325/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 декември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Програмата за комунално уредување на градежно неизградено земјиште на Град Стгруга и комунално уредување на селските населби во Општина Струга за 1995 година донесена од Собранието на општината на 29 мај 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Иво Поповски, Трајче Димов и други граѓани од Струга му поднесоа барање за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Оспорената програма не е во согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија затоа што таа има повратно дејство, и затоа што во член 7 точка 1 од Програмата висината на надоместокот што се плаќа по м2 за доделено земјиште за поставување на времени објекти е превисоко утврдено.
3. На седницата Судот утврди дека на 29 мај 1995 година Собранието на Општина Струга ја донело оспорената програма со која се регулираат прашањата кои се однесуваат на подрачјето на уредувањето и одржувањето на градежното земјиште, степенот на уредувањето и опремувањето на просторот, ориентационата пресметка и трошоците, извори на финансирање, тарифа на просечните трошоци и друго.
Понатаму, Судот утврди дека на 29 мај 1995 година Собранието на општината донело решение за потврдување на Програмата за комунално уредување на градежнонеизградено земјиште на град Струга и комунално уредување на селските населби во општината, со кое решение се потврдува донесената програма.
Во точка 2 од решението е предвидено дека ова решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Струга”.
Исто така, Судот утврди дека оспорената програма и Решението за потврдување на програмата се објавени во “Службен гласник на општина Струга” на 29 мај 1995 година односно истиот ден кога тие се и донесени.
Воедно Судот утврди дека во точката 7 од Програмата е утврдена висината на надоместокот за доделено земјиште за поставување на времени објекти киосци, бутици, монтажни објекти, шанкови и слично по м2.
Висината на надоместокот е утврден врз основа на тоа во која зона е поставен или треба да се постави времениот објект на која улица, за која намена се користи и други фактори кои влијаат на висината на надоместокот.
4. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Од изнесеното произлегува дека прописите мора најнапред да се објават, па потоа да влезат во сила при што Уставот не го определил временскиот период меѓу објавувањето и влегувањето во сила.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај оспорената програма е објавена истиот ден кога е и донесена (донесена на 29 мај 1995 година и објавена на 29 мај 1995 година) Судот смета дека не може да стане збор за нејзино ретроактивно дејство.
5. Во однос на барањето во иницијативата Судот да ја оцени уставноста и законитоста на Програмата од аспект на висината на надоместокот за доделено земјиште за времени објекти, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува по тоа прашање.
Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.325/95).