33/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување повисок процент на усогласување на пензиите во Република Македонија за 2008 година, донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 16/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје и Слободан Тошевски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата Стамен Филипов, Уставот и Законот за пензиското и инвалидското осигурување не предвидувале можност Владата со свој акт да врши категоризација на корисниците на пензија во зависност од износот на остварената пензија и врз тој основ да определува повисок процент на усогласување на пензиите, поради што Одлуката не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9, член 34, член 51 и член 91 алинеите 1 и 5 од Уставот, како и со член 4 и член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според подносителот на иницијативата Слободан Тошевски, оспорената одлука била спротивна на член 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 153/2007), затоа што предвидувала повисок процент на усогласување на пензиите врз основа на висината на остварената пензија, a не врз основа на движењето на индексот на трошоците на живот и движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија како што регулирал член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и затоа што воведувала четири проценти на усогласување на пензијата, a не еден, единствен процент за сите корисници на пензија, со што Владата дискриминирала еден дел од граѓаните (граѓаните со поголем износ на остварена пензија добивале помал процент на усогласеност на пензијата) што било во спротивност со член 9 од Уставот слоред кој граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Поради наведеното, оспорената одлука не била во согласност со член 9 и член 51 од Уставот и била во спротивност со членовите 37 и 59 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, поради што се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија, врз основа на член 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/2007), на седницата одржана на 29 јануари 2008 година, донела Одлука за утврдување повисок процент на усогласување на пензиите во Република Македонија за 2008 година.

Според член 1 на Одлуката, сo оваа одлука се утврдува повисок процент на усогласување на пензиите за 2008 година од процентот утврден во член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според член 2 на Одлуката, зголемувањето на пензиите ќе се изврши во зависност од износот на остварената пензија и тоа:
– за корисници на пензија со остварена пензија до 6000,00 денари
– за корисници на пензија со остварена пензија над 6000,00 денари до 10.800,00 денари;
– за корисници на пензија со остварена пензија над 10.800,00 денари до 15.000,00 денари и
– за корисници на пензија со остварена пензија над 15.000,00 денари.

Според член 3 од Одлуката, повисокиот процент на усогласување на пензиите се определува во висина од:

-13,15% за корисници на пензија со остварена пензија до 6000,00 денари;
– 8,3% за корисници на пензија со остварена пензија над 6000,00 денари до 10.800,00 денари;
– 5,4% за корисници на пензија со остварена пензија над 10.800,00 денари до 15.000,00 денари и
– 3,4% за корисници на пензија со остварена пензија над 15.000,00 денари.

Согласно член 4 од Одлуката, средставата за исплата на повисокиот процент на усогласување на пензиите согласно член 3 од оваа одлука ќе се обезбедат од Буџетот на Република Македонија.

Според член 5 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, a ќе се применува од 1 јануари 2008 година.

Одлуката е заведена под број 19-604/1 од 29 јануари 2008 година и објавена во „Службен весник на Република Македонија” бр. 16/2008.

4. Според основните одредби на Уставот, Република Македонија, покрај другото, е определена како социјална држава, a како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Co цел да се остварат овие уставни претпоставки, во член 34 од Уставот се гарантира правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кои се утврдуваат со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалнита сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, a видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Co овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).

Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во член 5 од Законот, и тоа:

1)право на старосна пензија; 2)право на инвалидска пензија;
3)професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;
4)право на семејна пензија;
5)право на паричен надоместок за телесно оштетување; 6)право на најнизок износ на пензија.

Согласно член 37 став 1 од овој закон, усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%. Пензијата од став 1 на овој член се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на движењето на индексот на трошоците на животот во претходното полугодие и процентот на движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во предходното полугодие во однос на полугодието кое му предходи.

Според член 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 153/2007), од 1 јануари и од 1 јули секоја година, a до 31 декември 2009 година, Владата на Република Македонија може да утврди повисок процент на усогласување на пензиите од процентот на усогласување утврден согласно со членот 37 од овој закон.

Co оваа одредба законодавецот утврдил правен основ Владата, во период од две години, да определува повисок процент на усогласување на пензиите од процентот на редовното усогласување на пензиите определен со Законот, со цел да се ублажи состојбата предизвикана од фактот дека секоја година учеството на просечната пензија во однос на просечната плата се намалува со што се намалува реалната вредност на пензијата. Имено, според податоците од мислењето на Владата на Република Македонија, доставено до Уставниот суд на Република Македонија, како одговор на иницијативата (акт на Владата бр. 19-1407/1 од 23.03.2008 година), платите во однос на пензиите, во периодот 2004-2007 година биле зголемени за околу 15% повеќе од порастот на пензиите што за истиот период изнесувал 6%.

Co оспорената одлука, Владата на Република Македонија, врз основа на претходно наведениот член 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, утврдила повисок процент на усогласување на пензиите во Република Македонија за 2008 година, со тоа што зголемувањето на пензиите определила дека ќе се извршува во зависност од износот на остварената пензија, поради што определила четири категории на остварена пензија, па во зависност од остварената пензија, за секоја од овие четири категории остварена пензија го определила повисокиот процент на усогласување на пензиите.

Наводите во иницијативата за спротивноста на Одлуката со Уставот и Законот за пензиското и инвалидското осигурување поради тоа што основата за утврдување повисок процент на усогласувањето на пензиите претставува износот на остварената пензија, a не движењето на индексот на трошоците на живот и движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија, како што е утврдено во член 37 од Законот, Судот ги оцени како неосновани.

Ова од причина што согласно член 59 од Законот за изменување и дололнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Владата на Република Македонија е овластена да може да утврди повисок процент на усогласување на пензиите од процентот на усогласување утврден согласно со член 37 од Законот, од каде произлегува дека законодавецот ја овластил Владата, да може да утврди повисок процент за усогласување на пензиите од процентот до кој се доаѓа со примената на членот 37 од Законот, но притоа и препуштил на Владата да го утврди механизмот за пресметка на повисокиот процент. Тоа значи дека Владата, при утврдувањето на повисокиот процент за усогласување на пензиите, треба да го има предвид процентот за усогласување на пензиите пресметан според член 37 од Законот, но само како податок за тоа над кој износ може да го определи поголемиот процент за усогласување на пензиите. Освен тоа, критериумите од член 37 на Законот, се применети при редовното усогласување на пензиите, a интенцијата на законодавецот била да се зголемат пензиите над тој износ, што е единствено можно со примена на друг критериум, различен од веќе применетиот.
Имајќи предвид дека, согласно член 3 од оспорената одлука, средствата за исплата на вака пресметаниот поголем процент на усогласување на пензиите се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, од една страна, како и местото и улогата на Владата во организацијата на државната власт, која како носител на извршната власт е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи врз основа и во рамките на Уставот и законите, од друга страна, Судот оцени дека овластувањето на Владата да утврди повисок процент на усогласување на пензиите за 2008 година, подразбира право Владата да утврди соодветен критериум за пресметка на повисокиот процент и право да го утврди самиот процент, водејќи сметка за обезбедување на социјалната сигурност и социјалната заштита на граѓаните, во рамките на материјалните и финансиските средства со кои располага државата и во рамките на системот за пензиско и инвалидско осигурување утврден со Законот. Поради тоа, според Судот, определувањето на износот на остварената пензија како критериум од кој ќе зависи зголемувањето на пензијата за 2008 година, не е во спротивност со одредбите на Законот за пензиското и инвалидското осигурување на кои се повикува иницијативата.
Меѓутоа, утврдувањето со Одлуката на четири катрегории на остварена пензија и во таа смисла, утврдување на различни проценти на усогласување на пензиите, во зависност од остварената пензија, според Судот, може да го доведе во прашање системот на утврдување и остварување на пензиите утврден со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Имено, според член 19 став 1 од овој закон, старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, a најрано од 1 јануари 1970 година. За утврдување на пензиската основа според член 21 од Законот, се земаат платите, паричните надоместоци, односно основиците на осигурување што осигуреникот ги остварил во согласност со општ акт на работодавецот усогласен со колективниот договор и со закон.

Според член 33 став 1 од овој закон, старосната пензија за осигурениците опфатени со задолжително калитално финансирано пензиско осигурување се утврдува од пензиската основа во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж која за секоја година пензиски стаж изнесува 0,75% (маж), односно 0,86% (жена) од пензиската основа, a за пензиски стаж пократок од 1 година, a најмалку шест месеци изнесува 0,375 % (маж), односно 0,43% (жена) од пензиската основа.

Усогласувањето на старосната пензија, согласно член 37 став 1 од овој закон, се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%.
Од наведената законска регулатива произлегува дека законодавецот утврдил систем според кој се утврдува пензијата во моментот на стекнувањето, како и систем за усогласување на пензијата според движењето на индексот на трошоците на животот и според просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија, од каде може да се констатира дека законодавецот имал единствен и ист пристап кон начинот на пресметување на пензиите за сите осигуреници (при утврдување на пензиската основа) и единствен и ист принцип кон усогласувањето на пензиите на сите корисници (исти критериуми и единствен процент за усогласување).
Имајќи го предвид наведеното, според Судот, овластувањето на Владата утврдено во член 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување треба да се подразбере како можност за дополнително усогласување на пензиите во повисок износ од законски пресметаниот, но се смета дека тоа треба да се спроведе на начин кој нема да го руши законски утврдениот систем на стекнување и остварување на пензија. Ова особено затоа што станува збор за зголемување на пензијата, како право од пензиското и инвалидското осигурување кое се остварува во согласност со закон, a не како социјална помош која државата ја пружа на лицата со ниски примања – пензии.
Co оглед дека со различните проценти на усогласување на пензиите во зависност од износот на остварената пензија, како што е определено во оспорената одлука, се отстапува од законски утврдениот систем на пресметување и остварување на пензијата, Судот оцени дека ваквото решение во Одлуката основано може да се доведе под сомнение во однос на согласноста со член 9 и член 51 од Уставот, како и со одредбите на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.33/2008
29 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски