36/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 12 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на зако-нитоста на Одлуката за усвојување на Предлог на ДУП за урбан блок 48 со површина (6.80 ха) за плански период 2010-2015 година, помеѓу улиците „Црнотравска“, „Косовска“, „Гоце Делчев“, „Караорман“, „Иво Рибар Лола“, „Радован Цониќ“, „Горна Чаршија“ и река Пена, донесена од Советот на општина Тетово под бр.07-204/41 од 31 јануари 2012 година („Службен гласник на општина Тетово“ бр.35/2012 од 13 февруари 2012 година).

2. Живка Синадиновска од Тетово, преку полномошник Сузана Јошевска, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била спротивна на Законот за спречување на судир на интереси, бидејќи градоначалникот на општината Тетово, како директно засегнат за легализирање на свој нелегално изграден имот не можел да учествува во постапката за донесување на Одлуката. Имено, се претпоставувало дека истиот врз основа на законските овластувања можел да влијае врз донесувањето на одлуките и рабо-тата на комисиите, кои тој ги назначувал од каде преставувало судир на интереси тоа што тој не се изземал од постапката за донесување на оспорената одлука и покрај постоењето на личниот интерес.

Во натамошниот тек на иницијативата се наведува дека доносителот на актот не ги почитувал сите фази на изработување и донесување на детален урбанистички план. Имено, во постапката биле поднесени анкетни листови, но Комисијата одлучила да не ги прифати забелешките. Исто така, повеќе од една година по завршување на јавната анкета или на 30 ноември 2011 година донесена е Одлука за усогласување на намената на земјиштето на бесправно изградените објекти, меѓу кои и земјиштето на Урбаниот блок 48, од каде намената на земјиштето била променета по спроведувањето на јавната анкета, а пред однесување на оспорената одлука. Со оглед на тоа што доносителот на актот не спровел повторно јавна презентација и јавна анкета, како што бара членот 24 став 10 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека постапката за донесување на ДУП била повредена.

Повредена била и јавноста во постапката, а во корелација со Законот за пристап до информации од јавен карактер, бидејќи на барањето на подносителот на иницијативата да биде доставен препис од мислењата на комисиите, од страна на општина Тетово, со допис бр.09-2392/28 од 13 декември 2010 година, препис не бил дозволен.

Со оглед на тоа проектантот користел авионска снимка, наместо согласно член 5 и 19 од Законот за просторното и урбанистичко планирање планирањето да го стори на ажурирана геодетска подлога, дошло до погрешни податоци, кои не кореспондирале со фактичката состојба на теренот, што директно влијаело врз планирањето на просторот. Вака изнесените наводи се поткрепуваат со писмени докази, од кои, според подносителот на иницијативата можело да се согледаат направените отстапувања, заради користењето на авионска снимка, наместо ажурирана геодетска подлога.

Понатаму, се наведува дека оспорената одлука била спротивна на членот 2 и членот 11 став 7 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, бидејќи не била усогласена со Деталниот урбанистички план. Во поткрепа на ваквото тврдење, во натамошниот тек на иницијативата се презентираат податоци по однос на габарит и намена на конретни улици (сервисна и слично) со означување на параметрите на улиците според ГУП и според ДУП.

Воедно, при донесувањето на оспорената одлука не биле почитувани стандардите за просторно и урбанистичко планирање и планот бил донесен единствено со цел да се удоволи на желбите на градоначалникот на општината Тетово со надеж дека ќе го легализира својот диво изграден објект. Според подносителот на иницијативата, Судот тербало да има предвид дека градоначалникот се обидел да добие правен статус на својот објект согласно Законот за доделување на правен статус на бесправно изградени објекти, за која цел донел „скандалозно“ решение во кое постапувал по сопственото барање и истото го уважил, но врз основа на сериозна интервенција од страна на подносителот на иницијативата до Минстерството за информатичко општество и админстрација и Државната комисија за спречување на корупцијата, решението било поништено.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Тетово на седницата одржана на 31.01.2012 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 е определено дека се усвојува Предлогот на ДУП за урбан блок 48 со определување на границите и површината на планскиот опфат.

Во членот 2 од Одлуката е определено дека составен дел на Планот е техничката документација бр.40/10 изработена од ДОО „Теплан“-Тетово, со поблиско означување во кои органи се чуваат седумте примероци од техничката документација.

Во членот 3 од Одлуката е определена должност за Советот на Општината во рок од 30 дена од донесувањето на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астролон.

Според членот 4 од Одлуката, Деталниот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од член 2 и 3 од Одлуката.

Во членот 5 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на општина Тетово“.

Одлуката е заведена под бр.204/41 од 31 јануари 2012 година.

Врз основа на доставената и прибавена документација, Судот, исто така, утврди дека:

– Програмата за изработка на урбанистички планови, меѓу кои и за урбаниот блок 48, за 2010 година е донесена од Советот на општина Тетово под бр.07-385/32 од 17 февруари 2010 година, по што е донесено и посебно решение за отпочнување на постапката за изработка на нацрт-Дуп за наведениот урбан модул.

– Планската програма за изработка на ДУП за блокот 48 во општина Тетово ја изработило Друштвото за просторни и урбанистички планови „Теплан“- ДОО од Тетово во месец март 2010 година.
– Геодетскиот елаборат за потребите од урбанистичко планирање е изработен од „Гео База“ ДООЕЛ Скопје под бр.03-910/3-10 од 2 август 2010 година.

– Стручната ревизија е изработена од Друштвото за производство, трговија и услуги „Иванов инженеринг“ од Ботола под СР бр.3/10/10 од октомври 2010 година.

– „Теплан“- ДОО од Тетово во октомври 2010 година дало одговор на наводите од ревизијата.

– Со решение бр.09-2392/3 од 13 октомври 2010 година градоначалникот на општина Тетово формирал трочлена комисија, со овластување за изработка на урбанистички планови, која дала дека Нацрт-Деталниот урбанистички план по вградување на забелешките може да преставува основа за продолжување на законската постапка.

– Со Одлука број 07-3037/35 од 28 октомври 2010 година Советот на општина Тетово го утврдил Нацрт-планот.

– За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 10 работни дека (од 10.11.2010 до 24.11.2010) по Нацрт-планот градоначалникот на општината Тетово донел Одлука број 09-2392/5 од 9 ноември 2010 година и за таа цел е подготвено Соопштение од истиот датум дека ќе се организираат јавна презентација и јавна анкета во наведениот период во големата сала во приземјето на општината Тетово.

– За одржување на јавната презентација по писмен пат биле известени засегнатите јавни претпријатија, а соопштението за јавна презентација и јавна анкета било објавено во дневните весници „Нова Македонија“ и „Коха“ на 10 ноември 2010 година.

– Со решение бр.09-2392/7 од 10 ноември 2010 година градоначалникот на општина Тетово формирал трочлена комисија, со овластување за изготвување на извештај од спроведената јавна презентација и јавна анкета.

– Во Записникот за спроведена јавна презентација бр.09-2392/19 од 27 ноември 2010 година Комисијата констатирала дека Нацрт-Планот бил разгледуван од подносителката на иницијативата, нејзиниот син и полномошник, истите го фотографирале Планот со фотоапарат, но не дале ниту писмена ниту усна забелешка. Планот бил разгледан и од преставник на МВР-Тетово, но и тој немал забелешки.

– Од записникот од спроведената јавна анкета бр.09-2392/20 од 30 ноември 2010 година произлегува дека за време на јавната анкета биле поднесени 9 анкетни листови, од кои 5 од Живка Синадиновска, во оваа постапка подносител на иницијативата. Од вкупно 9 анкетни листови 2 се прифатени, а 7 не се прифатени, меѓу кои и сите забелешки од Живка Синадиновска, во претежен дел со образложение дека забелешките биле спротивни на Правичникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

– Дирекцијата за заштита и спасување-Подрачно одделение Тетово по извршениот увид во планската документација дала согласнот бр.10-253/2 од 30 ноември 2010 година.

– Управата за заштита на култирното наследство донела решение бр. УП 17-148 од 16 март 2011 година за одобрување на Заштитно-конзерваторски основи за културно наследство во границите на Урбаниот блок 48 во Тетово.

– Со допис бр.09-926/1-2 од 22 март 2011 година Комисијата го известила Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот дека по спроведената јавна анкета од 9 анкетни листови, два се прифатени и истите ќе бидат вградени во Предлог-Дуп за УБ 48-Тетово, но поради тоа Планот нема да претрпи значајни промени.

– Министерството за култура во допис бр.17-1606/4 од 1 декември 2011 година дало мислење дека усвојувањето на Планот, од аспект на заштита на културното наследство, може да продолжи.

– Поединечни известувањата до граѓаните со образло-жение за прифатени и неприфатени забелешки од страна на општината Тетово се доставени по писмен пат до заинтересираните субјекти.

– Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлог-Планот со допис бр.09-926/3 од 27 декември 2011 година.

Оспорената одлука бр. 07-204/41 е донесена на 31 јануари 2012 година и е објавена во „Службен гласник на општина Тетово“ бр.35/2012 од 13 февруари 2012 година.

4. Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009 и 124/2010) во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека израбо-тувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Во членот 5 од законот е содржано значењето на изразите што се употребуваат во Законот.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот одржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Според ставот 7 од членот 11 од Законот, деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Согласно член 19 став 1 од Законот, урбанистичките планови и државната и локалната урбанистичка планска документација се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето (став 2).

Според членот 21 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во членот 23 од Законот е уредена поконкретно постапката за донесување на генерален урбанистички план (во оваа постапка се оспорува донесен детален урбанистички план).

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (член 24 став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Од списите по предметот Судот утврди дека во постапката за донесување на конкретната одлука од страна на општината Тетово биле почитувани сите фази за донесување на детален урбанистички план на начин како што предвидел Законот за просторното и урбанистичко планирање. Меѓу другото, била спроведена јавна презентација и јавна анкета на кои активно учество имала и подносителката на иницијативата. Од страна на Комисијата нејзините 5 анкетни листови не биле прифатени со образложение дека забелешките оделе во насока на нанесување на штета на други шест станбено деловни објекти на други сопственици, дека Планот е изработен на ажурирана геодетска подлога, од овластен геодет и е заверен од Агенцијата за катастар на недвижности, како надлежна институција, како и тоа дека приговорите се спротивни на одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Оттаму, Агенцијата за катастар на недвижности, како надлежен орган, а и самиот нарачетел на планот, но не и Уставниот суд во постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, можат да ценат дали овластениот геодет евентуално сторил одредени пропусти и како тие пропусти се одразиле на спроведената постапка.

Со оглед на тоа што во постапката една забелешка била прифатена целосно и се однесува на зголемување на површината за градење на еден индивидуален сопственик, а втората делумно била прифатена и се однесува на примената на стандардите и нормативите за просторно планирање, произлегува дека по спрове-дената јавна презентација, на која немало забелешки и спроведената јавна анкета Планот не претрпел промени од поголем обем, од каде не можат да се прифатат како основани наводите за повреда на членот 24 став 9 од Законот.

Дека Планот не претрпел промени од поголем обем како резултат на прифатените забелешки по спроведената јавна анкета произлеува и од дописот на Комисијата бр.09-926/1-2 од 22 март 2011 година со кој истата го известила Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот дека по спроведената јавна анкета Планот нема да претрпи значајни промени.

Што се однесува до Одлуката бр.07-2933/46 од 30 ноември 2011 година за усогласување на намената на земјиштето за бесправно изградени објекти, донесена од претседателот на Советот на општина Тетово, произлегува дека е точно тврдењето во иницијативата дека истата временски е донесена по спроведената јавна анкета, но пред донесувањето на оспорената одлука. Но Одлуката за усогласување на намената на земјиштето за бесправно изградени објекти не е дел од ниту една фаза за донесување на оспорениот План и не се заснова на одредбите од Законот за просторното и урбанистичко плнаирање. Оваа одлука е донесена во функција на реализација на одредбите од Законот за постапување со бесправно изградените објекти, од каде нејзината содржина и евентуални импликации не можат да бидат употребени како аргумент за промена на Планот во поголем обем, а со тоа и за можна повреда на постапката за донесување на конкретниот план. Тука треба да се има предвид дека согласно член 24 став 9 од Законот обврската за спроведување на нова јавна анкета се однесува само на ситуациите кога плановите трпат промени од значаен обем како резултат на прифатените забелешки од спроведената јавна анкета.

Од друга страна, доколку и има промена на намената на земјишетото, утврдена со Генералниот план за град Тетово, за разлика од намената утврдена со оспорениот план, со што би бил повреден членот 11 став 7 од законот, Судот смета дека вака изнесените наводи се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, што е прашање од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно-техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд, кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина. Како и да е вака изнесениот навод не може да се прифати од причина што Уставниот суд не е надлежен да ја цени согласноста на понискиот со повисокиот урбанистички план, односно прашањето за усогласеноста на деталниот со генералниот урбанистички план е надлежност на оценка на Министерството за транспорт и врски во постапката за давање на согласност на планот.

Со оглед на тоа што, од приложената документација при утврдувањето на фактичката состојба за спроведувањето на постапката за донесувањето на предметниот план Министерството за транспорт и врски дало согласност за донесување на деталниот план, произлегува дека во тие рамки е третирано прашањето на усогласеноста на содржините на деталниот урбанистички план како план од пониско ниво со генералниот урбанистички план. Од аспект на уставно­судската анализа на законитоста на предметниот план за кој се однесува оспорената одлука, релевантно е дека сите фази и дејствија на донесување на Планот се запазени и спроведени согласно со закон.

Оспорената одлука не може да биде предмет на оспорување по однос на нејзината согласност со членот 2 и членот 5 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, бидејќи прво-означената одредба е општа по својот карактер, а вторно означената го дефинира значењето на изразите од Законот, од каде истите не ја уредуваат самата постапка за донесување на детален урбанистички план, како надлежност на Уставниот суд за ваков вид на акти.

Наводите од иницијативата за несогласност на донесе-ната одлука со одредбите од Законот за спречување на судир на интереси и одредбите од Законот за пристап до информации од јавен карактер, не можат да бидат предмет на анализа во постапката за оценување на законитоста на било кој Детален урбанистички план, бидејќи евентуалните злоупотреби на лични позиции или пак неспро-ведување на законски одредби не се прашања од уставно-судска надлежност, туку се прашања од надлежност на други органи и институции.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената Одлука била донесена согласно предвидената постапка, од каде истата е во согласнот со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои ја уредуваат постапката за донесување на детални урбанистички планови

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.36/2012
12 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски