36/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 240 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ број 54/2007, 86/2008, 98/2008 и 64/2009).

2. Емил Османов, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 240 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со одредбите од членот 240 од Законот било повредено начелото на еднаквост предвидено во членот 9 од Уставот. Ова поради тоа што учесниците во сообраќајот биле поделени на возачи и возачи почетници кои немале еднаков правен третман, со оглед на тоа што законодавецот за возачите почетници предвидел и посебни ограничувања и санкции само за нив, а со тоа овозможил тие различно да се третираат и двојно да се санкционираат, што било спротивно на Уставот. Имено, еднаш овие лица би се санкционирале со предвидените казни за сторен прекршок како и сите други учесници во сообраќајот, а втор пат, истите лица би се санкционирале само поради фактот што и покрај исполнувањето на законските услови за стекнување на возачка дозвола им се ограничувале правата во однос на управување со возило поради нивната возраст, односно време на поседување на возачката дозвола.

Во иницијативата се наведува дека немало логика доколку некое лице со навршување на 18 години возраст и полагање на испитот за возачи со што се стекнало со дозвола да управува моторно возило од соодветна категорија „А“, „Б“, „Ц“, „А1“ и „Ц1“, покрај тоа што му било ограничено правото да управува возило меѓу 23,00 и 5,00 часот, туку и не смеело да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 75 киловати. Ова од причина што доколку возачот – почетник сторел било каков друг прекршок во тој временски период или во текот на управувањето со возило со поголема сила на моторот, неговото поведение би било санкционирано со соодветни одредби од Законот кои одговарале за сите други возачи, па немало потреба да се регулираат други ограничувања и санкции како учесници во сообраќајот само поради статусот дека биле „возачи почетници“. Законодавецот можел редот во сообраќајот да го воспоставува со пропишување на построги казни, а не со законските одредби на ограничување на слободата на движење на возачите во ноќно време или со моќноста на моторите на возилата. Воедно, ако законодавецот сакал со оспорените одредби од членот 240 од Законот само да ја зголеми безбедноста во сообраќајот, нелогична била забраната овие лица да управуваат возила со поголема сила на моторот, бидејќи тие возила биле многу побезбедни во сообраќајот. Исто така, требало да се има предвид дека во пракса возачите почетници не биле понеспособни од оние возачи кои биле повозрасни, а на кои им биле рефлексите и брзината на расудување ослабени, па тоа бил уште еден аргумент за нелогичноста на одредбите од членот 240 од Законот. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за согласноста на оспорениот член 240 од Законот со членот 9 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 240 од Законот е предвидено:

„1) Возач-почетник кој поседува возачка дозвола од категориите „А“, „Б“ и „Ц“, односно од поткатегориите „А1“ и „Ц1“, не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 километри на час на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 километри на час на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 километри на час на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 километри на час, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола.

2) Возачот од ставот 1 на овој член не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен ако со него во возилото се наоѓа лице-возач постаро од 25 години на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило.

3) Возачот од ставот 1 на овој член кој поседува возачка дозвола од „А“ категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 25 киловати.

4) Возачот од ставот 1 на овој член кој поседува возачка дозвола од „Б“ категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 75 киловати.

5) Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите 1 до 4 на овој член.„

4. Според членот 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Законот за безбедност на сообраќајот на патишата, во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон меѓу другото е безбедноста и заштитата на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, условите за стекнување право на управување со возила, полагање на возачки испит и проверка на способноста на возачите и други прашања од предметната материја.

Во членот 2 од овој закон е дефинирано значењето на одделни изрази употребени во овој закон и во точката 55 е определено дека „возач почетник“ е секој возач на моторно возило до 21 година возраст, како и возач на моторно возило во период од две години по добивањето на возачката дозвола, независно дали дозволата ја добил во Република Македонија или во странство. Возач почетник е и возач на моторно возило во период од две години по добивањето на возачката дозола од одредена категорија, независно дали поседува возачка дозвола за друга категорија.

Покрај утврдувањето на статусот „возач почетник“, со одредбите од оспорениот член 240 од Законот се предвидени и конкретни услови за управување со моторно возило од страна на возач почетник.

Имајќи ги предвид изнесениве законски одредби, Судот оцени дека законодавецот на лицата со статус на „возач почетник“, покрај прописите што важат за возачите, предвидел и посебни услови за учество во сообраќајот на начин како е тоа определено со одредбите од оспорениот член од Законот. Тие услови еднакво се однесуваат за сите лица кои имаат статус на возач почетник и треба да го усогласат своето однесување како учесници во сообраќајот соодветно на законските правила кои се уредени за возачите почетници. Од анализата на законското решение во оспорениот член 240 од Законот Судот оцени дека законодавецот со оглед на тоа што има право да ги уредува правата и обврските во предметната материја за учесниците во сообраќајот на патиштата и да процени на кој начин и под кои услови ќе овозможи остварување на безбедност во сообраќајот не постојат уставни пречки и посебно да го уредува учеството во сообраќајот на лицата кои ги определил со статус кој е дефиниран во членот 2 точката 55 од Законот, како „возачи почетници“. Од овие причини Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата дека со оспорениот член 240 од Законот се повредувал членот 9 од Уставот, имајќи предвид дека оспорената одредба се однесува еднакво за сите во исти услови, односно под тој режим се опфатени лицата со статус на „возачи почетници“, а законодавецот има прво да ги уредува законските решенија соодветно на проценката за целисходноста и потребата од законските услови за остварување на поголема безбедност во сообраќајот на патиштата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.36/2010
23 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски