36/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јуни 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 19 став 1 од Законот за управните спорови (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77 и 36/77).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Жарко Будимовски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 19 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што бил во несогласност со член 15 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 19 став 1 од Законот за управните спорови, против одлуката донесена во управен спор жалба може да се изјави само ако е тоа предвидено со закон во определени предмети.
4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.
Граѓанските и политички слободи и права, Уставот ги уредува со член 15 според кој се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институтитуции што вршат јавни овластувања
Со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
СДпоред член 202 од Уставот, Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.
Според член 1 од Законот за управните спорови, заради обезбедување на судска заштита на правата на граѓаните и на правните лица, како и заради обезбедување на законитоста, судовите во управните спорови одлучуваат за законитоста на актите со кои органите на државната управа, организациите или други институции, во вршењето на јавните овластувања, решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи. Согласно членовите 7 и 8 од овој закон управен спор може да се покрене против управен акт донесен во втор степен, како и против првостепен управен акт против кој нема место за жалба во управна постапка. Управен спор може да се покрене и кога надлежниот орган по барањето односно по жалбата на странката не донел соодветен управен акт, под условите предвидени со овој закон.
5. Врз основа на изнесеното, произлегува дека Уставот на Република Македонија за секој поединечен случај задолжително го гарантира правото на жалба против поединечните правни акти независно дали се донесени во постапка во прв степен пред суд или пред управен орган. Истовремено, Уставот гарантира и посебна судска заштита односно обезбедува контрола на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Со оглед дека првостепено одлучување по конкретен управен предмет е веќе обезбедено и остварено во управната постапка, Судот смета дека решавањето во управен спор не претставува почеток на нова (судска) постапка во која се решава во прв степен. Имено, одлуката на Врховниот суд ги нема карактеристиките на првостепен акт во смисла на член 15 од Уставот. Оттука, според мислењето на Судот, Врховниот суд на Република Македонија кога одлучува во управен спор заради обезбедување на законитоста на поединечните управни акти одлучува за еден посебен управно-судски спор за кој веќе е одлучувано во управна постапка, а сега во овој спор се обезбедува посебна контрола на законитоста на конечните акти на органите на државната управа со кои се решава за правата и обврските во поединечните управни работи.
Со оглед на тоа што законодавецот се определил Врховниот суд да одлучува во управен спор, овој орган во тоа својство обезбедува судска заштита односно контрола на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, а како највисок суд во Републиката истовремено го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец..