357/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување уставноста на Изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 1995 година – позиција 4023 од Билансот на трошоците (“Службен весник на Република Македонија” бр.54/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му се поднесени иницијативи од Сојузот на синдикатите на Македонија – Совет на ССМ, Синдикатот на работниците од управата, правосудството и општествени организации и здруженија на граѓани на Република Македонија – Претседателство и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите “позицијата 4023 -надомест за годишен одмор” од Изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 1995 година без предвидени трошоци за надомест за годишен одмор не е во согласност со Уставот на Република Македонија затоа што со необезбедувањето средства со Буџетот на вработените кој корисниците на буџетските средства како работодавци се ускратува утврденото економско, односно социјално право за чие остварување материјални средства обезбедува државата.

Правото на надомест за годишен одмор било утврдено со Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94), а со Буџетот на Република Македонија за 1995 година биле обезбедени и средства за остварување на ова право.

Според Законот за работните односи и Општиот колективен договор работниците вработени кај корисниците на средства од Буџетот на Република Македонија како работодавци го стекнале правото за кортистење на годишен одмор, па според тоа и се стекнале со правото за надомест за користење на годишен одмор, а со непредвидувањето средства за оваа намена бил повреден и член 52 став 4 од Уставот затоа што измената предизвикувала повратно дејство, односно губење на веќе стекнато, а неискористено право по основ на работен однос.

Понатаму, во иницијативите се наведува дека правото на работниците вработени кај корисниците на буџетските средства произлегувало од членот 72 од Законот за работните односи и членот 56 од Општиот колективен договор и договорните страни ССМ и Владата на Република Македонија го утврдиле ова право кое, ниту со закон, ниту со Општиот колективен договор не е укинато. Исто така, со Колективниот договор за државните правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија, кој само десет дена пред донесување на Измените и дополнувањата на Буџетот за 1995 година бил склучен, а со кој подетално биле уредени правата и обврските на работниците од овие дејности било утврдено и правото на регрес за годишен одмор во висина од една просечна месечна плата по работник исплатена во стопанството на Републиката во претходните три месеци што укажувало дека ова право не е само можност туку конкретно право на работниците и Владата била должна да го почитува ова право. Со ваквото еднострано непочитување на одредбите на Колективниот договор вработените во управата, правосудството, општествените организации и здруженија на граѓани и останатите корисници на буџетските средства се доведувале во нерамноправна положба во однос на останатите граѓани и работници на Република Македонија што не било во согласност со член 9 став 2 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека според член 1 од Изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 1995 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.54/95), во Буџетот на Република Македонија за 1995 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/94), се вршат соодветни измени во Буџетот, поконкретно со членот 2 се вршат измени во билансот на приходите и билансот на трошоците, а со членот 3, во член 3 од Буџетот износот од “51.200.000.000” се заменува со износот “43.833.568.461” и соодветно на тоа се вршат измени во посебниот дел, по корисници, категории, поткатегории, ставки, подставки.

Под позицијата 4023 – “надомест за годишен одмор” не се предвидуваат средства, односно се бришат средствата за годишен одмор предвидени со Буџетот за 1995 година за сите корисници на средства од Буџетот.

4. Според член 32 став 3 од Уставот секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според ставот 4 од овој член, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права работниците не можат да се откажат.

Според ставот 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од наведените одредби произлегува дека на вработените им се гарантира соодветна заработувачка, што подразбира плата за работа, право на платен дневен, неделен и годишен одмор, меѓутоа остварувањето на овие права, видовите и обемот на правата се уредуваат со закон и колективен договор.

Остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос се уредени со Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92).

Според членот 84 од Законот за работните односи со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања одд интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. Според ставот 2 на овој член, колективниот договор се применува непосредно и е задолжителен за организацијата за работниците и на работодавците кои го склучиле и за сите работници и работодавци во чие име и договорот е склучен.

Со Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94) и со гранските Колективни договори, покрај правото на работниците на плата и надомест на плата, што е гарантирано со Уставот и Законот за работните односи, е утврдено и право на работниците на други примања меѓу кои и дека работникот има право на посебен надомест за годишен одмор во висина на една просечна месечна плата по работник, исплатена во стопанството на Републиката во претходните три месеци.

Исто така, се уредени начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. Така, со членот 84 од означениот општ колективен договор е предвидено дека за решавање на споровите меѓу потписниците на овој договор што не можат да се решат со меѓусебно договарање се формира комисија за усогласување, а според членот 85, постапката за усогласување започнува на барање на еден од учесниците на колективниот договор и треба да заврши во рок од 60 дена.

Според член 87 од овој договор ако постапката за усогласување е неуспешна, спорот се решава пред арбитражен совет, кој спорот треба да го реши во рок од 60 дена, а според ставот 4 од овој член одлуките на арбитражниот совет се обврзувачки и имаат сила на извршен наслов.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на колективните договори со Уставот и со законите.

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија не одлучува за согласноста на законите со колективните договори.

Според мислењето на Судот не е спорно дека остарувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор. Исто така, не е спорно дека правото за исплата на надомест за годишен одмор е право утврденио со колективните договори. Меѓутоа според мислењето на Судот непредвидувањето средства за исплата на надомест за годишен одмор во позицијата 4023 од Билансот на Изменувањето и дополнувањето на Буџетот за 1995 година по својата суштина претставува неисполнување на утврдена обврска со колективните договори од страна на еден од партнерите во договарањето, во случајов на Владата на Република Македонија, односно претставува спор помеѓу партнерите во договарањето во врска со спроведувањето на договорите за што Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот, исто така, не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.348/95, У.бр.349/95, У.бр.357/95)