У.бр.34/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 6 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 3 став 3 од Законот за комунални такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 64/2004 и 92/2007).

2. Благуна Дранговска од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби со кои се регулирала наплатата на користење на улично осветлување не била во согласност со член 33 од Уставот, затоа што имателите на броило плаќале такса на ЕВН за користење на услуга за улично осветлување и за времето кога истата не ја користеле во објектите, како што се дуќаните, деловните простории, деловните објекти, куќите и становите во кои не живееле. Поради овие причини бара Уставниот суд на Република Македонија да ја укине наведената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 3 став 3 од Законот за комунални такси: „под корисник на јавно осветлување од став (1) точка 10 на овој член се подразбира секој имател на броило од категоријата домаќинство„ и секој имател на броило од категоријата „останата потрошувачка“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија, покрај другото ги утврдува и јавните давачки.

Со Законот за комунални такси се уредува комуналните такси што се плаќаат за користење на определени права, предмети и услуги од јавен интерес од локално значење од страна на правните и физички лица кои вршат дејност и од граѓаните.

Според член 3 став 1 точка 10 од Законот, комунални такси, меѓу другото, се плаќаат и за користење и одржување на јавно осветлување.

Во оспорениот член 3 став 3 е предвидено дека, под корисник на јавно осветлување од став 1 точка 10 на овој член се подразбира секој имател на броило од категоријата домаќинство и секој имател на броило од категоријата „останата потрошувачка“.

Според член 10 став 4 комунална такса од член 3 став 1 точка 10 на овој закон се плаќа месечно.

Според член 20 тарифен број 10 став 1 од Законот „за користење и одржување на јавно осветлување се плаќа комунална такса според типот на потрошувачката и тоа 0,4 KV (домаќинство), по 25 KW/h, 0,4 KV (објекти на трговски друштва и занаетчии по 500 KW), 10 KV по 100 KW/h, 35 KV по 150 KW/h и 110 KV по 300 KW/h, по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија.

Со оглед на тоа што оспорените одредби од Решението У.бр.23/2005 од јули 2005 година и Решението У.бр.236/2007 од 5 февруари 2008 година и во предметната иницијатива се оспоруваат од истите причини, Судот оцени дека во конкретниот случај не постојат основи за поинакво одлучување, односно дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на res judicata.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.34/2010
6 октомври 2010 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски