34/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 алинеја 8, член 20 алинеи 1 и 6 и член 22 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Републикка Македонија“ бр.92/2007).

2. Божна Гаговска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата се оспоруваат одредбите од член 17 алинеја 8, член 20 алинеи 1 и 6 и член 22 од Законот, како несогласни со членовите 11, 18 и 25 од Уставот. Ова од причини што во услови на висок процент на невработени во Република Македонија и тешка социјална ситуација каде вработените имале ниски примања, со оспорените одредби од Законот се регулирало собирање и следење на податоци за здравствената состојба и проверка и контрола на здравствената состојба на вработените од „овластена здравствена установа“ платена за таа работа од работодавачот. Меѓутоа, таквата законска определба овозможувала да се злоупотребуваат податоците со цел прогласување на измислени технолошки вишоци на работниците и нивно отпуштање од работа од здравствени причини. Поради тоа што Законот овозможил работодавачите да ја избираат и плаќаат овластената здравствена установа што ќе се грижела за здравјето на вработените, јасно било дека здравствената установа под влијание на работодавачот кој плаќал за услугите, можела да биде подложна на неговата волја во вршењето на работата, а на штета на работниците. Оспорените одредби од Законот го загрозувале личниот интегритет на работникот бидејќи работодавачот дирекно можел да ја следи неговата здравствена состојба и во врска со тоа да биде отпуштен од работа. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 17 алинеја 8 од Законот е предвидено дека работодавачот мора да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа особено со следење на здравствената состојба на вработените.

Според членот 20 алинеја 1 од Законот, примарна задача на овластената здравствена установа во зависност од видот на дејноста која ја врши работодавачот, како и видот и нивото на ризикот од повреди или нарушување на здравјето при работа се вршењето превентивни здравствени прегледи на вработените во согласност со посебните прописи, а во алинејата 6 од овој член од Законот е определено и водењето на евиденција и прибирање на податоци за здравјето на вработените во согласност со посебните прописи.

Според членот 22 од овој Закон, работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 18 месеци. Видот, начинот и обемот на здравствените прегледи поблиску ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на здравството, во согласност со министерот надлежен за работите од областа на трудот.

4. Согласно членот 11 ставови 1 и 2 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Се забранува секој облик на мачење, нечовечно или понижувачко однесување и казнување.

Според членот 18 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Согласно членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а согласно ставот 5, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Законот за безбедност и здравје при работа, со членот 1 уредил дека со овој закон се утврдуваат мерките за безбедност и здравје при работа, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа, како и превентивните мерки против професионалните ризици, отстранувањето на ризичните фактори за несреќа, информирање, консултирање, обука на работниците и нивните претставници и нивно учество во планирањето и преземањето на мерки за безбедност и здравје при работа.

Во Законот се содржани „основни одредби“ (членови 1-4); одредби за „општи обврски на работодавачот“ (членови 5-23); одредби за „други обврски на работодавачот“ (членови 24-36) кои се однесуваат на заштита од пожар, евакуација и спасување, информирање на работниците, претставник на работниците за безбедност и здравје при работа, обука на вработените, испитување на работното место, околината и средствата за работа и евиденција и извештаи; одредби за „права и обврски на вработените“ (членови 38-44); одредби за „совет за безбедност и здравје при работа“ (членови 43-44); одредби за „овластувања“ (членови 45-47); одредби за „надзор“ (членови 48-51); прекршочни одредби и преодни и завршни одредби (членови 52-64).

Во делот на одредбите од Законот кои се однесуваат на општите обврски на работодавачот, е уредено дека работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзани со работата. Во доменот на извршувањето на работните задачи и обврски, неспорно е дека за вработените е потребно да се обезбедат од страна на работодавачот, оптимални услови за безбедност и за заштита на здравјето на вработените. Законодавецот, во уредувањето на овие прашања кои се само дел од предметот на уредување од целината на Законот, меѓу другото регулирал со оспорената одредба од членот 17 алинеја 8, дека работодавачот мора да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа во кои е наброена како мерка и следењето на здравствената состојба на вработените, потоа со оспорените одредби од членот 20 алинеи 1 и 6, предвидел дека во набројаните примарни задачи на овластената здравствена установа се вршењето превентивни здравствени прегледи на вработените во согласност со посебни прописи, како и водење на евиденција и прибирање на податоци за здравјето на вработените во согласност со посебните прописи, и со оспорениот член 22 предвидел дека работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 18 месеца, а видот, начинот и обемот на здравствените прегледи поблиску ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на зддравството, во согласност со министерот надлежен за работите на трудот.

Оттука, со оспорените одредби се предвидени како обврски на работодавачот да обезбеди спроведување на конкретни мерки, да ангажира овластена здравствена установа која ќе има примарни задачи спрема неговите вработени лица, да обезбеди во зависност од видот на дејноста и видот и ризикот од повреди или нарушување на здравјето при работа здравствени прегледи и соодветно на тоа надлежниот министер со подзаконски акт да го уреди видот, начинот и обемот на здравствените прегледи. Според Судот тука не станува збор, самиот работодавач да ги врши мерките, дејствијата, следењето, информирањето на бројните активности од предметната материја уредена со Законот, туку во интерес на остварувањето на безбедност и здравје при работа на своите вработени да им овозможи достапност до реализацијата на тие цели во нивна корист и за нивните потреби, како индивидуален и колективен интерес, согласно уставните норми, а особено уставен основ за ваквата законска регулатива произлегува од членот 32 став 1 од Уставот со кој е утврдено правото на здравствена заштита при работењето и членот 39 од Уставот со кој на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита и граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Со оспорените одредби од членот 20 алинеи 1 и 6 од Законот, само се упатува дека во согласност со посебните прописи ќе се спроведувале здравствените прегледи и водењето на евиденцијата од страна на ангажираната здравствена установа, што значи со одредбите од овој закон поконкретно не се регулира предметната материја туку се упатува на други прописи кои посебно уредуваат за кој вид на дејност или видови на ризици и нарушувања на здравје при работа, се вршат превентивни здравствени прегледи во обем и ниво на кој со тие прописи конкретно е уредено, а тоа е предмет на уредување и операционализација во актот кој треба да го донесе надлежниот министер согласно членот 22 од Законот.

По однос на целисходноста и начинот на уредувањето на овие прашања во Законот за безбедност и здравје при работа и во однос на меѓусебната согласност со другите закони, на што се приговара во иницијативата, не е во надлежност на уставносудска оценка, ниту овој Суд е надлежен да ја цени потребата на донесувањето на овој закон како и дали предметот на уредување на овој закон веќе бил на одреден начин регулиран со други закони и прописи. Неосновани се и наводите во иницијативата дека со мерките, евиденцијата, ангажираната овластена здравствена установа и превентивните здравствени прегледи од страна на здравствената установа, како општи обврски на работодавачот со кои треба да се овозможи да се спроведуваат предметните активности за вработените, се нарушувал интегритетот на вработените, а здравствените податоци на вработените можеле да бидат злоупотебени од работодавачот. Ова поради тоа што одредбите од Законот се во насока на остварување дирекно на интересите на вработените, а не на работодавачот, при што треба да се има предвид дека тоа е воедно и финансиски товар на работодавачот за плаќање на услугите на ангажираната овластена здравствена установа, меѓутоа секако е во интерес и пошироко и на општествената заедница како за подигање на квалитетот не само на работната туку и на животните услови и средина на граѓаните. Податоците од вработените кои се евидентираат како резултат на превентивните здравствени прегледи не се податоци кои се наоѓаат кај работодавачот и однесувањето кон тие податоци е регулирано со друг закон – Законот за евиденција во областа на здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2009) со кој се обезбедени тие податоци во однос на нивното користење а во согласност со прописите за заштита на личните податоци. Имено, според членот 38 од овој закон, здравствените установи воспоставуват и одржуваат систем на безбедност што опфаќа мерки за обезбедување на безбедност на здравствените и личните податоци што ги поседуваат во согласност со овој закон и со прописите за заштита на личните податоци по однос на персоналот, студентите и надворешните соработници или други правни и физички лица, комуникациската инфраструктура и постапките за обработка на здравствените лични податоци, односно здравствената граѓа. Здравствените установи се должни да воспоставуваат и одржуват систем на безбедност во согласност со овој закон и со прописите за заштита на личните податоци и во случај на електронско работење што опфаќа мерки за обезбедување на безбедност на здравствените и личните податоци што ги поседуваат, соодветни на таквиот начин на работење. Оттука, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот и од аспект на овие наводи во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.34/2009
28 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски