35/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 април 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за престанување на потребата од работа на работници во АД “Електростопанство на Македонија”, Скопје бр.02-4512/1 од 20 јуни 2003 година.

2. Трајчо Божинов од Кратово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 9 и член 32 од Уставот, како и со членовите 84 до 97 и 123, 124, 134 и 135 од Законот за работните односи, затоа што уште пред да се донесе оваа одлука било прејудицирано на кои работници треба да им престане работниот однос со отказ поради економски, структурални и слични промени, а тоа биле вработените во периодот од 5 ноември 2001 до 5 ноември 2002 година. Со оглед на тоа што ниту во Уставот ни во Законот за работните односи не бил предвиден ваков критериум за отпуштање на работници од работа, со оспорената одлука спротивно на членот 9 и 32 од Уставот, на вработените во наведениот период им биле повредени правата од работен однос.

Оваа одлука во иницијативата се оспорува и поради тоа што била донесена врз основа на Колективен договор на АД “Електростопанство на Македонија” Скопје кој што бил неважечки бидејќи не бил потпишан од овластени претставници, ниту бил објавен во Службен гласник на акционерското друштво. Оспорената одлука не била во согласност со наведените уставни и законски одредби и затоа што не содржела правна поука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на членовите 118, 125, 126, 127 и 130 став 1 од Законот за работните односи, членовите 187 став 2 и 195 до 212 од Колективниот договор на АД “Електростопанство на Македонија”, а во врска со Одлуката за воведување на економски, структурални и слични промени УО.бр.02-3587/5/3 од 20 мај 2003 година и Програмата за утврдување на потребата од воведување на овие промени со предлог за решавање на правата на работниците за чија работа престанала потребата за работа. Оваа одлука е донесена и согласно листите за извршено бодирање со примена на критериумите од Колективниот договор за престанок на работниот однос со отказ и мислењето на Самостојниот синдикат на АД “Електростопанство на Македонија” – Скопје.

Во членот 1 од Одлуката поединечно (по име и презиме) се утврдени работниците за чија работа престанала потребата поради воведувањето на економски, структурални и слични промени.

Во членот 2 на оваа одлука се утврдува дека отказниот рок трае три месеци и ќе тече од денот на доставувањето на писменото известување за престанок на работниот однос на работникот. Според членот 3 од Одлуката, на работниците од членот 1 им се обезбедува право на еднократен надомест во плати остварени во претходниот месец од денот на престанокот на работниот однос на работникот.

Според членот 4 од Одлуката, генералниот директор, односно работникот кого тој ќе го овласти ќе донесе поединечни решенија за престанок на работниот однос на работниците во кое ќе се утврди денот на престанокот на работниот однос и бројот на испратнините на секој работник поединечно.

Во членот 6 се утврдува дека Одлуката ќе се објави на огласна табла во дирекцијата и подружниците на АД “Електростопанство на Македонија”, Скопје, а во членот 7 се утврдува дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето.

4. Според членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото е надлежен да одлучува и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето во неа.

Имајќи го во предвид основот за донесување на оспорената одлука, како и нејзината содржина, Судот утврди дека таа не е пропис, туку само еден од актите (покрај Одлуката за воведување на економски, структурални и слични промени и Програмата за утврдување на потребата за воведување на овие промени, со предлог за решавање на правата на работниците), кои АД “Електростопанство на Македонија” ги донел во постапката спроведена за престанување на работниот однос на работниците поради економски, технолошки, структурални и слични промени утврдена во членовите од 125 до 130 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994-исправка, 14/1995, 53/1997, 59/1997 – исправка, 21/1998, 25/2000, 34/2000-исправка, 50/2001, 25/2003 и 40/2003). Конкретно, со оваа одлука АД “Електростопанство на Македонија” во смисла на членот 127 од Законот за работните односи благовремено ги известува работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, структурални и слични промени, а истовремено и за мерките кои понатаму следат (донесување на поединечни решенија за престанок на работниот однос на секој работник поединечно и исплата на еднократен надомест во вид на испратнина што работодавецот го обезбедил како едно од правата утврдени во член 130 од Законот).

Со оглед на тоа дека оспорената одлука не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за нејзината согласност со Уставот и со Законот за работните односи, во однос на кои се оспорува нејзината уставност и законитост и дека поради тоа се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

Прашањето, пак, дали на работникот работниот однос со отказ му престанал под услови и постапка утврдени со Законот за работните односи спаѓа во надлежност на друг суд, до кој незадоволните работници од конечното решение во конкретниот случај можат да бараат заштита на своите права од работен однос.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.35/2004
21 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова