У.бр.35/1999

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/96, 3/98).

2. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Правилникот за надоместоците за јавно изведување и соопштување на музички дела во јавноста и Тарифата за надоместоците за јавно изведување и соопштување на музички дела во јавноста – составен дел на Правилникот (“Службен весник на РМ” бр.61/92, 3/93, 35/93, 60/93 и 17/94), донесен од Сојузот на композиторите на Македонија.

3. Георги Хаџиев од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот и правилникот означени во точката 1 и 2 на ова решение. . При тоа, како причина, или повод за поднесување на оваа иницијатива се наведуваат пресудите на Основниот суд во Охрид и Апелациониот суд во Битола со кои било уважено тужбеното барање на Здружението на композиторите на Македонија против подносителот на иницијативата за неплатен тригодишен долг на име авторски надоместок на тужителот, а по основ на изведување (користење) механичка музика преку касетофон, појачало и звучници во угостителскиот објект, чиј сопственик бил тој. Имено, според подносителот судот во конкретниот случај неправилно го применил членот 152 и другите членови од Законот за авторско право и сродните права, како и оспорениот правилник, бидејќи според него во овие случаи не станувало збор за јавно изведување, односно објавување на авторски дела, ниту пак за постоење на автор на тие дела и користење на авторски права. При тоа, иницијаторот дава свои видувања и размислувања за тоа во кои случаи и ситуации важат и треба да се применуваат соодветните одредби од оспорениот Закон и правилник, а во кои не, а истовремено го поставува и прашањето – дали судовите можат или не да судат и одлучуваат според правилници и тарифници на здруженија.

Понатаму, подносителот наведува дека судовите, а и Здружението на композиторите, оспорените акти ги применувале и во случаите како што е неговиот и поради нивната недоволна прецизност, а тужбата поднесена против него и пресудите донесени по повод таа тужба се пример за селективно (субјективно) остварување на заштита на авторските права и тоа само на одделна категорија автори и на тој начин на авторите на музичките дела им се дава повластен третман на штета на авторите на другите дела (ликовните уметници, поети) што, исто така, имале право на заштита на нивните авторски права. Со таквото селективно остварување на овие права од страна на Здружението на композиторите на Македонија се повредувал не само законот, но и уставното начело на заштита на творештвото (член 47 од Уставот) како и начелото на еднаквост од член 9 од Уставот, со оглед дека со ваквиот пристап на остварување на авторските права граѓаните се ставиле во нееднаква положба односно истите не се третирале подеднакво.

И на крајот, подносителот наведува дека цел на иницијативата е прецизирање на употребата на членот 152 од Законот за авторското право и сродните права, како и поништување на Правилникот, кој што освен од горенаведените причини, се оспорува и од аспект на неговото важење. Имено, според подносителот овој правилник, со оглед дека не бил цитиран во преодните одредби на Законот за авторското право и сродните права, со влегувањето во сила на тој закон престанал да важи. Исто така, оспорениот правилник не можел да биде во сила и поради тоа што не биле исполнети условите од членовите 146 и 147 од Законот, односно по добиената согласност од Министерството за култура не бил објавен во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за авторското право и сродните права се уредува правото на авторите над нивните дела од областа на книжевноста, науката и уметноста (авторското право) и правата на изведувачите, на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации и на издавачите (сродните права) над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Од начинот на уредувањето на наведените прашања произлегува дека одредбите на Законот за авторското право и сродните права претставуваат реална основа за остварување на со Устав гарантираната слобода на научно, уметничко и други видови на творештво, како и на уставната гаранција на правата што произлегуваат од научно, уметничко или друг вид на интелектуално творештво.

Во таа смисла од особено значење е законската дефиниција за авторските дела со која се опфатени сите видови творештва независно од видот, начинот и формата на изразување, како и дефиницијата за автор во смисла на овој закон според која за автор се смета секое физичко лице кое создава авторско дело. На овој начин, Законот, не занимавајки се со условите што евентуално би требало да ги исполни физичкото лице, и неограничувајки ги областите на творештвото, не ја ограничува слободата на научно, уметничко и други видови на творештво, но единствено таа е условена од интелектуалната способност на секого да ствара авторски дела од областа на книжевноста, науката, музиката, филмот, ликовната и другите видови уметности, како и од другите области на творештвото.

Од друга страна, со одредбите од Законот со кои се утврдуваат видовите на права што на авторот му припаѓаат врз основа на самото создавање на авторското дело, а тоа се моралните, материјалните, вклучувајки го и правото на авторски надомест и се определува содржина на овие права, всушност се врши операционализација на уставната гаранција од членот 47 став 2 од Уставот. Во функција на остварувањето на оваа уставна гаранција се и останатите одредби од Законот со кои се уредува постапката и начинот на остварувањето и заштитата на авторското право, односно на правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво, утврдени со овој закон, а кои кореспондираат со правата и начинот на нивното остварување и заштитата, утврдени во меѓународните конвенции и другите меѓународни документи од оваа област. При тоа сите наведени прашања, во Законот во основа се уредени подеднакво за сите автори и авторски дела независно од кој домен на творештво се, со тоа што извесни разлики постојат само во однос на начинот односно обликот на нивното остварување. Имено, Законот познава индивидуално остварување (кога авторското право се остварува одделно за секое авторско дело) и колективно остварување (кога заедно се остваруваат повеќе авторски дела од повеке автори) кое го врши здружение на автори, односно на носители на сродни права основано за таа цел. Меѓутоа, разликите во тој поглед произлегуваат од различните можни начини на користење на одделни авторски дела односно различните начини и средства преку кои се врши нивно објавување и соопштување во јавноста, така што во рамките на овој начин на остварување на одделни авторски права, авторите на ист вид авторски дела се еднакви при остварувањето на своите права, односно Законот во тој дел не прави разлика меѓу нив по ниеден основ од член 9 став 1 на Уставот.

Во наведената смисла треба да се посматра и колективното остварување на правото на јавно објавување и изведување на музичките несценски дела, кое право согласно Законот, покрај другите видови користење на авторски дела од член 139, задолжително колективно се остварува, односно овој вид остварување на наведеното право го вршат соодветни здруженија по сила на законот и независно дали е склучен договор со авторот, односно со носителот на сродното право.

5. Според член 110 од Уставот Уставниот суд на Република Македонија ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи.

Според член 28 алинеја 1 Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Имајќи ги предвид особено причините и мотивот поради кои се оспоруваат Законот за авторското право Судот утврди дека тој не се оспорува од аспект на неговата содржина, но од аспект на неговата примена, и тоа особено на членот 152 со оглед дека според подносителот на иницијативата овој член од Законот не можел да се примени во неговиот случај бидејќи, според него, емитувањето на музика преку радиокасетофон, компјутер и сл. во угостителски објект не претставувало јавно изведување или соопштување музички дела во јавноста.

Оттука произлегува дека подносителот всушност бара, поради недоволната прецизност на законските одредби, Судот да ја преиспита нивната примена, за какво што барање Уставниот суд не е надлежен, имајќи ги предвид цитираните уставни и деловнички одредби.

6. Во однос на оспорениот Правилник, кој што освен од аспект на неговата примена, подносителот го оспорува и од аспект на неговото важење, Судот утврди дека овој Правилник чиј што составен дел е и Тарифата за надоместоците за јавно изведувње и соопштување на музички дела е донесен врз основа на член 91-а од Законот за авторското право, кој што престана да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за авторското право и сродните права.

Судот, исто така, утврди дека овој Правилник бил предмет на уставно-судска заштита пред овој Суд во текот на 1995 и 1996 година и при тоа Уставниот суд со Одлука У.бр.65/95, 66/95, 155/95, 207/95 и 246/95 од 19 јули 1995 година го укинал член 14 став 2, а со Одлука У.бр.287/95 од 17 јануари 1996 година ги укинал членовите 8 став 2, 9, 10 и став 1 на член 14 во делот кој гласи: “во спротивно, солидарно одговара за плаќање на авторскиот надоместок и за доставување на програмата”.

Понатаму, Судот утврди дека Министерството за култура дало согласност на овој правилник под бр.08/1-574/45 од 26.11.1996 година, освен на член 8 став 1 (на определен дел од одредбата) и на 2, 9, 10 и 14 став 2.

7. Според член 52 став 1 и 2 од Уставот, законите и другите прописи пред да влезат во сила се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Во член 146 став 3 од Законот за авторското право и сродните права, е утврдено дека здружението ги доставува тарифите (кои се однесуваат за користење на авторски дела) до Министерството за култура на согласност. Тарифите за кои е дадена согласност се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија, а додека според член 147 став 4 од истиот закон здружението го доставува правилникот за распределба на авторските надоместоци до Министерството за култура за согласност. Правилникот за кој е дадена согласност, се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

Според член 180 од Законот, кој е лоциран во главата девета “Преодни и завршни одредби”, Здружението што пред донесувањето на овој закон колективно ги остварувало авторските права од членовите 91 и 93 од Законот за авторското право; Тарифите, односно правилниците донесени пред влегувањето во сила на овој закон врз основа на членот 91-а од Законот за авторското право ги доставува до Министерството за култура во рок од 30 дена по влегувањето во сила на овој закон, заради согласност.

Имајќи ги предвид одредбите од членот 180 од Законот, како и фактот дека оспорениот правилник е донесен врз основа на членот 91-а од Законот за авторското право јасно произлегува дека важењето на овој Правилник е продолжено и по влегувањето во сила на Законот за авторското право и сродните права, до добивањето на согласност од Министерство за култура, така што наводите во иницијативата со кои се оспорува неговото важење од овој аспект се неосновани.

Меѓутоа, со оглед дека овој правилник заедно со тарифата не се објавени во “Службен весник на Република Македонија” по добивањето на согласноста од Министерството за култура, пред Уставниот суд основано се постави прашањето за неговата согласност со член 52 од Уставот.

При тоа, Судот тргнува од тоа дека постапката за донесување на овие акти од страна на Здружението, со Законот за авторското право и сродните права е поинаква од таа што беше според Законот за авторско право. Имено, со последниот закон согласноста од управен орган надлежен за работите од областа на културата не беше утврдена како дел од постапката за донесување на тие акти, каква што е таа утврдена во членовите 146 и 147 од сега важечкиот закон. Според тоа, актите донесени врз основа на Законот за авторското право по добивањето на согласноста од Министерството за култура според мислењето на Судот се третираат како нови акти кои се усогласени, односно донесени согласно Законот за авторското право и сродните права, и како такви подлежат на уставната обврска за објавување во “Службен весник на Република Македонија, независно што во член 180 од Законот не е предвидено нивно објавување. Впрочем, според мислењето на Судот и намерата на законодавецот била постојните акти да ги задржи во сила, под услов истите да се подведат под режимот од членовите 146 и 147 од Законот за авторското право и сродните права.

Судот, исто така, го имаше предвид и фактот што во конкретниот случај Министерството за култура нема дадено согласност на целата содржина на овој правилник, така што има несовпаѓање меѓу текстот на овој акт што е објавен во “Службен весник на Република Македонија и текстот, односно содржината на која е дадена согласност. Ваквата фактичка состојба со оглед на значењето на објавувањето на актите пред нивното влегување во сила, е исто така, неприфатлива.

8. Врз основа на наведеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.35/99
9 јуни 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков