35/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 и 9 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на член 45 став 1 и член 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Макекдонија“ бр.10/2004).

2. Стојна Јандониева од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 45 став 1 од Законот не бил во согласност со член 52 став 4 од Уставот, во однос на повратното дејство на законите и другите прописи. Со овој член од Законот, исто така, бил направен пресек да оние здравствени работници кои го положиле стручниот испит до денот на влегувањето во сила на овој закон (15 март 2004 година) се сметало дека имаат лиценца за работа и рокот за важност на лиценцата започнувал да тече од тој ден. Оттука, според иницијативата, се поставувало прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи на тој начин се создавала правна несигурност спротивно на уставниот принцип на владеење на правото.

Со оспорениот член 45 од Законот, исто така се повредувал и членот 9 став 2 од Уставот, бидејќи докторите се доведувале во нееднаква положба.

Оспорениот член 46 од Законот временски го ограничувал правото на работа, праванта сигурност на владеењето на правото, поради што тој не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 1 и 3, 9 став 2 и 32 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 45 од оспорениот Закон здравствените работници со високо образование кои на денот на влегувањето во сила на овој закон имаат положено стручен испит се смета дека имаат лиценца за работа и рокот на важноста на лиценците за работа започнува да тече од тој ден.

Здравствените работници од ставот 1 на овој член должни се да поднесат барање за обновување на лиценцата за работа шест месеци пред истекот на рокот на важноста на лиценцата до соодветната комора.

Во член 46 од истиот Закон, се предвидува дека во рок од седум години од денот на влегувањето во сила на овој закон примарна здравствена заштита можат да укажуват самостојно и здравствените работници со високо образование кои се стекнале со основна лиценца со одредбите од овој закон.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијатвата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.73/2005 од 5 октомври 2005 година, не повел постапка меѓу другите оспорени членови и на сега оспорениот член 45 (во целина), на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“бр.10/2004) и утврдил дека оваа одредба од Законот нема повратно дејство поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со членот 52 став 4 од Уставот. Судот, исто така со ова решение оценил дека ова преодна одредба сите здравствени работници, ги става во еднаква правна положба пред законот, затоа што лиценците за работа ќе ги стекнуваат под еднакви услови и за ист временски рок на важење согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита кој е во правниот поредок.

Судот, исто така, со Решение У.бр.71/2005 од 28 декември 2005 година, ја ценел уставноста, меѓу другото, и на членот 46 од истиот Закон и утврдил дека оваа одредба има карактер на преодна одредба која исто на овој вид работници (здравствени работници со високо образование) всушност во предвидениот рок им дава можност да завршат специјализација и да положат испит за добивање на лиценца за работа.

Од причина што Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на двете сега оспорени законски одредби, а во конкретниов случај по поднесената иницијатива нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите согласно цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.35/2007
8 и 9 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи