350/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 декември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на членовите 5, 6, 7 и 8 од Правилникот за распоредување и распределба на платите и другите надоместоци на работниците во Основното училиште “Гоце Делчев” во Кавадарци, донесен со референдум на 15 април 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Благој Ангелов од Кавадарци му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 5, 6, 7 и 8 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што платите на некои работници во училиштето се утврдуваат според работното место а на некои според образованието, иако сите според педагошките нормативи го остваруваат наставно-образовниот процес а примаат различни плати.
3. Разгледувајќи ја иницијативата Судот утврди дека оспорениот акт не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за кој Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува, затоа што со него не се регулираат односи во остварување на функцијата на јавното овластување на училиштето.
Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.350/95).