35/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 и 17 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на измени и дополнувања на дел од Деталниот урбанистички план за втора станбена заедница во Тетово, бр.07-838/6 од 7 август 2002 година (“Службен гласник на општина Тетово” бр.5/2002), донесена од Советот на општина Тетово.

2. Минир Реџа, Вјолца Реџа, Бафти Реџа, Сулејман Реџа, Ракип Реџа, Сабрије Реџа, Агрон Реџа, Абдурахман Реџа, Абдурахим Реџа и Шурафет Реџа, сите од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, постапката за донесување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за втората станбена заедница во Тетово, била водена незаконито и спротивно на Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002). Ова поради тоа што во постапката не биле земени во предвид забелешките на подносителите на иницијативата кои ги поднеле на јавната анкета по нацрт планот, а кои се однесувале на неправилно испланираниот простор на дел од нивното дворно место кое во површина од 70 м2 било предвидено за соседната градежна парцела изградена со бесправен објект, со цел негова легализација и остварување на имотните интереси на други лица. Поради тоа, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената Одлука и да донесе привремена мерка со која ќе се забрани примената на урбанистичкиот план.

3. Судот на седницата утврди дека со Решение на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.159/2002 од 2 април 2003 година постапувајќи по поднесена иницијатива на Минир Реџа и Бафти Реџа од Тетово, кои и сега се едни од подносителите на иницијативата, било одлучено да не се поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на измени и дополнувања на дел од Деталниот урбанистички план за втора станбена заедница во Тетово, бр.07-838/6 од 7 август 2002 година (“Службен гласник на општина Тетово” бр.5/2002). При одлучувањето по овој предмет Судот ја оценувал законитоста на оспорената Одлука од аспект на постапката за нејзино донесување согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и утврдил дека истата била спроведена согласно со закон, а во однос на оспорувањето на нејзината согласност со Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови, утврдил дека не е надлежен да одлучува за нивната меѓусебна согласност.

4. Врз основа на наводите изнесени во иницијативата, Судот утврди дека оспорената Одлука донесена од Советот на општина Тетово, веќе била предмет на уставно судска оцена и со Решение на Судот У.бр.159/2002 од 2 април 2002 година не била поведена постапка за оценување на нејзината законитост, а во случајов се оспорува од истите причини за кои Судот го донесол наведеното решение.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата во случај ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорената одлука била предмет на одлучување пред овој Суд, согласно наведената деловничка одредба се одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.35/2005
16 и 17 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова