36/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 31 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 став 2 од Законот за движење и престој на странците (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92, 66/92 и 26/93) во делот “другите прописи и одлуките на државните органи”.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 2 став 2 во делот “другите прописи и одлуките на државните органи” од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тој не бил во согласност со член 29 став 1 и член 51 став2 од Уставот на Република Македонија. Имено со оспорената законска одредба не може од странците да се бара повеќе од она што е утврдено со Уставот и законот односно не може да се бара странците да се придржуваат кон другите прописи и одлуки на државните органи. Со тие прописи не можат да се востановуваат права и обврски за странците имајќи ја предвид и одредбата на член 164 од Законот за органите на управата.

3. Судот на седницата утврди дека во член 2 став 2 од Законот за движење и престој на странци (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92) е предвидено дека, за време на престојот во Република Македонија странците се должни да се придржуваат кон Уставот на Република Македонија, законите, другите прописи и одлуките на државните органи, како и во согласност со обврските утврдени со меѓународни договори.

4. Според член 29 став 1 од Уставот на Република Македонија странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Според член 51 став 2 од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од изнесеното произлегува дека на спрема слободите и правата кои ги уживаат странците согласно член 29 став 1 од Уставот се нивните должности. Согласно член 51 став 2 според кој секој, па и странецот е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во таа смисла заради создавање услови за остварување на слободите и правата на странците утврдени во Уставот, со закон е нормирано и прашањето, и за должноста на странците да се придржува кон Уставот, законите и другите прописи и одлуки на државните органи односно да го почитуваат правниот поредок.

Уредувањето на прашањето на должностите на странците да ги почитуваат покрај Уставот, законите и прописите на државните органи не значи дека со прописите на државните органи се востановуваат и други должности за странците надвор од законската рамка.

Државните органи во границите на уставните и законските овластувања можат да донесуваат прописи за извршување на законите, кои имаат јавно правен карактер поблиску се определува само начинот на спроведување на законот, при што тие прописи се задолжителни за сите па и за странците.

Со оглед на тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 2 став 2 од означениот дел на Законот за движење и престој на странците со Уставот.

Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 36/99
31 март 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков