Кривичниот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1), правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарена казна (став 2) и правните последици од осудата престануваат со бришење на осудата (став 3).

Од наведените одредби на Кривичниот законик јасно произлегува дека правните последици од осудата се предвидуваат со закон, дека тие се состојат во забрана на стекнување на определени права и дека еден од основите за нивно престанување е бришењето на осудата од казнената евиденција.

Оттука, иако правните последици од осудата според своето дејство имаат исти ефекти како и казните што ги изрекува судот, особено оние што се состојат во забрана за остварување и вршење определени права, сепак нивната системска поставеност во однос на казните е сосема поинаква.
Според Амандман XXV точка 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите (став 1). Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (став 2).
Законот за административни службеници го уредува статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници(член 1).
Оспорениот член 98 од Законот е поместен во Глава XV со наслов: “Престанок на работниот однос на административните службеници” и со поднаслов: “Видови на престанок на работен однос”.
Во оспорениот член 98 став 5 алинеја 3 од Законот за административни службеници, меѓудругите основи за престанок на работен однос, е предвиден основот кога на административниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон , ако е осуден за кривично дело во врска со службената должност, со денот на правосилноста на пресудата.
Од анализата на оспорената одредба, а имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, произлегува дека законодавецот јасно го утврдил причинско-последичниот однос на забраната на службеникот да продолжи да биде во работен однос со постоењето на правосилна судска пресуда со која е утврдено дека сторил такво кривично дело со кое ја злоупотребил својата положба при вршењето на службената должност на кој начин, според Судот, не се повредува уставното начело на владеење на правото.
Имено, оспорената законска одредба прецизно утврдува дека престанокот на работниот однос на административниот службеник е последица од постоење на правосилна пресуда на судот со која лицето кое е во работен однос како службеник е осудено за кривично дело во врска со службената должност, а не остава простор за претпоставки во смисла дали е сторено кривично дело и од каков карактер е тоа кривично дело. Поради тоа не станува збор за претпоставена вина и повреда на начелото на презумција на невиност и начелото на законитост утврдени со член 13 и член 14 од Уставот на Република Македонија.
Според Судот, право е на законодавецот, имајќи ја предвид спецификата на органот и потребата за обезбедување стручен и квалитетен персонал кој ќе овозможи професионално функционирање во државната администрација да пропише критериуми кои треба да ги исполнуваат службениците за вршење на работите и задачите од нивниот делокруг, вклучувајќи ги и условите и основите за престанок на работниот однос на овие службеници, како што е сторено со членот 98 од Законот.
Предвидувањето на престанок на работниот однос на административен службеник кој со правосилна пресуда е осуден за кривично дело во врска со службената должност, според Судот, не може да се прифати како ограничување на правата и слободите на граѓаните, како што се наведува во иницијативата, туку истото има за цел обезбедување на стручен, одговорен и професионален персонал кому му е доверена исклучително значајна задача, извршување на работни обврски во интерес и за потребите на државата.
Оттука, Судот оцени дека ваквата законска определба е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, односно за оспорената одредба не може основано да се постави прашањето за согласноста со член 8 став 1 алинеи 1,3 и 4, член 51; член 9; член 13 став 1 и член 14 став 1; член 32 ставовите 1 и 2, како и со член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, од причините кои се изнесени во иницијативата.
По однос на одлуките на Уставниот суд на Република Македонија на кои упатува иницијаторот во поднесената иницијатива, Судот оцени дека не се соодветни на конкретно покренатото правно прашање, поради што посочените одлуки не беа од влијание при градењето на правното мислење и уставно судската анализа на оспорениот член 98 став 5 алинеја 3 од Законот за административни службеници.
5.Врз основа на изнесеното ,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер- Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.36/2014
28 мај година
СКОПЈЕ

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева