У.бр.33/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 51 став 1 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ ПО-Скопје, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија и Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“, од 2006 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот со кој се бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Членот 20 од Правилникот за внатрешна организација, систематизација на работните места и исплата на плати при ЈП „Македонски шуми“ ПО-Скопје, донесен од Управниот одбор на наведеното претпријатие под бр.02-2142/1 од 17.11.1998 година и
– Одлуката за измена и дополнување на Правилникот за внатрешна организација, систематизација на работните места и исплата на плати, бр.02-2588/2 од 25.11.2005 година.

3. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Колективниот договор, Правилникот и Одлуката означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата во членот 51 став 1 од Колективниот договор било предвидено дека основната плата за одделни работни места се определува така што најниската плата се множи со вкупниот коефициент, при што се добивала бодна ставка за секое работно место, која е утврдена во органограмот Аналитичка проценка од Правилникот за внатрешна организација, систематизација и исплата на плати на ЈП „Македонски шуми“. Оспорениот дел немал основ во Уставот и во Законот за работните односи. Имено, според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори од каде платите и надоместоците на плати не можеле да се утврдуваат со правилник на работодавачот. Истото произлегувало и од членот 1 од Законот за работните односи, според кој, со овој закон се уредуваат работните односи помеѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување, а работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување, а не со правилник, како што било во овој случај.

Потоа се цитираат член 12 став 2 од Законот за работните односи, според кој, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветните одредби од закон. Во ставот 4 од истиот член од Законот е определено дека, правата од работен однос утврдени со Устав, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачите. Меѓутоа, со оспорениот дел од членот 51 став 1 од Колективниот договор и со членот 20 од Правилникот се одземале и ограничувале правата од работен однос во „Македонски шуми“, утврдени со Уставот и Законот за работните односи, што било недозволиво.

Во членовите 105 до 115 од главата „VIII.-Плаќање на работата“ од Законот за работните односи биле уредени прашањата за плаќање на работата на вработените во јавниот и во приватниот сектор. Така, според членот 105 став 1 од Законот, работникот има право на заработувачка-плата, согласно со закон, колективен договор и договор за вработување. Согласно ставот 3 од истиот член од Законот, платата е составена од основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено. Основната плата, согласно членот 106 став 1 од истиот закон, се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување.

Според оспорениот член 20 од Правилникот, платата на работниците, кои ќе бидат распоредени на работните места за кои немаат соодветна стручна спрема предвидена со овој правилник, ќе се корегира така што платата на работниците што имаат повисока стручна спрема од онаа што е предвидена за тоа работно место на кое се распоредени, се зголемува за 10%, а платата на работниците што имаат понизок степен на стручна спрема од онаа што е предвидена за работното место на кое се распоредени, ќе се намали за 10%. Ваквото решение создавало можност за иста работа, на исто работно место, да се остварува различна основна плата и тоа не како резултат на работата, туку како резултат на различни степени на образование на работникот, што значело воведување нееднаквост помеѓу работниците пред Уставот и Законот за работните односи. Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека и оспорениот член 20 од Правилникот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставови 2 и 3, член 51 и член 54 став 1 од Уставот и со членот 12 ставови 2 и 3 од Законот за работните односи.

Во иницијативата се посочува на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.16/2008 од 02.07.2008 година со која е укинат членот 15 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија во кој било предвидено дека на работниците од став 4 на овој член кои се распоредени на работни места за кои е предвиден повисок степен на образование, основната плата може да им се намали согласно грански колективен договор.

Со оглед на наведеното подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел од членот 51 став 1 од Колективниот договор и членот 20 од Правилникот не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 32 ставови 2 и 3, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и со член 1, член 12 ставови 2 и 4 и членовите 105-115 од Законот за работните односи.

Имајќи го предвид наведеното, подносителот на иниција-тивата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби, а потоа истите да ги поништи. Воедно се предлага и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија кои се преземаат врз основа на оспорените одредби, а како би можеле да настанат тешко отстранливи и ненaдоместливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека во 2006 година Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија, претставувани од претседателот на Синдикатот на ЈП за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ П.О.-Скопје и Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми„ П.О.-Скопје, претставувано од претседателот на Управниот одбор на директори, согласно членовите 1 став 2, 203, 206, 210 и 219 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) склучиле Колективен договор за работниците во наведеното јавно претпријатие.

Во делот 1.1. Основна плата, член 51 став 1 од Колективниот договор е утврдено дека основната плата за одделни работни места се определува така што најниската плата се множи со вкупниот коефициент, при што се добива бодна ставка за секое работно место, која е утврдена во органограмот Аналитичка проценка од Правилникот за внатрешна организација, систематизација и исплата на плати на ЈП „Македонски шуми“.

Според ставот 2 од истиот член од Колективниот договор, номиналната вредност на платата се утврдува така што бодната ставка се множи со вредноста на бодот.

Одредбата се оспорува во делот: „која е утврдена во органограмот Аналитичка проценка од Правилникот за внатрешна организација, систематизација и исплата на плати на ЈП „Македонски шуми“.“

Правилникот за внатрешна организација, систематизација на работните места и исплата на платите при ЈП „Македонски шуми“-П.О.-Скопје е донесен врз основа на член 14, 28 став 1 точка 10 и член 52 од Статутот на Претпријатието. Овој акт е заведен под бр.02-21411 од 17.11.1998 година.

Во членот 20 од Правилникот е предвидено дека, платата на работниците, кои ќе бидат распоредени на работни места за кои немаат соодветна стручна спрема предвидена со овој правилник, ќе се корегира така што платата на работниците што имаат повисока стручна спрема од онаа што е предвидена за тоа работно место на кое се распоредени, се зголемува за 10%, а платата на работниците што имаат понизок степен на стручна спрема од онаа што е предвидена за тоа работно место на кое се распоредени, ќе се намали за 10%.

Наведениот Правилник е изменет и дополнет со оспорената Одлука за изменување и дополнување на Правилникот за внатрешна организација, систематизација на работните места и исплата на плати, која одлука носи бр.02-2588/2 од 25.11.2005 година. Со наведената одлука не се направени интервенции по однос на оспорениот член 20 од Правилникот.

По поднесување на иницијативата ЈП „Македонски шуми“-Скопје донело Правилник за систематизација на работните места при наведеното претпријатие бр.02-887/1 од 09.09.2015 година. Во членот 19 од овој правилник е предвидено дека со влегувањето во сила на новиот правилник, меѓу другите, престанува да важи и горе споменатата оспорена одлука. Во новиот правилник, како целина и особено во членот 19 кој го уредува престанокот на важење на претходно донесените акти од ист вид, оспорениот правилник не е означен како акт кој престанува да важи.

Новиот правилник, согласно неговиот член 20, влегува во сила со неговото донесување (09.09.2015), а се применува по добивањето на согласност од Министерството за информатичко општество и администрација. Писмената согласност е заведена под број 13/2-3419/3 од 11.09.2015 година, од кога новиот правилник е влезен во сила и е во примена.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Вработените во Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“-Скопје имаат статус на админи-стративни службеници, даватели на услуги и помошно-технички лица, кое нешто произлегува од дадениот одговор на иницијативата бр.03-5/607-1 од 24.04.2015 година.

Според тоа, по однос на прашањата покренати во иницијативата од значење се одредбите од Законот за администра-тивните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014), како и од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 и 199/2014).

Во членот 4 став 1 од Законот за административните службеници е предвидено дека со Законот за административните службеници се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Според ставот 5 од истиот член од Законот, за прашањата кои се однесуваат на работниот однос на административните службеници, а кои не се уредени со овој закон, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.

Од анализата на содржината на членот 4 став 5 од Законот за административните службеници, како и од анализата на содржината на останатите одредби од наведениот закон произлегува дека по однос на административните службеници во целост се уредени прашањата поврзани со класификацијата, категориите и нивоата на работните места (членови 21-29), како и прашањата поврзани со платата и надоместоците на плата (членови 85-97). Оттаму, произлегува заклучокот дека во правниот поредок на Република Македонија, по однос на административните службеници од ЈП „Македонски шуми“ постои целосна законска уреденост по однос на компонентите на платата, вредноста на бодот, додатоците и други надоместоци на плата.

Во членот 17 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор е определено дека, со актот за внатрешната организација, за секоја институција на јавниот сектор, се утврдува видот и бројот на организациските единици и нивниот делокруг на работа, при што составен дел е графичкиот приказ на организацијата на институцијата (органограм).

Подносителот на иницијативата, меѓу другото го оспорува членот 20 од Правилникот за внатрешна организација, системати-зација на работните места и исплата на плати при ЈП „Македонски шуми“ ПО-Скопје донесен од во 1998 година, како и Одлуката за измена и дополнување на наведениот правилникот донесена на 25.11.2005 година.

Според оцена на Судот постојат правни пречки за одлучување по овој дел од иницијативата поради настанати промени во фактичката и правната состојба кои датираат по поднесувањето на иницијативата.

Имено, ЈП „Македонски шуми“-Скопје донело нов Правилник за систематизација на работните места на 09.09.2015 година, кој влегол во сила на 11.09.2015 година кога е добиена согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација.

Во членот 19 од новиот правилник е предвидено дека со неговото влегување во сила, меѓу другите, престанува да важи и горе споменатата оспорена одлука, што значи таа повеќе не е дел од правниот поредок од кои причини и не може да биде предмет на уставно-судска анализа.

Во новиот правилник, како целина и особено во членот 19, кој го уредува престанокот на важење на претходно донесените акти од ист вид, оспорениот Правилник не е означен како акт кој престанува да важи. Меѓутоа, целосната уреденост на прашањата поврзани со платата на вработените во ЈП „Македонски шуми“ со наведените закони довела до фактичко дерогирање на одредбите за плата од Правилникот донесен 1998 година. Исто така, со новата систематизација на работните места според Правилникот од септември 2015 година дошло до фактичка дерогација на одредбите за систематизација од оспорениот правилник (1998). Во правец на престанок на важење на оспорениот правилник е и дописот на ЈП„Македонски шуми“ бр.03-5/607-2 од 11.11.2015 година, со кој, меѓу другото го известуваат Судот за новата правна уреденост и престанок на важење на оспорениот правилник.

Според наведеното произлегува дека не само оспорената одлука од 2005 година, туку и Правилникот за внатрешна организација, систематизација на работните места и исплата на плати при ЈП „Македонски шуми“ ПО-Скопје донесен во 1998 година повеќе не се дел од правниот поредок од каде не можат да бидат предмет на уставно-судска оцена, поради што се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата по однос на овие оспорени акти.

Од друга страна, престанокот на важење на оспорениот правилник и новиот концепт на утврдување на платите според одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, наспроти она што е уредено во целината на членот 51 став 1 од Колективниот договор наметнува потреба од изразување на сомнение по однос на неговата согласност со Уставот и со наведените закони, не само по однос на оспорениот дел, туку и по однос на целината.

Ова од причина што упатувањето во оспорениот член 51 став 1 од Колективниот договор на бодна ставка за секое работно место утврдена во органограмот Аналитичка проценка од Правилникот за внатрешна организација, систематизација и исплата на плати на ЈП „Македонски шуми“ претставува упатување на непостоечки акт што може да доведе до правна несигурност или пак правна забуна во примената, кое нешто е во спротивност со владеењето на правото, како темелна вредност од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, сегашниот модел на утврдување на платите не познава пресметка на платите според коефициенти како што е предвидено во целината на членот 51 став 1 од Колективниот договор, од каде произлегува дека оваа одредба не е усогласена со начинот на пресметка на платите во наведените, актуелни законски одредби.

Врз основа на наведеното произлегува дека не само оспорениот дел, туку и целината на членот 51 став 1 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ ПО-Скопје, може да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

Судот имајќи го предвид сето наведено оцени дека не се исполнети условите за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.33/2015
23 декември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева